Почна вежбата „Seven stars 22“ во организација на Командата на бригадата за Југоисточна Европа
Kомандата на бригадата за Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ), што е стационирана во Република Македонија, од денеска почна со реализација на компјутерски асистираната вежба „Seven stars 2022“, која се одржува секоја втора година и е една од главните активности за обука на СЕЕБРИГ.
Оваа вежба од меѓународен карактер, соопштија од ГШ на Армијата, има за цел подобрување на оперативните способности на Командата на бригадата и придодадените единици во состав на бригадата, со цел подобрување на интероперабилноста при учество во операции за поддршка на мирот, хуманитарни асистенции и операции за одговор при катастрофи.
На вежбата, што ќе се изведува до 10 октомври со целосна поддршка на Армијата на Република Македонија, ќе учествуваат повеќе од 200 цивилни и воени припадници на земјите членки на СЕЕБРИГ, како и набљудувачи од НАТО командите за брзо распоредување во Грција и Турција, ОБСЕ и слични мултинационални команди.
– Во текот на вежбата ќе се извежбуваат НАТО процедури при командување и контрола помеѓу командата и придодадените единици во состав на СЕЕБРИГ, преку компјутерски симулирани вежби и вежби на карта во Центарот за симулација во составот на Командата за обука и доктрини во касарната „Алексо Дамниевски Бауман“ во Велес, како и на армиските капацитети во касарната „Боро Менков“ во Куманово и армискиот полигон „Криволак“, појаснуваат од ГШ на Армијата.
Во предвидените активности на вежбата на Денот за високи гости, што ќе се одржи на 6-ти октомври на АП Криволак, ќе биде прикажана и теренска вежба која ќе биде динамична демонстрација на активности на тактичко ниво на придодадената единица на СЕЕБРИГ од составот на Армијата на земјата домаќин.
Со Вежбата „Seven stars 2022“ се зајакнуваат способностите на СЕЕБРИГ за соработка и стабилност во Југоисточна Европа и воедно се демонстрира подготвеноста за учество во операции за поддршка на мирот во случај на барање на Обединетите нации и ОБСЕ.
Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на Договорот за регионална соработка на полето на одбраната, познат како Договор за мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), кој во 1998 година во Скопје го потпишаа министрите за одбрана на: Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Македонија, Романија и Турција.
Локацијата на Командата на СЕЕБРИГ, која е на ротациона основа, е во касарната „Боро Менков“ во Куманово во период од 2020-2026 година, со што Армијата на Република Македонија покрај учеството на свои единици и штабни старешини во СЕЕБРИГ се покажува како одговорен домаќин во овој шестгодишен период.
Единиците кои се назначени во бригадата остануваат на своите постојани домашни базични локации и се обврзани со принципот на наменски сили за вежби и операции по одлука на земјите учеснички и соодветната директива од Политичко-воениот управен комитет (ПВУК).
Позицијата командант на СЕЕБРИГ ротира помеѓу земјите учеснички, на тригодишен период.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Северна Кореја го осуди упадот на Украина…
Северна Кореја остро го осуди упадот на…
Тепачка во РЕК Битола, интервенирала полицијата
На 17.08.2024 во 19.50 часот во СВР…
(Фото) Тешка сообраќајна несреќа на Стража –…
До редакцијата на Инфомакс пристигнаа фотографии од…
Речиси 500 мигранти го преминаа Ла Манш…
Вкупно 492 во девет чамци денеска го…
Нападнал полицајци, заврши со кривична пријава
СВР Скопје поднесе кривична пријава против И.И.(58)…