По десет години затвор во Шпанија, водачот на Земунскиот клан пристигна во Белград!

t

Вечерва после 20:00 часот на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ слета авион од Шпанија во кој се наоѓаше водачот на Земунскиот клан, Лука Бојовиќ, пренесе „Нова.рс“.

Бојовиќ по отслужувањето на 10-годишната затворска казна во Шпанија се врати во родната Србија, каде како водач на криминална група беше осуден на вкупно 18 години затвор. Бојовиќ беше ослободен откако отслужи нешто повеќе од половина од казната.

Против Бојовиќ, како што е познато, во Србија нема ниту една кривична постапка. Но, тој мора да помине низ одредена процедура за да му бидат издадени нови документи и ќе оди во полиција за идентификација.

„Нова.рс“ неофицијално дознава дека полицијата ќе го предупреди Бојовиќ дека неговата безбедност е загрозена.

Од медиумот потсетуваат дека Бојовиќ во телефонски разговор со пријател пред неколку години рекол дека никогаш нема да се врати во Србија.

„Не ми паѓа на памет никогаш да се вратам во Србија, иако таму сега сум слободен човек. Во Белград може да ме вратат само во ковчег. Никогаш нема да се вратам во мојата земја, многу сум разочаран, ништо не ме врзува веќе во Србија, за мене таму веќе нема живот“, изјавил тогаш Бојовиќ.

На својот пријател му рекол и дека е среќен што е слободен човек во Србија бидејќи докажал дека не е криминалец, и дека неговото семејство е во Шпанија и дека сака да продолжи да живее таму кога ќе излезе од затвор.

Во 2010 година, белградското обвинителство за организиран криминал поднесе обвинение против Бојовиќ. Во обвинението се наведува дека тој бил на чело на Земунскиот клан по убиството на Душан Спасојевиќ и Мила Луковиќ Кум, кои дотогаш биле водачи на „кланот“. Обвинителството изјави дека Бојовиќ ја консолидирал својата власт по апсењето на Милорад Улемек Легија.

Тогаш беше обвинет за убиство на Бранко Јефтовиќ Хорхе во 2004 година и за обид за убиство на Андрија Драшковиќ и Зоран Недовиќ Шток. Тогаш биле убиени нивните телохранители. Во обвинението се наведува дека Бојовиќ ги обвинувал Драшковиќ и Недовиќ за убиството на неговиот пријател Жељко Ражнатовиќ Аркан.

Високиот суд во Белград нареди повлекување на налогот за апсење на Бојовиќ бидејќи Специјалниот суд во Белград го ослободи од сите обвиненија во 2015 година поради недостиг на докази. Таа пресуда ја потврди и Апелациониот суд.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ