Рамазан – светиот месец на муслиманите: Постот е задолжителен за сите верници за нивно физичко и душевно прочистување

t

За верниците од исламска вероисповед сè уште трае 30-дневниот рамазански пост, период во кој тие од изгрејсонце до зајдисонце се воздржуваат од јадење и пиење. Рамазан е деветтиот месец во исламскиот календар. Според исламската религија, постот, кој е еден од исламските столбови, е задолжителен за сите верници за нивно физичко и душевно прочистување. Верниците мора да се воздржуваат од лоши зборови и дела со цел општо човечко прочистување. Постењето е верска обврска за секој полнолетен, здрав муслимански верник, но не е обврзувачки за болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа. Почетокот на Рамазан секоја година се поместува за 10 дена наназад, односно во престапните години за 11 дена, во однос на претходната година, поради разликата помеѓу исламскиот и грегоријанскиот календар.

Садуш Тахири, оџа во Новата џамија во Чаир, во изјава за МИА објаснува дека зборот пост значи воздржување од јадење и пиење, но ова е само едната димензија од постот, бидејќи тој значи и потполно молчење на човекот. Втората димензија е духовното и физичкото воздигнување, кое го забележува човекот. Тој потенцира дека зборот пост значи воздигнување и доколку не сме постигнале воздигнување за време на постот, тогаш постот ќе биде нецелосен.

Посочи дека постот датира од втората година од Хиџра (исламски календар) од преселбата на Пророкот, но, вели, тоа не значи дека постот не постоел од првиот ден од кога бил создаден првиот човек.

– Постот го има и кај другите народи во различни облици и фази, сè додека Семоќниот Бог не го заврши со доаѓањето на пророкот Мухамед а.с. на 30 дена во кои муслиманите во целост се чувствуваат исполнети и им посветуваат посебна важност. Постот во себе содржи една многу посебна светлина, содржи мирис или да речеме мошус, кој не може да се опише, особено во последно време кога светот е веќе потопен во океаните на темнината поради кои повеќе не се гледаме ниту самите себеси, постот нè прави да се видиме себеси. Постот прави да бараме мир во светот, да им дадеме правда на луѓето. Постот прави луѓето да сфатат дека живеат со нас во мир и ние сме само за мир и безбедност во светот. Ова е постот, вели оџата Тахири во разговор за МИА.

Тој потенцира дека во текот на постењето забележуваме дека во нашето тело се случува промена, и тоа од космички аспект, бидејќи, како што вели, во тој период и вселената се менува.

– За време на постот забележуваме дека мислите ни се поинакви, душата ни е поразлична, речиси и поинаку гледаме, понекогаш дури и малку поинаку размислуваме. Постот е една светлина, која 30 дена нè прави да се преродиме од еден ембрион што го нарекуваме Куран или Божја книга, особено во Ноќта Кадр, ноќта на објавувањето на светата книга Куран, станува уште појасно кои сме и што сме. Бог во Куранот вели: „Бојата на Бог, има ли некој што бои подобро од Бога? Оваа божествена боја не се однесува само на нас муслиманите, туку оваа божествена боја важи и за сите луѓе низ светот.“ Чудно е како нашето тело може спонтано да открие дека доаѓа постот. Каква е оваа претподготовка пред да дојдат деновите на постот? Зошто ни се случува целосна трансформација? Зошто светот е помирен? Не само човечкиот свет, туку и светот на другите суштества. Оти Бог во Куранот рекол: „Бог со вас што постите го сака олеснувањето.“ Освен за муслиманите што имаат придобивка од постот и немуслиманите имаат поголема придобивка отколку што имаат самите муслимани, вели оџата.

Во меѓувреме, посочува тој, постот за муслиманите е да им се докаже на луѓето дека се повоздигнати, потивки, попродуктивни, многу посмирени, поправедни или покоректни.

– Ако постот не те натерал малку да замолчиш, да се вратиме на самите себе, да ја закоравиме волјата, да ја закоравиме нашата душа и нашиот живот за по Рамазан да бидеме уште подобри, тогаш значи дека имаме проблем со себе. Треба да се запрашаме дали навистина ќе почнеме да постиме како што треба. Овој пост им припаѓа на сите човечки суштества, затоа не постат само луѓето, постат и растителниот и животинскиот свет, постат и на други планети, за кои ние не знаеме. Но, главно, ние се приклучуваме на тој ред, затоа што како Бог сега ни вели: „О, човеку, ти си во редот на сите суштества, кои ме почитуваат и никако не излегуваат од тој ред, зошто ти стануваш тој што го нарушува мојот космички поредок што јас го создадов?“ Кога постиме, како да сме во редот на сите суштества кои се покоруваат на возвишениот Алах, рече Тахири.

Оџата Тахири објаснуваше и за значењето на 27. ноќ на постот, односно денот кога е објавена светата книга Куранот.

– За време на постот се случиле многу работи во историјата – победи, а ние муслиманите 27. ноќ на постот ја очекуваме со голема возвишеност низ светот. Во оваа ноќ се отворија рајските порти и Бог се запозна со човекот, и тоа со првиот збор икре – читај. Тоа беше ангелската прегратка, прегратката на Гаврил (во исламот тој му го открил/дал Куранот на пророкот Мухамед), кој го прегрнал нашиот Пророк со првиот збор, со кој се запознавале „Читај Мухамед“ и сега животот продолжува поинаку. Нема повеќе живот без читање, без учење и без образование. Тоа е сè што нас нè прави постот да биде, рече оџата Тахири.

Овој месец е и добар повод за наше помирување, за пружање помош на оние кои имаат потреба – особено на сиромашните и изнемоштените, бидејќи само така ќе бидеме поблиску до задоволството и простувањето на семоќниот Алах.

За време на рамазанските пости и овој месец на солидарноста, низ Скопската чаршија се поставуваат бесплатни ифтари за ранливите категории граѓани – сиромашните и изнемоштените. Екипата на МИА посети еден пункт на една невладина организација, која овозможува вакви ифтари.

Арсим Лесковица, еден од организаторите на „Ифтарска софра“, ни објасни дека годинава 11-ти пат по ред организираат бесплатни ифтари во чаршијата, на кои дневно имаат по сто верници.

– Моментално сме во ресторанот „Блаца“ во Скопската чаршија. Неслучајно го избравме ова место, ова е уличка во чаршијата, која не го попречува главниот пат и направивме традиција на соработка со сопствениците на ресторанот. Во овој ресторан служиме приближно три илјади ифтари за еден месец. Секојдневно во ресторанот се служи ифтар за приближно 100 луѓе, но не заборавајќи дека за жителите од скопската населба Дижон се испраќаат уште 50 пакети со храна. Причината зошто повеќе не можеме да се шириме е фактот што сме ограничени во средствата и не ни се обезбедени предвреме, потенцира тој.

Лесковица ни рече дека посакува да им се повтори успехот од 2019 година, пред да настане пандемијата на коронавирусот, кога биле послужени вкупно 5.200 ифтари за време на рамазанската трпеза – од кои три илјади се поставени во ресторанот, а две илјади биле пакети со храна што биле испратени за граѓаните во населбата Дижон.

– Наша надеж е во иднина да ја прошириме „Ифтарската софра“ со оглед на тоа што потребата е голема. Сакаме да ја прошириме дејноста со испраќањето на храната во пакувана форма и во другите населби на Град Скопје, вели Лесковица.

За време на овој свет муслимански месец, најголема е радоста и среќата кај најмалите – децата, кои со нетрпение излегуваат низ улиците по маалата или пред некоја блиска џамија и го чекаат светкањето на светилките на минарето и пеењето на оџата, кои фактички го означуваат и завршувањето на постот.

По ифтарската вечера, верниците во џамии клањаат терави намаз и се одржуваат предавања на оџи, имами и теолози.

По рамазанскиот пост, на 2 мај е Рамазан бајрам, кој се чествува три дена. Тогаш целото семејство се собира на празнична трпеза, а се посетуват роднините и пријателите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Пуџдемон се врати во Шпанија

Карлес Пуџдемон, поранешниот лидер на шпанскиот североисточнен…

МВР по барање на Австрија го проверува…

Македонската полиција информира дека постапува по барање…

(Видео) Клучниот удар на Рељиќ во главата…

Македонската теквондиска Милјана Рељиќ забележа неверојатна победа…

Кандидатот за потпpетседател на Тpамп: Амеpика не…

Тврдењата на актуелните американски власти за наводна…

Утре нестабилно време со пороен дожд и…

До крајот на денов сончево и топло…