Светски икони – мода, филм, музика, стил: Елвис Присли – Кралот на рокенрол музиката (прв дел)

t

Кога го слушнав Елвис присли прв пат тоа беше како бегство од затвор. Благодарност го Господ што ни го даде Елвис Присли – Боб Дилан

Елвис Присли е културен феномен. Музичка икона во популарната култура на САД и божество во историјата на рокенролот. Пеач и забавувач кој успеа да ги спои госпелот и ритам и блузот со кантри музиката, со што создаде целосно нов музички правец и нов начин на забава – лудите вибрзции на рокенрол музиката. Тоа беше нов начин да се истакне машката сексуалност, ама и причина да го распамети пуританското американско општество.

Елвис Присли со своите песни и начинот на кој ги извдуваше, внесе ритам во се и промени се. Кога се појави на музичката сцена во САД тој имаше изглед кој заведува, движења од кои девојките паѓаа во транс и несомнен талент за пеење и забава. Успехот му беше загарантиран. Тој е првиот музичар кој изврши музичка револуција низ целиот свет. Така, од неговата појава во раните педесетти години на 20от век, па се до денес, тој стана симбол на рокенролот. Постои двоумење за тоа кој е таткото на рокенролот: Едни велат дека тоа е Бади Холи, други се определуваат за Чак Бери, трети навиваат за Џери Ли Луис, четврти се сигурни дека тоа е Литл Ричард, а има и такви кои тврдат дека тоа е Ајк Тарнер. Но, никој не спори дека Елвис Присли со својот баршунаст глас, заводливото нишање на колковите и специфичниот(иновативен и оригинален) изглед, се стекна со титулата Крал на рокенролот, и е прва и најголема рокенрол ѕвезда на сите времиња. Литл Ричард, Џон Ленон и Френк Синатра ги сметал за најголеми ривали.

Кралот на рокенролот роден е 1935 година во градчето Тупел, Мисисипи, од мајка Гледис, и татко Вернон. На 11 годишна возраст тој ја добива првата гитара, а кога имал 13 години со семејството се преселил во Мемфис, Мисисипи. Имал голема среќа, бидејќи Мемфис бил познат како колевка на блузот. И покрај суровиот расизам што владеел во тоа време во САД, за Елвис, музиката била само музика, без разлика на бојата или расата на луѓето. Ги сакал и ги слушал сите музички стилови. Бидејќи живеел во музичкиот центар на градот често одел во музичките продавници, баровите и кафетериите, во улицата Бејл, центарот на црнечката култура, и слушал музика во живо, а не само преку радио.

Многу време поминувал во соседството каде живееле црнци, па така ја засакал и нивната музика. Го завршил училиштето 1953 година, и како возач се вработил во фабрика. Истата година едно саботно претпладне ја земал гитарата и отишол во компанијата ‘’Сан Рекордс’’ и за 3,98 долари ја снимил својата прва песна, како роденденски подарок за неговата мајка, и останатото е историја. Го забележува музичкиот продуцент Сем Филипс и му понудува договор за соработка. Дебитира на 19 јули 1953 година, со синглот That’s All Right, Мama, која веднаш почнале да ја пуштаат повеќе радио станици. Сите го прифатиле овој блуз класик, и биле воодушевени од неговта боја на гласот и ритамот на песната која ги терала на игра. Во 1955 година го превзема менаџерот Том Паркер, наречен ‘’Полковникот’’, кој од него ќе направи пејачка и филмска ѕвезда. Набрзо му договорил да настапува по локалните клубови, а потоа и во големи концертни сали, а истата година го потпишува и првиот договор со RCA Records за 40 000 долари.

Во 1956 година објавен е неговиот прв албум наречен Елвис Присли, кој ќе стане златен, и снимен е неговиот прв филм ‘’Сакај ме нежно’’. Во 1957 година го снима и вториот филм ‘’Во љубов со тебе’’, со кој постигнува огромен успех. Веќе ѕвездата била родена. Неговиот стил на облекување, свирењето на гитара и движењето на сцената, означиле нов правец во музиката – рокенрол. Почнал да се појавува во многу радио и телевизиски емисии и станал рокенрол ѕвезда број 1 во САД, а подоцна и во светот. Младината почнала да го препознава како свој идол – предводник на новото движење на младите. Но, во 1958 година тој е мобилизиран во војската на САД, и воениот рок го служи во Германија, каде ја запознава Присила Бјули, која подоцна ќе му стане сопруга и ќе му ја роди ќерката Лиза Мари. Додека е во војска му умира мајка му Гледис, и тој од тој момент никогаш повеќе нема да биде ист. Секогаш ќе има неразјаснет однос со жените, кои секогаш беа во сенката на неговата мајка.

Во 1972 година Присила го напушта, се разведува од него, со себе ја зема ќерката Лиза Мари, и тоа е точката од која нема враќање. Очевидците велат дека од тогаш целосно се предал на судбината и едноставно тој, кралот на рокенролот, почнува да се распаѓа. Набргу изјавил дека ‘’Забавата е мојот живот, мислев дека таа ќе го разбере тоа и кога сме во брак. Сакам да ги направам луѓето среќни, а мојот живот е несреќен и уништен’’. Почнал прекумерно да прима седативи, антидепресиви, апчиња за спиење, алкохол, брза храна и се почесто и дрога. Се здебелил, станал мрзелив и по цел ден спиел, здравјето му се нарушило, и како да почнал да се наѕира крајот. Бил свесен дека постепено самиот се убива, но не можел против тоа да се бори. Ќе остане запишано дека најдобри соработници му биле Том Паркер, неговиот менаџер, Сем Филипс, директорот на компанијата Сан Рекордс, Ед Саливен, познатиот водител на ‘’Ед Саливен шоу’’. Човек кого најмногу го почитувал бил Џејмс Дин. Неизмерно му се восхитувал на Дин, за кого мислел дека е идеален човек. Кога се подготвувал за снимање на своите филмови, често се гледал во огледало и се обидувал да ги имитира движењата и изразот на лицето на Дин. За добри пријатели ги сметал познатиот писател Труман Капот, и Линда Томпсон, неговата последна животна сопатничка.

Инаку, рокенролот како посебен жанр се појави во 50тите години на 20от век, потпомогнат од имиџот на ‘’диви тинејџери’’ што го промовирале некои филмски ѕвезди. Марлон Брандо во филмот ‘’Дивјак’’ и Џејмс Дин во филот ‘’Бунтовник без причина’’ ја олицетвориле рокенрол филозофијата на филмското платно, паралелно со појавувањето на музичките нумери со рокенрол содржина. Пантеонот на рокенролот е полн со извонредни музички ѕвезди, но највисокото место му припаѓа единствено на Елвис Присли.

Тој е музички еквивалент на филмските ѕвезди како Џејмс Дин и Марлон Брандо, бидејќи со изгледот, текстовите, музичките нумери, начинот на нивното изведување, а посебно со нишањето на колковите, тој на американските тинејџери им понуди нов поглед на свет и ново чувство за сопствениот идентитет. Рокенролот на Елвис Присли покрај тоа што бил нов музички жанр, тој бил и социјален феномен, нешто многу поголемо од едноставниот збир на неговите делови. Најбитно од се е што музиката на Присли ги соедини црните и белите музички традиции, што значи во време на сегрегација, нееднаквост и дискриминација на американското општество, таа музика ги поврза ‘’белите’’ и ‘’црните’’, кои заедно пееја и танцуваа на истата.

Ништо помалку важен за метеорскиот пробив на рокенролот што го изведувал Елвис Присли, е и фактот што тој имал сосема нова целна група на публика – тинејџерите.

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Јандриоски до политичарите: Не пишувајте утешителни статуси…

Политичарите во Македонија побрзаа на Фејсбук да…

Ашковски разочаран: Заслужувме многу повеќе од двата…

Очекувано не можеше да се сокрие разочарувањето…

Борисов за иссвиркувањето на бугарската химна: Соседите…

Поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов го…

И покрај поразот Милевски смета дека сме…

Македонија вечерва го загуби последниот натпреват во…

(Видео) За малку ќе беа “пошљакани”: Тензијата…

Фудбалскиот натпревар меѓу Македонија и Бугарија кој вечерва се играше на…