Светски икони – мода, филм, музика, стил (22.1) Опра Винфри – бренд заштитник на онеправданите и сиромашните(втор дел)
Еве како познатите и јавни личности ја доживуваат Опра Винфри. Легендарниот Квинси Џонс ја претставува како фина и енергична, дури многу енергична. Телевизискиот критичар Хауард Розенберг во Лос Анџелес тајмс за неа напиша дека е голема, гласна, бесрамна, агресивна, претерана, духовита, симпатична, сочувствителна, скромна, приземјена, сурова, гладна. Можеби за неа тоа е и правата вистина. Целина од јаки и моќни контрасти. Се чини дека и магазинот Инкваерер од Филаделфија е блиску до вистината кога нејзиното телевизиско шоу го нарече национален истражувач на етерот, а за нејзе и тоа што го работи, вели дека е квасно тесто од блуд, драма, кич, извештаченост, публицитет, прегратки, викање, излив на емоции, маничност, и сето тоа маринирано со солзи.
Едно е сигурно: можете да ја сакате, но и да не ви е по ќеиф. Можете да ја респектирате, но и воопшто да не ја цените. Но, во никој случај не можете да останете рамнодушни кон тоа што го работи и како го сработува. Едноставно, таа е интересна, занимлива, модерна, шик, и навистина има стил. Единствен, посебен и неповторлив. Но, сепак најмногу од се ја одликува работата и упорноста да успее во тоа што го работи. Со својата неуморна активност низ целата своја кариера, таа стана хероина за жените, која мажите ја гледаат со респект, за децата е шампион, а за сите најголем борец за заштита на жртвите на злоупотребување.
Во сите тие нејзини залагања таа израсна во голем борец за правда и ангел заштитник на онеправданите. После сите водени битки таа е силна, дрска и сигурна, во себе, но и во исправноста на тоа за што се бори и изборува. За сето тоа беше наградена со високи рејтинзи, со внимание од широките народни маси. Признанијата и честитките од обичните луѓе и беа најдраги од се. Таа огромна војска на симпатизери, направи таа да биде ‘’вакцинирана’’ против критиките, и уште поупорно и поодлучно да ја остварува својата мисија. Беше и остана отворена и искрена, и за цело време додека го водеше своето ток-шоу на телевизијата, го користеше своето тажно детство за да им помогне на другите, а со тоа да си помогне и себеси.
За се што сработила, осум години по ред се најде на листата на Тајм, на 100 луѓе кои го промениле светот. Фил Донахју по тој повод, а во нејзина чест, ќе напише дека и нема рамен во медиумската историја, дека е многу кул, и е неверојатна девојка од соништата – инспирација за милиони амбициозни млади жени низ светот. И да не заборавиме дека во 2003 год. на возраст од 49 години, таа стана првата Африканска американка која се појави на годишната листа на богати на списанието Форбс, со богатство од околу една милијарда долари. Со тек на годините тоа богатство само се зголемуваше, а нејзиното влијани меѓу луѓето растеше.
На крајот што друго да се каже за неа: Нејзината животна филозофија е комплексна мешавина од чист материјализам(желбата за се збогати и да заработи милијарди долари, што и го направи), борбен дух, кој признава само победи, и возвишена духовност(градење на школи и академии за млади на Афричкиот континент, хуманизам изразен преку заштита на децата, и злоставуваните маргиналци).
Стана и остана највлијателна жена на својата генерација и една од највлијателните воопшто во историјата на човештвото. Во детството и младоста, животот, не ја галеше, но таа се избори да и тече во нагорна линија, па дури и во подоцнежните години да се стреми кон височините. Нема што, таа е американска, но и светска жена со блескава и извонредно успешна кариера во секој поглед. Ете тоа е феноменот Опра Винфри, со живот, лик и дело, која од канџите на тешкото детство, помина низ трњата и пеколот, и се вивна во ѕвездените височини. Успешна жена-феномен, што облагороди милиони судбини.
Тајни на успехот
Контрола. Опра води ефикасен бизнис. И покрај тоа што има интерес во различни медиуми, таа сите ги контролира од блиску. Оваа контрола е најочигледна во нејзиното телевизиско шоу. “Ништо не се резервира ако јас не го сакам тоа“, рече еднаш.
Поттик. Опра работи напорно и преживува само со пет часа спиење навечер.
Човечки приод.“Јас сум човечко суштество кое најпрво се обидува да се обрати на човечката поврзаност во секој од нас“, вели таа.
Инклузивност. Брендот Опра може првенствено да е насочен кон жените, но не кон некој специфичен тип. На ручек за печатот за нејзиното списание таа рече дека е наменето за “жени кои се заинтересирани да ги живеат најдобро своите животи, од сите раси и од сите бои.“
Холистички приод. Експертот за брендови Херман Беренс еднаш во интервју за ББЦ кажа дека Опра е персонификација на брендот кој е создаден холистички. “Секој аспект на брендот влијае врз неговиот имиџ и репутација, а не само на тоа како изгледа однадвор. Конзистентноста и лојалноста кон ветувањето на брендот е клуч за создавање на моќен бренд, а Опра го препозна тоа.“
Спасител. Ако брендовите се религии, луѓето брендови се претскажувачите за кои се надеваме дека ќе нé спасат. Стивен Спилберг еднаш рече дека секој ден на нејзиното телевизиско шоу Опра се обидуваше да го “спаси целиот свет.“ Опра, која никогаш не се срамеше од големи барања, се сложува: “Тоа навистина е она што се обидувам да го направам во мојот живот- се обидувам да посегнам и да спасам други луѓе.“
Страдање. Исто како и за нивните религиозни еквиваленти, сакаме да знаеме дека нашите брендирани спасители пателе. Проблемите со тежината на Опра се извор на страдање со кој можат да се идентификуваат многу жени.
Факт бр. 1 за брендот: Во 1984 год. Опра стана водител на АМ Чикаго, кое стана Шоуто на Опра Винфри.
Факт бр. 2 за брендот: Во 1986 год. Шоуто на Опра Винфри почна да се прикажува во целата земја и Опра беше номинирана за Оскар за “Виолетова боја“.
Факт бр. 3 за брендот: Во 1996 год. Опра го лансираше својот книжевен клуб кој сега е познат.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Смртоносна зараза се шири во светот, тревога…
Смртоносниот вид на мајмунска сипаница е потврден…
Путин разгледува одговор на Русија на офанзивата…
Рускиот претседател Владимир Путин разговараше за ситуацијата…
УХМР со најнова прогноза- еве какво ќе…
Времето во следните денови ќе биде сончево…
Обид за убиство во Куманово, се скарале…
На 08.08.2024 СВР Куманово до Основното јавно…
Пентагон: Украинците може да го користат нашето…
Пентагон повтори дека украинскиот напад во руската…