Светски икони – мода, филм, музика, стил(11.2) Џон Ленон: Најголема рокенрол бунтовна приказна

t

Денес ќе ви го претставам Џон Ленон како рок-поет, сонувач и симбол на вечна инспирација. Поетскиот портрет за него, како рок икона на бунтовните 1960ти, го започнувам со неговиот повик за револуција – неговата легендарна композиција “Херој на работничката класа“, што е продолжение од претходната колумна. Таа не е само една од најзначајните песни на Ленон и Битлси, туку е на самиот врв на рок музиката воопшто. Чиста револуционерна песна. Неговата социјална рок-симфонија(“Штом се родиш те тераат да се чувствуваш безначаен….Те навредуваат во куќата, те понижуваат во училиштето, те мразат ако си паметен, ги презират луѓето…Ако сакаш да бидеш херој, следи ме…“).

Со оваа песна Ленон ја слика денешната цивилизација, а таа слика воопшто не е позитивна. Сега покојниот битлс прашуваше како да се извлечиме од жабокречината во која опстојуваме од моментот кога доаѓаме на овој свет, до часот во кој од него си заминуваме. Едноставно, како да опстанеме во армијата медиокритети. Неговото визионерство денес по очигледно од било кога. Заедно со Имаџин, многу ја сметаат за најдобро дело на Ленон. Вистинските рокери би рекле гневен рок без здив провев. Со своите размислувања Ленон се потпира на класната свест на работниците. Сепак, залудно. Очигледно, да се биде херој на работничката класа, не е нешто што ќе ги поведе масите….Би рекол до некоја нова социјална револуција…Никогаш не се знае, кога е вистинското време за бунт.

Постојат рок-композиции кои во секој слушател предизвикуваат чувства и толкувања, прифатливи и разбирливи само за него. Тие влијаат на неговите чувства, го одржуваат неговиот внатрешен дух, поглед на свет, моменталното расположение и сл. Станува збор за песни кои за кои има толкувања колку и слушатели. Една од нив е култната “Полиња јагоди засекогаш“, чиј автор е Ленон. Песна создадена, колку одвнатре, толку и однадво од имагинацијата на авторот. Инспирирана е од неговата носталгија за детските денови во Ливерпул, претставена преку надреалистички и психоделични асоцијации. Како таква е една од композициите кои практично го дефинираа психоделичниот рок. Тоа беше музика која во времето кога го достигна својот врв, имаше многу приврзаници, како меѓу публиката, така и меѓу самите автори на таа музика. Многу сугестивна песна, која на слушателот му сугерира дека најдобро е да не размислува претерано за се и сешто, а особено не за работите кои во човечката душа носат немир.

Интересна е и “Инстант карма“, една од највлијателните композиции на Ленон. Во неа тој ја обработува честата реакција на поединецот, според системот “што е, тука е“. На тој начин тој ни праќа порака дека мораме да бидеме добри луѓе, бидејќи понекогаш животот може да биде многу краток(Каков апсурд, какво пророштво за сопствениот живот). Тој пораката ни ја праќа на сопствен специфичен артистички начин, својствен за него. Кога ја слушаме се прашуваме возможно ли е да побегнеме од сопствената судбина? Од нешто што ги одредува околностите во кои сме родени, во кои живееме, начинот на кој го прифаќаме животот. Вообичаено овие прашања ги поставуваат уметниците кога создаваат, ама не ретко и ние обичните луѓе.

Ленон секогаш беше чекор пред другите. Никогаш не правеше компромиси со актуелните вкусови и трендови. Неговите пораки, неговите идеи и стихови, секогаш беа, и сеуште се оригинални, единствени, уникатни. Мисија на поетот е да укажува на апсурдите на општеството, да се спротивстави на лицемерието и лакомоста и да биде орудие за промени. Неговите стихови ја погаѓаа сржта. Беа вистинска есенција, за работите и процесите, на кои им требаше живост, движење и динамика.

САД го прогласија за непријател на државата. ЕФ-БИ-АЈ и МИ5 против него водеа тајна војна. За сите млади тој беше рок сензација, ама за овие тајни служби тој беше голема политичка опасност. Тој им одговараше со своите прекрасни песни. Тука ќе ја споменам песната “Happy Xmas(War is Over)“. Нумера со бујна, иновативна и охрабрувачка музика. Зборовите во неа се поттикнувачки и охрабрувачки: иднината може да биде поинаква, во наши раце е, можеме да ги промениме работите. Но, мораме да ги сакаме промените.

Џон Ленон е убиен на 8 декември 1980 година, во Њујорк, пред влезот во вилата ‘’Дакота’’, во која живееше. Да биде апсурдот поголем загина од куршум испален од негов обожавател. Стотини милиони луѓе истиот момент почувствуваа како некој им одземал единствен и важен дел од животот. Така замина човекот чија судбина беше на го носи бремето на растење и созревање во јавноста. Пред сите да се издигнува и да паѓа, да се сомнева и да води, да греши и да изнаоѓа решенија, и сето тоа да го преточи во незаборавни композиции, преку кои ќе созреваат многу генерации по него. Славниот рокер зад себе остави огромно културно наследство и после многу години се уште се чувствува неговата харизма. Ќе биде жив се додека го паметиме. Еве го паметиме, а така ќе биде уште многу години на ред.

И за крај, уште некој збор за “Imagine“. Песна еднаква на негов авторски портрет. Песна која го слави мирот во светот. Слика за човекот кој е чувствителен и агресивен, силен и несигурен, самобендисан и социјално освестен. Оваа композиција, за мене најдобра на сите времиња и во сите конкуренции. Чиста поезија. Ремек-дело. За она во што Џон верувал: дека сите ние сме една земја, еден свет, едни луѓе. Свет без насилие, неправда и војни. Очајнички сакаше таа идеја да ја сподели со светот. Затоа е легендарен рок-музичар. Еден. Единствен. Ненадминат. Вечен, затоа што неговото дело допира небесни височини. И навистина, бунтовнички класик.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Османи: Опасно е да имаш сосед како…

Косовската претседателка, Вјоса Османи изјави дека „опасно…

Финишираат преговорите за Алијанса во Владата

Преговорите за влез на Алијанса за Албанците…

Кремљ не сака да изнесува детали за…

Кремљ потврди дека рускиот претседател Владимир Путин…

(Фото) Морничаво: Град во Турција целосно срамнет со…

Земјотрес со јачина од 7,8 степени според…

Скопјанец фатен како пренесува над половина килограм…

Скопјанец е фатен како пренесува над половина…