Светски икони – мода, филм, музика, стил(11.) Џон Ленон како харизматичен рокенрол водач

t

Светски икони – мода, филм, музика, стил(11.)

Џон Ленон како харизматичен рокенрол водач

Концептот на позитивна молитва…
Замислете свет во мир.
Џон Ленон, за неговата песна Imagine

Малку се музичарите и уметниците кои за живот стекнале толку признанија, слава, и ретко кој пожнеал толку признанија, восхит, воодушевувања и респект, како најславниот член на легендарните ‘’Битлси’’ – Џон Ленон. Тој беше признат херој на работничката класа, водач на новата религија и бунтовен сонувач на рокенролот. Да е жив тој годинава би наполнил 82 години. Но, не е, па неговата прерана и насилна смрт и понатаму предизвикува тага на неговите фанови ширум светот. Отсекогаш сум се прашувал колку денес овој свет би бил поинаков, со Џон во него. Тој не се бореше за ваков свет каков што имаме. Тој не посакуваше живот каков што го живееме. Го паметиме како рок-икона на контра културата, неуморен борец за мир, но и жесток критичар на лондонските и вашингтонските ‘’јастреби на војната’’ и на политичките марионети на војно-кензијанската макро-економска манипулација. Како гласноговорник на светското движење за мир, ни порачуваше да му дадеме шанса на мирот; Како олицетворение на соништата на генерацијата од шеесетите години на минатиот век, ни пееше да замислиме дека нема држави, репресии и насилство, а како обичен граѓанин ни велеше да водиме љубов, а не војна, и да го сакаме и чуваме мирот.

Џон Ленон е гитарист, пејач, композитор, поет и сонувач. Поп ѕвезда, активист за мир и маркантна фигура на популарната култура на 20от век. Отсекогаш крајно оригинален и чекор пред другите. Никогаш не правеше компромиси со актуелните вкусови и трендови. Неговите пораки, неговите идеи и стихови се примени пошироко и повнимателно. Тој е поголем од вечноста. Ленон е вечен, затоа што неговото дело допира небесни височини. Зошто е Џон Ленон толку голем музичар? Затоа што напиша и останаа запаметени околу 300 композиции и продаде и стотици албуми. Метафорично кажано тој е една четвртина од најголемиот музички феномен на 20от век – ‘’Битлси’’. Тој е двигателот на многу работи кои во светот на музиката се случија во највозбудливите две децении во шоу-бизнисот: од 1960 до 1980 година.
Како член на Битлси, Џон Ленон беше на чело на вртоглавите уметнички достигнувања во поп музиката на 60те години на 20от век. Заедно со Пол Макартни беше дел од најуспешниот авторски музички тим на сите времиња. А како соло изведувач и заедно со неговата втора сопруга Јоко Оно, Ленон ги провоцирал медиумите, често промовирајќи ја идејата за лична одговорност и колективна свест. Иако за време на животот беше доста контроверзна личност, по неговата трагична и прерана смрт, на 40 годишна возраст, неговиот углед и влијание како кантавтор и политички активист денес е проширен низ целиот свет.

Џон Винстон Ленон е роден во Ливерпул, Англија, од мајка Џулија, татко Алфред, на 9 октомври 1940 година. Неговите родители се разделиле кога тој имал пет години, па така Џон останал да живее со неговата мајка, а грижата и одговорноста за неговото одгледување и воспитување ја презела неговата тетка Мими. Под будното око на неговата тетка, тој имал стабилен живот и научил да свири бенџо и хармоника. Свирењето на овие инструменти го разбудиле неговиот уметнички инстинкт, а тетка му Џулија постојано го охрабрувала да биде свој и креативен. Во 1958 година, тетка му Џулија загинала во сообраќајна несреќа и тинејџерот Ленон бил ожалостен.

Како и многу други од неговата генерација, восхитен од блуз музиката во фолк стил наречена скифл, во 1956 година, Ленон формирал своја група наречена ‘’Кворимен’’. Скифл музиката што ја свирел постепено му дала предност на рокенролот на Елвис, Литл Ричард и Чак Бери, а Ленон усвоил имиџ на “Теди-бој“ рокенрол бунтовник. Групата еволуирала во ‘’Битлси’’, и како што е познато тие го пронашле патот до срцата на обожавателите низ целиот свет во 1963 и 1964 година. Првите песни на Ленон и на Макартни, меѓу кои и ‘’Love Me Do’’, ‘’Want To Hold Your Hand’’, ‘’She Loves You’’, и ‘’A Hard Days Night’’, станале многу популарни и се продале во милионски тиражи. Инаку, Ленон бил тој кој се истакнувал како лидер на легендарните Битлси. Неговата испрекината ритам гитара и моќниот вокал во блуз стил доминирале на првите снимки на Битлси, а неговата остроумност ја засилила самоуверената дрскост на групата. Иако првите песни на Битлси биле љубовни песни, неговата книга од 1964 година “In His Own Write“ со надреалистички игри на зборови и со црн хумор, ја зајакнала неговата репутација како интелектуалецот во Битлси.

Потписот Ленон/Макартни на композициите на Битлси сведочи за нивната блиска соработка, иако Ленон и Макартни главно пишувале одвоено и ги пееле водечките вокали во сопствените песни. Музиката на Ленон, под влијание на високо интелектуалниот американски автор Боб Дилан, за разлика од Макартни, била наклонета кон помрачни и поинтимни теми.
Така, дел од подоцнежната возвишена музика на Битлси била поттикната од Ленон за што сведочат композициите “Tomorrow never Knows“, “Come Together“, “Strawberry Fields Forever“ и “Am The Warlus“.

Во 1963 година се жени со Синтија Пауел и го добива синот Џулијан. Неговата љубов спрема синот и сопругата на почетокот била очигледна, но поради многубројните настапи нема доволно време целосно да им се посвети. Во 1965 година за прв пат пробал ЛСД, го снима албумот ‘’Rubber Soul’’, и го добива одликувањето на витез во Британската империја. Следната година конзервативните медиуми го критикуваат после неговата изјава “Битлси се попопуларни од Исус“, го снима албумот “Revolver“, ја одработува турнејата со ‘’Битлси’’ и ја запознава концептуалната уметничка од Јапонија, Јоко Оно, која подоцна ќе му стане сопруга. Почнувајќи од таа година, најголемиот дел од неговото внимание ќе биде посветено на неговата врска со оваа јапонската авангардна уметница, и нивната граѓанска активност.
Така, јавниот живот на Џон Ленон и Јоко Оно се претворил во низа на концептуални уметнички настани и перформанси. Тие снимале авангардни филмови и албуми со звучни колажи, вклучувајќи го и “Two Virgins“, каде што се појавиле голи на кориците на албумот. Нивниот перформанс Bed – in for Peace, на медениот месец во Амстердам, станал нашироко рекламиран настан за пропагирање на светскиот мир. Песната пак што ја снимиле на вториот Bed – in во Монтреал, Канада, ‘’Give Peace A Chance’’, веднаш била прифатена како химна на учесниците на протестите против војната во Виетнам.

Во 1971 година ја пишува легендарната нумера ‘’Imagine’’, според мене најубавата песна било кога напишана, истата година се сели во Њујорк, САД, и ја издава ‘’Happy Christmas (War Is Over)’’. Меѓу 1973 и 1974 година кога бил одделен од неговата сопруга Јоко Оно, Ленон доживеал еден период на т.н “изгубен викенд“, кога почнал неконтролирано да пие алкохол и да се дрогира. Тој период кога заедно со Елтон Џон во Медисон Сквер Гарден, во Њујорк, го пее американскиот хит број еден ‘’Whatever Gets You Through The Night’’. Во 1975 година го издал албумот со обработки ‘’Rock And Roll’’, по што се повлекол од јавниот живот за да се посвети на семејството и да се сконцентрира на родителството и на новородениот син Шон.

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Драган Стојковиќ најави дека ќе остане селектор…

Апасиев: Соопштенијата на СДСМ против мене се…

„Овој злосторник ја фрли земјата во најголема…

Хајредини: Бектеши и во делот на лебот…

Екс министерот за финансии Џевдет ХАјредини во…

Агелер: Сите кои прават притисок, закани или…

Сите кои прават притисок, закани или корумптивни…

На кого ветувал Мицкоски промена на Уставот?!

„Трет ден трае молкот на Христијан Мицкоски…