Судиите се препотуваат во волнени тоги сошиени во 1997 година, бараат и летни тоги

t

Судиите носат судсиски тоги што се произведени во далечната 1997 година и оттогаш не им се сошиени нови! Какви се, такви се, со закон и со правилник се обврзани да ги носат. Освен што се стари, тие се направени речиси целосно од волна и на судиите им е жешко во нив во топлите месеци мај, јуни, јули и септември, а при судењата и другите обврски ги носат и по шест часа на ден, а некогаш и повеќе. Проблем се и конфекциските броеви на тогите и се случува судија да добие помала тога од онаква каква што реално му треба, затоа што нема друга. Тогите од пензионираните судии ги наследуваат други судии. Исто така, тогите мора да се чуваат во судовите, но сепак, судиите ги изнесуваат одвреме-навреме за да ги исперат.

Од Судскиот совет велат дека според правилникот составот на тогите е 85 отсто волна и 15 отсто синтетика, а судиите им се жалат дека се претопли во лето и сметаат дека треба да има летни и зимски тоги.

Заради сите овие причини Судскиот буџетски совет бара Министерсвото за правда да го промени Правилникот за изгледот и условите под кои се носи судиската облека, како и да воведе зимска и летна тога.

На последната седница Судскиот буџетски совет донесе заклучок за овој проблем на судиите да се обрати до Министерството за правда.

– Да се упати предлог-иницијатива за измена на правилникот, согласно воочените недостатоци кај квалитетот на материјалот на тогите, конфекциските броеви на тогите и да се укаже на неопходната потреба од замена на старите тоги – информираше Судскиот буџетски совет по седмицата што се одржа пред два дена.

И од Здружението на судии потврдуваат дека тогите се стари, неудобни, топли и дека одамна бараат промена. Претседателот на Здружението на судии, судијата од Врховниот суд Џемали Саити вели дека ја поздравуваат оваа иницијатива на Судскиот буџетски совет.

– Ние како здружение одамна бараме да се промени правилникот за тоги. Тогите ни се стари и кога ќе се пензионира судија, тој ја враќа на судот, па ја наследува друг судија. И конфекциските броеви не се во ред, затоа што тогите се одамна набавени. Кога се набавувани во минатото, биле набавувани за конкретни судии, а потоа тие тоги ги добиваат други судии на кои е можно и да не им одговара конфекцискит број. Исто така, не е убаво чувството во лето преку облеката да се носи тогата од волна, па секако е од големо значење да имаме зимски и летни тоги, затоа што судиите ги носат со часови. Секако, судиите треба да имаат тоги што се соодветни за достоинството на судсиката професија – вели Саити за „Слободен печат“.

„Слободен печат“ разговараше и со претседатели на некои судови кои се должни да им најдат други тоги на судиите во случај на трајно оштетување на оние што веќе ги имаат. Тие велат дека одамна немаат нови тоги во судовите, па мораат да се снаоѓаат со постојните. Досега немале проблем да немаат тога за судија, но пред сѐ, затоа што во судовите недостигаат судии, а кога би биле пополнети сите судиски места според систематизацијата, ќе им снема тоги за сите.

Правилникот за изгледот и условите под кои се носи судиската облека е од 2007 година, но неговата содржина е речиси идентична со истоимениот правилник од 1996 година, врз основа на кој се сошиени тогите што се користат до ден денес.

Во него е наведено дека судиската облека, тога, е едноделна, изработена од црна волнена ткаенина со 85 отсто волна и 15 отсто синтетика, кроена рамно во вид на наметка, долга до средината на листовите, со јака во форма на околувратник широк 4 сантиметри. Однапред е отоврена преку целата должина и се носи закопчана со внатрешно закопчување со 9 копчиња, а одзади на горниот среден дел е набрана како плисе.

„Ракавите се кроени рамно од едно парче во ширина од 60 сантиметри. Во горниот дел се вглавени нормално, а странично на рамото, на истиот начин како и на задниот дел се набрани во вид на украсно плисе. Во долниот дел се опточени со свилен сатен во вид на бродура широка 14,5 сантиметри. Тогата на левата страна е украсена со метален беџ опточен со свилен сатен со пречник од 5,5 сантиметри. На беџот е извезен симболот на правдата – мечот со вага“, се наведува во Правилникот.

Судиите во основните судови носат тога чиј што долен дел и ракавите се опшиени со свилен сатен во црна боја, тогите во апелациските судови се општиени во вилетова боја, во Управниот суд во темно сина боја, во Вишиот управен суд во жолто-златна боја, а за Врховниот суд се во бордо боја.

„Судиите ја носат тогата кога судат поединечно или во совет, освен во случаите кога преземаат дејствија надвор од судот. Судиите во апелационите судови, Управниот суд и во Врховниот суд ја носат тогата кога судат на седница на совет, независно дали се присутни странките или не“, се вели во Правилникот.

Пропишано е и дека судиите ја носат тогата преку својата облека, ја чуваат во просториите на судот, ја чуваат со нужно внимание и се грижат за нејзиниот изглед. На крајот на правилникот се вели и дека тогата е од траен карактер и се заменува со нова само во случај на трајно оштетување за што одлучива претседателот на соодветниот суд.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ДКСК со ново соопштение: Просветниот инспекторат е…

ДКСК како институција, при разгледување на секој…

36.614 денари незаконски бонус: Кривична пријава против…

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и…

Тошковски: Граничниот полицаец бил импресиониран од политичката…

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на…

Кина ги нарушува технолошките пазари: Забраната за…

Кинеската одлука за забрана на извоз на…

Кошмарна ноќ за Далас – загуби од…

Далас маверикс вечерва загуби од Минесота тимбервулвс…