Тупанчески: Говорот на омраза ќе се казнува само при најтешките форми

t

Ќе се реагира само во оној дел во кој ќе има флагрантно кршење на нормите, е одговорот на министерот за правда Никола Тупанчевски на прашањето каква ќе биде конкретната правна процедура во случај некој од Бугарија да укаже на говор на омраза, што е предвидено со одредбите во Протоколот во врска со говорот на омраза.

Говорот на омраза нема да помине во надлежност на дипломатијата туку само надлежните институции ќе оценуваат што е говор на омраза и во таквите случаи ќе постапуваат според законите, а ова дело не треба да се поврзува само со Бугарија, објаснуваат деновиве надлежните министри за надворешни работи Бујар Османи и за правда Никола Тупанчевски во врска со тоа кој ќе набљудува, оценува и казнува за ова дело.

Неодамна беа извршени измени во Кривичниот законик и во делата од омраза беше додадена и омраза „врз основа на закон или ратификуван меѓународен договор“, а борбата против говорот на омраза е меѓу главните сегменти на билатералниот протокол што неодамна го потпишаа Скопје и Софија, што, пак, беше услов Бугарија да го тргне ветото во Брисел за македонските преговори за членство со ЕУ.

Во јавноста силно се дебатира за идното регулирање на говорот на омраза, со најголем акцент на потенцијалното казнување на граѓаните во услови на вжештена дебата за тоа кој ги предал, а кој ги сочувал македонските национални интереси со прифаќањето на голем дел од бугарските услови, дозапалена по категоричното негирање на македонскиот јазик од официјална Софија. Експертите предупредуваат дека цензура не смее да има затоа што е забранета со Уставот, како и дека одредбите од Протоколот оставаат простор за слободно толкување на говорот на омраза.

Тупанчевски: Протоколот е апстрактен, законите се јасни

Министерот Османи е категоричен дека македонското и бугарското министерство за надворешни работи само ќе прибираат информации за овие дела и ќе имаат контакт за да разменуваат информации по барање на другата страна. И министерот Тупанчевски вели дека секој што смета дека во некој текст или на друго место има елементи на говор на омраза, може да поднесе кривична пријава, но само институциите ќе одлучуваат по тоа прашање.

Тупанчевски уверува дека измените во Кривичниот законик (КЗ) не се поврзани со македонско-бугарските односи, туку се резултат на одредени меѓународни стандарди што произлегуваат од дефинирањето на поимот омраза.

– Ние имаме национално сопствено законодавство каде што прецизно го имаме дефинирано поимот говор на омраза или синтагмата говор на омраза. Тоа значи дека доколку има прекршување на она што се нарекува позитивно право, тогаш ќе зборуваме за говор на омраза без некакви дополнителни елементи или сегменти. Нашата дефиниција за говор на омраза што претставува предикативно дело за некои потешки форми на кривични дела е позиционирана врз основа на добро утврдени европски стандарди, така што без оглед на конкретните состојби, билатералниот договор е прилично апстрактен во таа сфера, ние имаме национална регулатива. Доколку се држиме до неа, практично ќе стигнеме и до посакуваната цел, дека говорот на омраза не секогаш треба да го врзуваме со Бугарија, туку да му дадеме малку екстензивно значење – рече министерот Тупанчевски во интервју за Радио Слободна Европа.

Тој нагласува дека најновата измена на КЗ во член 426, која се однесува на предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа, не може да се поврзува со билатералниот протокол.

– Практично нема никаков континуитет или некаква конекција меѓу измените, односно новиот КЗ и неговата прва верзија, со актуелните случувања во нашата држава. Две и пол, односно три години се работеше на оваа првична драфт-верзија што е прикачена на ЕНЕР-системот и сите измени и дополнувања на актуелниот КЗ беа направени врз основа на други стандарди што не се поврзани со актуелните случувања – вели министерот за правда.

Кривичниот закон е последното средство

Одредбите во Протоколот во врска со говорот на омраза се многу општи, па на прашањето каква ќе биде конкретната правна процедура во случај некој од Бугарија да укаже на говор на омраза, Тупанчевски вели дека ќе се реагира само во оној дел во кој ќе има флагрантно кршење на нормите.

– Има Кривичен законик што е ултима рацио, односно последно средство со кое се одговара за тие тешки форми на говор на омраза односно на дела од омраза. Тоа е последната општествена реакција во нашата држава кога станува збор за омразата. Вториот механизам или алатка е Законот за заштита и спречување од дискриминација, каде што исто така се предвидени одредби, односно норми. Апсолутно ќе се реагира само во оној дел кога ќе имаме флагрантно кршење на националните норми – објаснува министерот.

Во билатералниот протокол се предвидува дека МНР на Македонија и на Бугарија ќе имаат обврска да го идентификуваат и да преземаат мерки против говорот на омраза.

„Двете држави преку дипломатски канали меѓу министерствата за надворешни работи да продолжат да разменуваат информации во врска со говор на омраза, идентификувани натписи и знаци на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни материјали, како и во јавниот простор на територијата на другата држава и да информираат во разумен рок за преземање активности од соодветната држава за неодложно отстранување на идентификуваните случаи на говор на омраза“, се наведува во Протоколот.

Предвидено е и дека државите ќе преземат ефикасни мерки за превенција од недобронамерна пропаганда од страна на институциите и агенциите, но и дека ќе ги обесхрабруваат активностите на приватните субјекти што се насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности. Исто така, двете земји треба да гарантираат за државното финансирање на новите книги, документарните изданија, филмовите и слично, при што секој што зема пари од државата ќе даде обврзувачка изјава за неприфаќање на сите форми на говорот на омраза.

По потпишувањето на контроверзниот Протокол, министерот Османи појасни дека ако министерствата увидат дека некој намерно провоцира, ќе ги информираат надлежните институции затоа што, како што рече, „никој не смее да поддржи говор на омраза, ниту тие кон нас ниту ние кон нив“ и дека тоа е во интерес на добрососедските односи.

Извор: Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Тупанчевски не знае каде Русковска треба да…

-Има начин на којшто може да се…

(Видео) Путин: Некои луѓе се спремни да…

„Таквите луѓе се подготвени да ја продадат…

(Видео) Траги-комедија – Не знаат кога па…

Раша тудеј објави две видео снмки од…

Британските пратеници воодушевени од говорот на Зеленски:…

Британските пратеници предложија претседателот на Украина, Володимир…

Тупанчевски нов министер за правда, Шекеринска заминува…

Две актуелни пратенички и една поранешна ќе…