Украина е искористена за повисоки американски цели – ЕУ не планира проширување, а ние игнорираме историска шанса за реципроцитет

t

УКРАИНА, МАКЕДОНИЈА, НАТО, ЕУ…

Украина е во голема мерка виновна за тоа што и се случува, исто како што сме и ние за дереџето во кое сме доведени. Носители на двете трагедии се нашите мили „западни партнери“, коишто толку многу не сакаат и почитуваат, што не знаат како побргу да не сотрат. И нас, и Украинците. Киев мораше да биде свесен дека антируската политика, на којашто безмилосно го тераа Вашингтон и Брисел, ќе му донесе само зијан. Државниот удар на ЦИА, во 2014 година, и настаните потоа, неизбежно водеа во ваков расплет. Назад веќе нема. Москва секако ќе оди до крај во реализација на своите цели. Ако не беа цврсто решени да успеат, немаше да тргнат во ваква незамислива акција.

Сега, главното прашање е колку ќе трае војната? Што поскоро таа да заврши, мора да биде клучен интерес на Украина. Со секој нов ден, се убиваат нејзини граѓани и се руши тоа што го создавале со децении и векови. Земјата е вратена 30 или 50 години назад, што е невидена казна за нејзините жители. За побрз крај на војната е секако заинтересирана и Русија и тоа е основата врз која треба засилено да се работи. Клучен проблем е фактот што иницијаторот, САД, се заинтересирани војната што подолго да трае. Само така ќе се истошти Русија и ќе се создаде максимален отпор против нејзината воена интервенција во Украина. Затоа, преговорите тешко ќе одат.

Се сеќавате на НАТО бомбардирањето на Србија и Белград во 1999? Не беше така одамна. Милошевиќ „издржа“ 77 дена, пред да потпише капитулација. Зошто тоа не го направи 10, 20, 30… дена порано? Мртвите и штетите ќе беа многу помали. Иако истата размисла мора да биде апсолутно актуелна и денес во Украина, мора да се потсети дека и воените дејствија имаат своја логика и „оптимален“ момент кога можат да се прекинат, а тој е секогаш различен за инволвираните страни. Целта е на бојното поле да се добие што подобра позиција во преговорите, коишто секогаш следуваат. Во конкретниов случај, колку подолго трае војната – толку поголема е цената не само за инволвираните туку и за целиот свет. Ова е поука од Србија бидејќи и Украина не може да победи во наметнатата војна.

Катастрофата во Украина е неспорна и тоа од секој аспект и судирот затоа мора што поскоро да продолжи со преговори. Како и обично, послабиот и жртвата одлучува до каде ќе оди. Со светот се’ уште владее силата и така ќе биде барем уште 50-тина години. Сите приказни за демократија, човекови права, меѓународен правен поредок… се за мали деца. Дека е токму така, не одете подалеку – погледнете што и се случува на нашата Македонија од  почетокот на 1990-тите, до денес, и се’ ќе ви биде јасно.

Можно ли беше да се соочиме со десетици суштински нелегални постапки, без да диригира некој главен светски фактор – долго да не ни се признава државата; да ни се суспендира и на крај промени името; да ни се наметне референца, а потоа и поразителна „привремена спогодба“; две години да ни се блокира границата; да се организира агресија од Косово; да ни се постават блокада, уцена и ултиматум за НАТО и ЕУ: прво името, потоа членство; Бугарија да бара да се откажеме од самите себе и од својот јазик; Албанците да донесат „Тиранска платформа“; да мораме да ги „избришеме“ Македонците во Грција и Бугарија…

Нема ниту теоретска можност тоа да се своеволија, каприци или фантазмагории, ниту на Атина, ниту на Софија а уште помалку на Тирана. За тие што ги следат работите, тоа може да биде само американско сценарио, што е класично силеџиско однесување, пострашно од агресијата врз Украина.

Како што можеше и да се очекува, и НАТО, и ЕУ, ја оставија Украина во бездната, во која безмилосно ја фрлија. Ја оставија сама во нерамноправната војна. И врвни западни експерти сега јавно потврдуваат дека одамна било јасно дека Москва никогаш нема да дозволи Киев да е дел од НАТО, во која насока беше безумно втурнат. Меѓу нив е и сегашниот шеф на ЦИА, кој пред десетина години бил амбасадор во Москва. И за него било неспорно дека е тоа руската црвена линија. И кога ја вртеа Украина против Русија, таквите оценки биле секако познати во Вашингтон, исто како и во Брисел.

Овој факт е клучен бидејќи потврдува дека Украина е свесно жртвувана за повисоки американски интереси: по секоја цена, Русија морало да се натера воено да интервенира во Украина! И, ќе следува нејзина масовна сатанизација, нејзина конфронтација со западниот свет и особено со Европа, и присилување да се занимава со своето соседство, без позначајна меѓународна улога. Засега, САД максимално ги исполнуваат сите свои замисли, а милионите коишто ги напуштаат своите огништа, нека ја колнат Русија.

Како последна членка на НАТО, и Македонија има аргументи да се чувствува измамена. Исто како и Украина. Зарем не не’ убедуваа дека членството во алијансата ќе ни донесе безбедност, странски инвестиции, развој… И, што добивме? Војна! Но, да не бидеме нескромни. И Украина ни нуди незамисливи прилики. Талентираната министерка за одбрана веднаш стана свесна за тоа и веќе беше спремна да испрати наши војници на бојното поле! Голема штета е што другите членки на алијансата не дозволија нејзината воинственост да дојде до целосен израз. Замислете, да беше прифатена нејзината мудра идеја и нашите војници да заминеа на фронтот! Нивното присуство сигурно ќе влијаеше и на текот на војната и можеше да се случи тие да стигнат дури до Владивосток, на крајниот исток на Русија. Ќе ја ослободеа земјата од режимот на Путин! До таму има преку 10.000 километри!? Секако ќе беше проблем како да ги вратиме, ама ќе останеше податокот дека дури и Александар Македонски, во неговиот славен поход, беше поблиску до татковината, отколку што би биле тие. Ќе имавме шанса да го надминеме!

Но, шегата настрана. Ова што се случува во Украина ќе има огромни последици по целиот свет. Ништо веќе нема да биде како што беше. Започна ново рекомпонирање на светот коешто во никој случај нема да заврши според желбите на иницијаторите на оваа невидена трагедија. Постепено ќе мора да се менува светскиот поредок, којшто е целосно во интерес на мал број на западни земји. Свесни за таквата опасност, САД и сојузниците ќе продолжат формално да ја поддржуваат Украина со оружје и хуманитарна помоќ, без сериозни обиди војната што поскоро да заврши. Инаку, ќе имавме нивна нагласена иницијатива, предводена од ЕУ, за неутралност на Украина, како начин за завршување на војната. Париз и Берлин интензивно разговараат со Москва ама очигледно немаат мандат за било како договор. Интересите на Европа и САД се дијаметрално спротивни во случајот и стариот континент најверојатно ќе биде најголемиот губитник на долгорочна основа. Војна мораше да има, заради Русија, и затоа неутралноста треба да дојде што подоцна.

Мора да нагласиме дека се утопии идеите  дека – „Украина ќе и ги отвори очите на Унијата да ги отвори вратите“. Така барем најавува МНР, Османи. А сосема е јасно дека ќе има поитни проблеми, коишто ги допираат сите и проширувањето на ЕУ ќе биде „оправдано“ одложено бидејќи целото светско внимание ќе биде посветено на оваа долгогодишна криза. Османи и МНР, пак, се активно ангажирани во докажување кој е во право во Украина (иако со непознавање на основните дипломатски правила – праќаат non paper место меморандум!), а во агресијата којашто ја трпиме од Бугарија, и покрај сите аргументи, не се осмелуваат да кажат јавно ниту збор во наша корист. Ги избришаа дури и Македонците во Бугарија, а ќе ставаат Бугари во нашиот Устав иако такви – нема!

Имаме историска шанса за реципроцитет која, како најголеми будалетинки – ја игнорираме. Османи не уверува дека – „нашата позиција е јасна и прифатена од 26 членки на Унијата и се обидуваме да ја убедиме и Бугарија дека…“ („Нова Македонија“, од 9/3/2022). Просто да не веруваш. Човекот или не е од тука или не знае што зборува. Ниту една членка на ЕУ не ја поддржа јавно Македонија. Сите не упатуваат да се договориме со Софија или, поточно, да капитулираме. Така е бидејќи тоа е интересот на САД, што значи и на ЕУ. И, место Македонија да бара помош од Русија, за нивната академија, РАН, да излезе со аргументирани научни податоци за автентичноста на македонскиот јазик и народ, за потеклото на Кирил и Методи и други за нас клучни историски личности и податоци, кои не се спорни за Москва, ние им поставуваме санкции, ќе испраќаме војници во Украина, протеруваме нивни дипломати а им дозволуваме на милите „западни партнери“ да не уништуваат како народ. Зарем до толку сме забегани?

Бидејќи се појавија разногласија, во коишто се вмеша дури и ЕУ (амбасадорот, Ѓир) да нагласиме дека тоа што ни го прави Бугарија нам е многу пострашно од воената операција на Русија во Украина. Москва бара легитимни политички и безбедносни гаранции додека Софија сака да сотре еден народ. Иако не е прифатливо со војна да се решава кој било проблем, Русија има и оправдувања бидејќи НАТО се шири на  нејзините граници. За разлика, Бугарија има национал -шовинистички и фашистички пориви, намери и планови.

И сега важи правилото дека тестот на политиката е како таа завршува, а не како почнува.

                                                                             Ристо Никовски

Март, 2022

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Естонија бара НАТО да ги засили патролите…

Естонскиот министер за одбрана, Хано Певкур го…

Србов: Само во Македонија смее да се…

Едноставна е работава – Бугарија била на…

Њујорк Тајмс: Американските разузнавачки агенции велат дека…

Американските разузнавачки агенции велат дека членовите на…

“Демократска Бугарија” бара веднаш по составување на…

Поднесуваме предлог-одлука за испраќање воено-техничка помош за…

Костов: Цар Борис и татко му Фердинанд…

- Не прифаќам директно веднаш да одиме…