Иднината на Македонија е во ЕУ, итно и неодложно почнување на преговорите, порачуваат САД

t

Иднината на Македонија е во Европската Унија. Земјата исполни тешки задачи и заслужува брз напредок. Одржувањето на меѓувладината конференција премногу се одолговлекува. Сега е вистинско време Унијата да ги препознае и вреднува ефективните политики на Македонија и да го исполни својот дел од задачата со отворање на преговорите.

Ова е пораката од вчерашната посета на помошник државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид по нејзините средби со македонскиот државен врв.

Како што истакна Донфрид, земјава покажа дека е стабилен партнер и дека може да се справува со предизвиците, но темпото на реформите, рече, треба да го одржи.

-Силно ги поддржуваме вашите евроаспирации и сакаме што побрзо да се одржи меѓувладината конференција. Премногу се одолговлекува нејзиното одржување. Исполнивте тешки задачи, ги исполнивте реформите и заслужувате брзо да напредувате. Иднината на Македонија е во ЕУ. Пристапувањето на Македонија во ЕУ ќе донесе поголема стабилност на Балканот и поголем простперитет во Европа. САД изразува пофалби за напорите на Македонија за евроатланстката иднина, нагласи Донфрид по средбата со својот домаќин, министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Според претседателот Стево Пендаровски, неопходно е преговорите за членство во ЕУ да почнат што побрзо, поради ризикот од поткопување на поддршката за европската интеграција и забавување на темпото на реформските процеси како владеење на правото, реформи во судството и борба против корупцијата.

Пендаровски, кој на средбата со Донфрид се осврна на безбедносните случувања и последиците врз Балканот, алармираше на важноста од деблокада на македонските евроинтеграции и на изнаоѓање конструктивно решение за недоразбирањата со Бугарија.

За шефот на државата, посетата на Донфрид е потврда за силната американска поддршка за регионалната стабилност и за важноста од понатамошна консолидација на демократските процеси во регионот.

Пендаровски порача дека Македонија останува посветена на јакнење на стратешкото партнерство со САД и на спроведување на реформските процеси со цел владеење на правото и борба против организираниот криминал и корупцијата.

-Со ефективните политики за поддршка на народот во Украина и во согласност со надворешната политика на НАТО и на ЕУ, Македонија даде уште еден силен аргумент дека припаѓа во НАТО и во ЕУ. Ова треба да биде препознаено и вреднувано од Унијата со отворање на преговорите за Македонија и Албанија, бидејќи проширувањето на ЕУ со Западен Балкан, од геополитичка гледна точка е безбедносно прашање и е од суштинско значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион и на ЕУ, констатираа Ковачевски и Донфрид на средбата.

Како што соопшти Владата, помошник државната секретарка на САД ја пренесе пораката дека Македонија е важен трансатлантски партнер на САД.

-Изразена е силна и недвосмислена поддршка од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за развојот и европските интеграции на Македонија и за итно и неодложно почнување на преговорите со ЕУ, како прашање од стратешка важност за стабилноста на целиот Западен Балкан, наведе владината прес-служба по средбата Ковачевски – Донфрид.

Според министерот Османи, сега е вистинско време ЕУ да го исполни својот дел од задачата и да го деблокира нашиот пристапен процес преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, за време на француското претседателство.

Османи на заедничката прес-конференција со Донфрид предупреди дека отсуството на напредок во евроинтегративниот процес ќе има сериозни последици за нашата држава и за земјите од Западен Балкан, но отвора, како што напомена, и простор за штетни влијанија од трети земји поради што „забрзување на евроинтегративните процеси е значаен геополитички интерес и за нашите партнери“.

-Процесите на проширување на ЕУ претставуваат и безбедносна политика и оттука, членството на регионот во Унијата е од суштинска важност за регионалната и европската безбедност и стабилност. Никој од нас нема време за губење, подвлече министерот.

Македонија, додаде, е европска земја и лојален партнер со значителен напредок во реформските процеси и иако се уште земја кандидат, стопроцентно е усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и со сите рестриктивни мерки што произлегуваат од воената агресија на Русија врз Украина.

-Цениме дека сега е вистинско време за ЕУ да го исполни својот дел од задачата и да го деблокира нашиот пристапен процес преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција за време на француското претседателство. Тоа ќе претставува големо охрабрување и за другите земји од Западен Балкан. Ќе се потврди кредибилноста на ЕУ и ќе се охрабрат процесите за надминување на разликите и помирувањето во регионот. Иако стабилен, регионот е обременет со бројни прашања кои создаваат простор за диригирана нестабилност засилена со надворешни влијанија од центри на моќ во чиј интерес не е стабилноста и просперитетот на регионот, рече министерот.

Посетатата на помошник државната секретарка на САД Донфрид е во рамки на нејзината турнеја низ земјите од регионот, која почна на 25 април. Дел од турнејата низ Западен Балкан се и Албанија, БиХ, Црна Гора, Србија и Косово.

Во меѓувреме, шефот на дипломатијата Османи синоќа во интервју за „Клик плус“ на ТВ21, осврнувајќи се на прашањето меѓу Скопје и Софија, оцени дека после оваа шанса, ќе има се помалку политички капитал, енергија, храброст од било кој политичар за решавање на спорот со Бугарија.

Според него, ќе се чека од Европската Унија да каже што понатаму бидејќи ние сме направиле се што сме можеле и не можеле.

Османи рече и оцени дека внесувањето на Бугарите во Уставот е созревање на процесот и оти тоа е најдоброто решение, но дека тоа не можеме да го направиме пред почетокот на преговорите со Европската Унија.

Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, пак, вели дека францускиот став во однос на Македонија во ЕУ не е променет, но се зависи од можноста двата главни града, Скопје и Софија да постигнат договор.

– И тој договор кога и едната и другата страна ќе го потврдат ќе може да се оди напред. Затоа е многу важно да се води дијалог помеѓу Македонија и Бугарија. Сега се наоѓаме во фаза кога ставовите се прецизираат од двете страни на границите, рече Бомгартнер во „Клик плус“.

Силната поддршка за почеток на преговори од Тирана ја повтори и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, кој порача дека одложувањето на преговорите со Скопје и Тирана ја загрозува довербата во ЕУ.

Вархеји, кој од Скопје допатува во Тирана, на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, рече дека Европската Унија работи напорно за да ги убеди Бугарија и Македонија да го решат спорот и да го отворат патот за пристапни преговори со ЕУ за Скопје и Тирана.

– Мора да почнеме со вистинска интеграција на терен. Доцнењето на Брисел за отпочнување на разговорите за членство во ЕУ со владите на Тирана и Скопје ја доведува во прашање безбедноста и довербата во Унијата, рече тој на прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, нагласувајќи оти е потребно воспоставување стабилност на Западен Балкан, рече Вархеји.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бомбардерите „Б-1Б“ на американските воздухопловни сили пристигнаа…

Два американски бомбардери „Б-1Б Лансер“ извршија рутинска…

Како Јакимовски ја гледа Македонија за пет…

Немаме наставници по математика, физика, географија и…

Морничава изјава на Бајден: Канибали можеби го…

Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џозеф…

Јакимовски: 15 милиони Украинци не се проблем…

Отворен Балкан мора максимално да се поддржи…

Цената на природниот гас во Европа достигна…

Цената на природниот гас во Европа достигна…