Историчарот Панов: Со ванчомихајловизмот Бугарија го лечи комплексот на соработка со Хитлер

t

Дебатата за Ванчо Михајлов е испровоцирана, меѓу другото, за да се дефокусира јавноста од комисиските договарања за цар Самоил, за Охридската архиепископија и за средновековието, нешто што за Бугарија претставува фундамент на концептот на „заедничката историја“.

Ова во интервју за емисијата „Трилинг“ го вели историчарот Митко Панов, кој смета дека нашиот источен сосед токму со ванчомихајловизмот го лечи комплексот на соработката со Адолф Хитлер.

– Секако тоа е тест за капацитетoт на актуелното македонско државното раководство за заштита на националните интереси и на историската посебност на македонскиот народ и македонската нација. Особено што Ванчо Михајлов е само незначаен сегмент од политичките цели кои треба да се реализираат преку „заедничката историја“ – вели Панов.

Во поглед на Ванчо Михајлов, додава тој, нема потреба од демистификација, бидејќи неговата улога и место во историјата е елаборирана и искристализирана во македонската историографија.

– Особено што своите убедувања тој ги има јавно декларирано, за што постојат и видео записи кои покажуваат како тој самиот се квалификувал себеси. Но, судејќи според постапките на основачите на бугарскиот културен клуб кој го носи неговото име, со што демонстративно се воскреснува личноста на Михајлов и тоа со јавна промоција во присуство на највисокото бугарско политичко раководство, прашањето за демистификацијата треба да се упати на нивна адреса. Истото се однесува и на целите кои сакаат да се постигнат со проектирањето на Ванчо Михајлов во современа Македонија. Апсурдот да е поголем, тоа се прави под превезот на културата и заштитата на човековите права, а притоа се оспорува народот и нацијата од која се бараат таквите права, при што истите права се негираат во Бугарија. Во овој контекст, само би се осврнал на фактот што Ванчо Михајлов го оспорувал македонскиот историски наратив и бил првиот кој ја нападнал „Историјата на македонскиот народ“ (1969) во книшката објавена под псевдонимот Радко Дејанов истата година. Михајлов посебно го критикувал делот во „Историјата на македонскиот народ“ за Самуиловата држава, напишан од хрватскиот историчар, Стјепан Антолјак, оценувајќи дека тоа требало да овозможи на Титова Југославија и на „скопските агенти“ полесно „да се говори за некаков македонски народ, и тоа народ со историско минато“. Оспорувајќи ја посебноста на Самоиловата држава, Ванчо Михајлов, претендирал да „докаже“ дека традициите, народниот говор, книжевниот јазик, словенската писменост, Охридската архиепископија биле „стопроцентно бугарски“, со што го негирал постоењето на македонскиот народ. Нешто што денес го тврди и официјална Софија и претендира преку комисијата за историски и образовни прашања да го наметне како нов наратив за Република Македонија, со кој историски треба да го делегитимира самото постоење на македонскиот народ и македонската нација. Тоа води и кон клучното прашање – зашто токму сега? Особено што регистрацијата на бугарскиот културен центар со името на Ванчо Михајлов датира уште од 2019 година – објаснува Панов.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Адвокат по грешка развел погрешна двојка

Мала компјутерска грешка во адвокатска фирма специјализирана…

Убиен работник од Украина во Славонски Брод

Во центарот на Славонски Брод во попладневните…

ЗАВРШИ ГЛАСАЊЕТО ВО ЗАТВОРИТЕ, НА БОЛНИТЕ И…

Вкупно 14-те гласачки места во казнено поправни…

(Фото) Апасиев се огласи со оптимистички пораки…

Апасиев се огласи на социјалните мрежи со…

11 лица незаконски работеле на Токсикологија

5 медицински сестри, 3 болничари, 1 лаборант…