Се враќа ли во политиката? – Заев со ново интервју – Во време на војна во Европа видливо е колку е драгоцен Договорот од Преспа

t

Само се запрашувам како беше пред 2018 година, а како е сега и дали вредеше? Секако дека вредеше, истакнува поранешниот премиер Зоран Заев во разговор со дописничката на МИА од Атина веднаш по неговото обраќање на Конгресот на СИРИЗА и говори за позитивните реакции на кои наишол не само од симпатизерите и членовите на грчката партија, туку и општо, за време на неговиот неколкудневен престој во Атина.

Вели дека Договорот од Преспа им донесе добро и на Македонија и на Грција, а „посебно е видливо за време на војна, која се случува на европскиот континент, колку е драгоцен договорот и истовремено ја испраќа пораката дека се решаваат дури и тешките прашања, ако двете страни навистина сакаат да постигнат мир, да постигнат соработка, да постигнат секако подобра иднина, за идните генерации кои што доаѓаат после нас”.

Со оглед на тоа дека веќе има поинакво секојдневие далеку од премиерската функција и одговорностите што ги носи, Заев коментира дали гледано од овој временски аспект, би сменил нешто во преговорите.

Истакнува дека го постигнавме она што го сакавме, „наше беше да го заштитиме нашиот македонски идентитет, македонскиот јазик и тоа го имаме”.

Изразува надеж дека неговиот наследник, премиерот Димитар Ковачевски ќе ја исполни и последната од двете стратешки цели, „а тоа е почеток на преговорите со Европската Унија и секако унапредување на економскиот стандард на целиот наш народ”.

Двајцата поранешни премиери, Зоран Заев и Алексис Ципрас освен Договорот од Преспа, ги врзува и пријателство, кое е очигледно и за време на нивните јавни настапи, а се покажа и за време на Конгресот.

Поранешниот премиер, со овации и аплаузи, беше пречекан на третиот Конгрес на СИРИЗА, како на првиот ден за време на говорот на лидерот на партијата Алексис Ципрас, така и синоќа за време на неговото обраќање пред делегатите и членовите на СИРИЗА, а во разговор со дописничката на МИА од Атина, ги пренесува впечатоците.

Гостин сте на третиот Конгрес на СИРИЗА, кои се Вашите впечатоци од учеството? Судејќи според реакциите на присутните, одлично сте прифатен, се чини дека доста Ве ценат.

-Навистина сум почестен и од реакциите на претседателот на СИРИЗА, мојот пријател Алексис Ципрас, но и на сите овие 5.700 делегати, а присутни некаде повеќе од 7.000 луѓе на овој стадион овде во Атина.

Реакциите се позитивни, луѓето реагираат веројатно заради тоа што знаат што значат договорите. Дека прво нема зијан од нив, дека носат добро на сите што договараат било што. Така и овој нашиот, Преспанскиот договор, донесе добро на Македонија, донесе добро и на Грција, посебно е видлив за време на војна, која се случува на европскиот континент, колку е драгоцен договорот, а истовремено ја испраќа пораката дека се решаваат дури и тешките прашања, ако двете страни навистина сакаат да постигнат мир, да постигнат соработка, да постигнат секако подобра иднина, за идните генерации кои што доаѓаат после нас.

Мене ми е драго што овие два три дена овде во Атина, целокупното однесување на грчкиот народ е позитивно. Ај да кажеме како двајца левичари, јас и Алексис или две политички партии со лева ориентација, па така и нашите членови и делегати на конгрес поддржуваат е една работа, но задоволен сум и среќен што навистина луѓето по улица, додека пиевме кафе некаде, во хотелот каде што сме сместени..

Ве препознаваат?

-Ме препознаваат сите и сите се пријатни. И само се запрашувам како беше пред 2018 година, а како е сега и дали вредеше? Секако дека вредеше. Прво луѓето се пријателски настроени, јас знам дека и Алексис има почитување во Македонија, кај целиот наш македонски народ, а како што и јас еве се чувствувам навистина убаво овде во Атина, па и во Солун и во другите градови во Грција кога одиме. Така да, нема зијан од пријателството, нека го има што повеќе и на Балканот, но и во Европа.

Велите дека вредеше, гледајќи од овој временски аспект, речиси четири години по Договорот од Преспа, сега кога не сте повеќе премиер, сигурно имате и повеќе слободно време за размислување, би промениле нешто? Во преговорите? Во самиот договор?

-Во преговорите го постигнавме ние тоа што сакавме, веројатно и грчката страна го постигна, па така бидна и договорот. Неколку пати кажувам, водев грижа за Алексис и неговите позиции пред неговиот народ, пред Владата, пред Парламентот, како што водеше и тој, за моите позиции пред македонскиот народ, пред Парламентот, пред Владата. Наше беше да го заштитиме нашиот македонски идентитет, македонскиот јазик и тоа го имаме. Тие побараа име со географска одредница и ерга омнес. Зошто ерга омнес? За да нема повторно кавги, затоа што тешко се разграничува што е за дома што е за надвор.

На крајот имаме одржливо решение, кое што денеска претставува една база за иднината кое што треба да донесе уште поголеми соработки од тие што денеска ги имаме. Затоа што овој договор, навистина може да биде основа или една фондација на унапредување на соработката на секое можно ниво, која што секако и сега ја има. Има огромен број на економски унапредувања, инвестиции грчки, соработка во областа на спортот, на образованието, на културата итн. Но, можностите се огромни, дури не можеме да ги замислиме точно кои се можностите што стојат пред нас.

Така да, секако сум среќен и еве денеска гледајќи од ваква ретроспектива затоа што договорот пред сè беше решавање на билатерално прашање помеѓу два соседа. Секако после него, веднаш дојде НАТО, нашата огромна афирмација во демократскиот свет и во Европската унија поточно, но и во целокупниот демократски свет, која што за жал до крај не беше исполнета, тоа што значи наше очекување, а тоа е и почеток на преговорите со Европската Унија.

Искрено, се надевам дека тоа ќе го заврши нашиот нов премиер господинот Ковачевски, кој што одлично ја стартуваше својата мисија за целиот овој наш народ и за целата држава, а тоа е да ја исполниме уште едната од двете преостанати стратешки цели, а тоа е почеток на преговорите со Европската Унија и секако унапредување на економскиот стандард на целиот наш народ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Битиќи: Коалицискиот капацитет ќе биде одлучувачки за…

„За вториот круг на претседателските избори клучно…

Уапсен Турчин на Деве Баир, на увид…

Вчера во 20.25 часот на Граничниот премин…

Дончиќ со тројки го „разнесе“ Клиперс и…

Кошаркарите на Далас маверикс триумфираа против Лос…

Тешки денови за Вардар, крај на сезоната…

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар доби лоши…

Скокнаа цените на нафтата, остар пад на…

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без Јапонија,…