Трајанов: Несогласноста за една изборна единица води кон избори

t

Несогласноста за една изборна единица води кон избори, односно ако предложеното законско решение биде блокирано, наш предлог ќе биде – вонредни избори, изјави претседателот на Демократски сојуз Павле Трајанов. Тој укажува дека предлогот за вонредни избори ќе биде додставен доколку ситуацијата тоа го дозволува, односно, како што вели Трајанов, доколку биде завршена војната во Украина, а во земјава имаме стабилна безбедносно-политичка состојба.

Според него, притисокот од помалите партии вродил со плод и е започната расправата за предлогот за измените на Изборниот законик, но тој го поставува клулното прашање – Како ќе заврши?

Трајанов потсетува дека по една година откако законскиот предлог е поднесен до Собранието, вчера Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во прва фаза го поддржа предлогот за избор на пратеници според пропорционален модел, без изборен праг, со Донтов модел на распределба на мандатите, при што државата би била една изборна единица.

Лидерот на ДС оценува дека конкретниот предлог за една изборна единица наиде на внимание „кај двете страни на политичкиот спектар“, откако пратениците од ДС, ДОМ, ЛДП, ВМРО-НП и ДПТ, како членки на владејачката коалиција во јануари поддршката на новата Влада на Димитар Ковачевски ја условија со барањето „во рок од три месеци да се донесат измените на Изборниот законик”.

-Тоа ја стави Владата под притисок одвнатре, во време кога опозицијата континуирано бара предвремени избори. Како ќе заврши ова барање ќе зависи од фактот дали ќе биде обезбеден консензус меѓу сите партии, но се чини дека и ако не биде обезбеден, малите партии кои се дел од владејачката коалиција сега нема лесно да се решат да ја откажат поддршката на Владата, заради актуелниот момент, вели Трајанов потсетувајќи дека на тоа укажал деновове.

-Но, ако повторно прават трикови, крајниот чекор ќе биде да ја откажеме поддршката на Владата и да одиме на предвремени избори. Сепак тоа нема да го сториме сѐ додека трае кризата во Украина, вели Трајанов, а Демократски сојуз потсетува дека тоа лидерот на партијата го најави уште минатата недела во изјава за „Слободен печат”.

Доколку кризата во Украина заврши, а предлогот за една изборна единица не биде усвоен, на прашањето дали Демократски сојуз ќе ја напушти Владата, Трајанов вели:

-Ние предлагачите ќе се вклучиме во расправата и со аргументи ќе се обидеме да изградиме поширок консензус. Но доколку некои од партиите го блокираат со амандмани, тогаш ние предлагачите и партиите што се за промени, ќе изградиме заеднички став, но предлогот ќе биде – вонредни парламентарни избори. Се разбира, само ако има услови за тоа, пред сѐ војната во Украина да заврши и да имаме стабилна безбедносно-политичка состојба, како и гаранции за демократски и фер избори. Во таков случај ќе предложиме да се распушти парламентот и да се организираат предвремени парламентарни избори. Но сме против формирање на некакво ново парламентарно мнозинство, вели Трајанов, а тој став, како што велат од неговата партија, го изнел и за Дојче веле на македонски јазик.

Според лидерот на ДС, во меѓувреме малите партии низ јавна расправа ќе ги тестираат големите партии, односно дали тие ќе ја поддржат идејата за една изборна единица со која треба да се елиминира нивниот монопол преку кој, нагласува Трајанов, во корпа за отпадоци завршуваат гласовите за помалите партии, а во Собранието секој пратеник ја нема истата тежина базирана на гласови.

-Имавме случаи кога некои партии освојуваа по 30 илјади гласови, но не добија ниту едно пратеничко место, бидејќи гласовите им беа расцепкани во повеќе изборни единици, а не беа сконцентрирани во една. Кога базата би била една изборна единица, малите партии сметаат дека би имале многу поголеми шанси, нагласува Трајанов.

Тој илустрира дека на пример, во шестата изборна единица, освен на последните избори, досега беа потребни околу 6.300 до 6.700 гласови за еден пратеник, а во третата изборна единица од 9.500 до 10.000 гласови. Дваесет пратеници во шестата изборна единица се избираат со 60.000 или 70.000 гласови помалку, во споредба со пратеници во третата, четвртата или некоја друга изборна единица.

Трајанов смета дека „ако мнозинството или повеќе од две третини се изјаснат ‘за’ нема да има никаква пречка тој законски проект да помине, затоа што над 90 пратеници дале поддршка за една изборна единица”.

Притоа, Трајанов нагласува дека за ДУИ оваа математика не игра никава улога и дека инсистираат на коонсензус, политички, но и етнички.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кулеба ги пофали американските политичари за одобрувањето…

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро…

Тетовец измамен, платил преку интернет 21 илјада…

СВР Тетово информира дека жител на тетовскиот…

Ако се штеди, во што повеќе –…

Парите кои македонските граѓани ги чуваат во…

ОИК Куманово: Во Куманово на три избирачки…

На две избирачки места во Куманово поради…

Ужас: Силувана малолетничка во Скопје

На 23.04.2024 во 09:30 часот во СВР…