120 години од раѓање и 65 години од смртта на Методија Андонов – Ченто: Баукот на Ченто кружи над Македонија – потсетува и опоменува

t

Серијал за една лична и семејна неправда. Потсетување на личната и семејна Голгота на три генерации на семејството Ченто. Потресна приказна на трагичната судбина на Ченто, сведочења за репресијата врз него и неговото семејство. Лична драма и семејна траума. Потсетување на грдото лице на едноумните системи и суровите методи на репресија, на етикетирња, на стигматизирање. Било, и никогаш да не се повтори.

Пред петнаесетина години во една многу поучна книга “Репресија и репресираните во поновата македонска историја“, прочитав многу интересна мисла. Партиите се минливи, политиката е променлива, но, човекот е вечен“. Мислата како да е напишана за Методија Андонов – Ченто, големиот македонски трибун, револуционер, политичар, државник, кој целиот свој живот го посвети на идејата за национална афирмација на македонскиот народ и за обединета и слободна демократска Македонија. Партијата која спроведе монтиран просцес против него, КПМ/СКМ е најдобар пример за минливост на партиите – не постои, иако еден митарен политички субјект, СДСМ, важи за нејзин правен наследник. Политиката која без докази и аргументи го осуди, веќе 30 години е историско минато, сместена од историјата на историското сметлиште. А човекот, во случајот Методија Андонов – Ченто, иако одамна починат, ги надживеа и партијата и политиката, и веќе е историски мит и вечна легенда на Македонија и Македонците.

Годинава чествуваме 120 години од неговото раѓање(17 август 1902г.) и 65 години од неговата смрт(24 јули 1957г.). Гледаме, роден е во предвечерието на славното и крваво Илинденско востание, од кое се изнедри крушевската Република – првата република на балаканот.

Оваа двојна годишнина претставува примерна историска дистанца за да се погледне низ историскиот објектив врз животот и делото на Ченто. И не само тоа. И понатаму се чувствува потреба да се дооцени неговото големо револуционерно, национално и државничко дело, секако во позитива, но и да се преоценат и клучните настани и процеси, а во нив и одговорните личности, во нашиот колвузивен општествено-политички, национален, економски и културен развиток во периодот од АСНОМ до 8 септември 1991г. – период на матен социјализам/комунизам и период на замаглена современост.

Не станува збор само за формален јубилеен чин, туку и долг на нашата научна мисла, од причина што историјата ни се повторува и како фарса и како трагедија. И после сите грешки, недоследности, монтировки, полициски бруталности, обвинителско-судски пропусти и бруки, од пред 60-70 години, лекцијата не ја научивме. Дозволивме(срам да ни е!) членови на фамилијата Ченто повторно да бидат малтретирани, прогонувани, неосновано притворани, без докази осудувани, и тоа на драконски казни, ни помалку, ни повеќе, за “Терористичко загрозување на безбедноста на државата“. И така, по налог, повторно на ненародна власт, одродена од македонскиот народ, полтронското обвинителство и зависното и политизирано судство, го огласи внукот на Ченто, Јане Ченто, за терорист. Ете, повторно сериозни системски слабости, неодговорни пропусти и непростливи кардинални грешки. Нови нововерници построени зад големата лага и зад државниот злостор, џелати на 21-от век, во стил и со став на модерни македонски кортеси, си замислуваат дека делат правда. Не, господа, тоа е омраза, и неправда, што за жал, се повторува. Наместо слепа Јустиција, имаме слепи и безумни џелати-извршители, заљубеници во француската гилотина, лондонскит тауер и американскиот макартизам.

Но, духот, делото, и судбината на првиот претседател на првата современа македонска држава, лебди како баук над Македонија и не потсетува и опоменува. Името Ченто е универзален пример на личност со достоинство, чесност и доблест. Пред 17 години професорите-историчари Ачкоска и Жежов, напишаа дека Ченто е личност која го вградила својот живот во темелите на македонската држава. Неговата желба да се создава и гради Демократска Македонија, била посилна од сите ветувања за негова лична благосостојба и благосостојба на членовите на неговото семејство.

Денес јас додавам, поточно потсетувам на гордото и одважно држење на неговиот внук Јане, кога судијата-џелат му ја читаше драконската казна – кога изјави дека ќе ги издржи сите неправди, навреди и понижувања и дека живее за моментот кога на виделина ќе излезе вистината. Знаеме и водовме дека Ченто, од НОБ/НОВ и АСНОМ, имаше душа и дух што не може никој да ги скрши. Никогаш не потклекна. Стоечки ги издржа сите неправди, подметнувања и монтирања. После толку години го видовме и неговиот внук горд и достоинствен во држењето пред судот, одлучен и бескомпромисен да не бара помилување. Вистински наследник на скромниот, чесен и искрен дедо, кај кого на преден план беше складот помеѓу зборовите и делата.

Добро ми е познато дека историјата ја пишуваат историчарите(иако деновиве сме сведоци дека тоа го прават по налог на забеганите одроднички политички елити). Од искуство знам дека по правдата трагаат правниците. Времето пак, минато и сегашно, ни покажа дека историјата никому не простува. Таа(историјата) и времето се најправедни судии. Во срамните и неправедни пресуди на Чентовци, дедото Методија и внукот Јане, формално пишува дека се осудени “Во името на народот“, за дедото, и “Во името на граѓаните на Република Македонија“, за внукот, ама вистината е дека нив ги осудија партијата, КПМ/СКМ и СДСМ, водачот(Колишевски, Темпо, Цветко Узуновски-Абаз, Зоран Заев) и полицискиот, обвинителскиот и судски, бирократизиран и политизиран државен апарат, на недемкратскиот режим – тогашен и денешен. И за дедото Ченто, и за внукот Јане Ченто, сценаријата за нивното притворање, иследување, обвинување, судење и осудување, беа прецизно осмислени од злобни, недобронамерни луѓе, полни со омраза и нехуманост.

И да се знае: Ченто не беше ниту непријател на народот, ниту странски шпион; Јане не е терорист. Тоа е вистината.

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Јандриоски до политичарите: Не пишувајте утешителни статуси…

Политичарите во Македонија побрзаа на Фејсбук да…

Ашковски разочаран: Заслужувме многу повеќе од двата…

Очекувано не можеше да се сокрие разочарувањето…

Борисов за иссвиркувањето на бугарската химна: Соседите…

Поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов го…

И покрај поразот Милевски смета дека сме…

Македонија вечерва го загуби последниот натпреват во…

(Видео) За малку ќе беа “пошљакани”: Тензијата…

Фудбалскиот натпревар меѓу Македонија и Бугарија кој вечерва се играше на…