120 години од раѓање и 65 години од смртта на Методија Андонов – Ченто: Како и кога го запознав Ченто?

t

Како е можно да имаш 26 години, со факултетска наобразба, а да не го знаеш, поточно да не си чул за првиот претседател на современа Македонија? Социјализмот(оној “со човечки лик“, кој “ги голташе децата на Револуцијата“), Партијата(КПМ/СКМ), Вождот(Колишевски, Чемерски, Панчевски, Лазаревски) и се е можно! Каде се тука основното, средното и восокот образование? А историјата!? Дали историјата повеќе запишувала или пак бришела и ретуширала? Го оставивме ли зад нас времето на“подобни“ и “неподобни“? Или пак сега на сцена и цена се “компетентни“ и “некомпетентни“?

Денес ќе ви раскажам приказната кога и по кој повод прв пат слушнав за името Ченто. Инаку, јас сум роден на 15 јули, во годинаста кога тој починал во ужасни здравствени маки на24 јули, па така и не сум можел да го сретнам на живо. Ама го немаше ниту во историските читанки, ниту пак во званичните докуманти на државните институции на Република Македонија. И еден обичен ден името Ченто се појави во еден список за канење на гости по повод значаен јубилеј. Одиме по ред.

Во 1983 година се славеа 40 години од првиот конгрес на НОМС(Народноослободителен младински сојуз на Македонија), одржан во Фуштани 1943година. Како секретар на РК на ССММ, бев одговорен за републичката прослава на овој јубилеј, закажана за 22 декември во Гевгелија. На четирите стручнополитички работници вработени во Претседателството на РК на ССММ им дадов налог да ми направат список на сите претседатели, секретари и членови на младинските раководства од 1943г. до 1983г, со цел да се направи листа на поканети гости – поранешни младински раководители.

Списокот беше готов за неколку дена. Ги задолжив службите за прославата да ги канат живите младински раководители од минатото, а за починатите да се канат членови од нивните семејства. Еден од стручнополитичките работници побара со мене да се сретне “во четири очи“. На средбата од него ми беше скренато внимание(еден вид добронамерно предупредување) дека списокот веќе го знаат во ЦК на СКМ(во коцките од спротива на нашите простории) и дека ќе има големи реакции. На моето прашање реакции за што и кого, тој ми кажа пред се за Ченто, па за Црвенковски, Милосавлевски, Мирчев…

Од посочените “неподобни“ и “во бункер“ ставени, ништо не знаев само за Методија Андонов – Ченто. Еееј, прв пат да чуеш за првиот претседател на Македонија во својата 26 година. Пред тоа ништо во училише, ништо на факултет, ништо во званичната историја. Аууу! Брука невидена. Да не го знаеш претседателот и државникот кој ја создавал слободна и демократска Македонија!?!

И така, се потрудив нешто да дознаам, ама не ми одеше. Секретарката ми рече дека за Ченто нама ништо во младинската архива. Ги свртев моите “историски читанки“ и таму ништо. Побарав увид во архивата на ЦК на СКМ, бев одбиен. Се послужив со една итрина: за ден-два патував на седница на претседателството на ССМЈ во Белград, па по телефон го замолив Кирил Темков, шеф на кабинетот на Александар Грличков, дали може да ми обезбеди увид во некои документи на ЦК на СКЈ, кои се чуваат во архивата. Почитуваниот Темков ми излегна во пресрет и увидот ми беше обезбеден. Погледнав во некои записници, прочитав некои закључоци и ми стана јасно – Ченто е револуционер и државник на Македонија ретуширан(избришан), како од јавната сцена, така и од историјата.

Што ќе се прави сега?

Кога се вратив во Скопје ме чекаше изненадување: треба да се јавам кај Кочо Битољану, тогашен кадровик во претседателството на ЦК на СКМ. Отидов на состанок кај Битољану, каде беше и Светлана Антоновска, член на највисокот раководство на СКМ. Видов Битољану во рацете го држи списокот за канење на гости за јубилејот, направен во младината. Прашав од каде го добил, ама тој само се насмевна загонетно, а одговор не добив. На состанокот ми беше наложено “спорните“ и “неподобни“ личности, кои се живи да не се каната на прославата, а за починатите, да не се кани никој од нивните семејства. За се го информирав Мирко Трипуновски, претседател на претседателството на РК на ССММ. Заеднички закључивме, дека сме шпионирани од некои од вработените(тоа беше мојата “прва средба со Де-Бе-Ка“, поточно се нејзините “очи“ и “уши“) и во иднина треба да внимаваме, а сепак одлучивме да покажеме непослушност, па така за јубилејот каневме и “подобни“ и “неподобни“. Инаку прославата во Гевгелија помина во најдобар ред, од поканетите “неподобни“ не дојде никој, ама ние знаевме дека кога токаш “ќе го јадеме стапот“.
Подоцна, после две години, кога од младината бев предложен и изгласан за кандидат за секретар на ССМј во Белград, не поминав во Це-Ка, и бев прогласен за неподобен подари долга коса, брада и носење џинс облека, а во суштина се работеше за непослушност во случајот на “Ченто и останатите“ и за тоа дали ФЕНИ треба да работи или да се затвори, како што одлучи Це-Ка, а ние младите бевме на став и донесовме одлука, дека треба и понатаму да работи(Аце Коцевски, ни крив ни должен, си стана секретар на младината на Југославија).

Тоа беше моето големо разочарување од “Политиката на СКМ“, со која уште тогаш духовно и интимно раскрстив, а во 1988г. и се самоисклучив од редовите на СКМ и се зареков дека никогаш повеќе директно нема да се бавам со политика, и ете до ден-денес се придржувам до тој мој став.

Подоцна во мојот живот се запознав со професорите Димитар Мирчев и Славко Милосавлевски, со кои се дружев и соработував се до нивната смрт. Од нив имам забележано искажувања во врска со нивните лични и семејни драми, во врска со етикетирање, стигматизирање, вртење глава настрана од најблиските соработници, бојкот од средината, отпуштање од работа, премнолчна забрана за јавен настап и живот, “прогон“ во странство и сл.

Со членови на фамилијата Ченто се запознав во 2017-та(Јане, неговите родители и сестрата) и горд сум што сум познаник на потомци на големиот народен трибун кој целиот свој живот го посвети на национална афирмација на Македонците и за обединета и слободна Македонија. Значи, првиот претседател на современата македонска држава – Ченто, иако безобѕирно прогонуван, неосновано суден, брутално понижуван, безобразно малтретиран, сепак, и покрај се, живее во свеста на поколенијата Македонци. Горди сме на неговото револуционерно и државничко дело, го чествуваме и му се поклонуваме.

Тој и неговиот Чентовизам, за нас е поука, порака, обврска и симбол на сите невини жртви. Белег на нашето вчера, совест на нашето денес и вера во нашето утре.

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Лога му врати на Апасиев: Наместо да…

Министерот за правда Кренар Лога вечерва врати…

Тетово, Кичево, Струмица, Велес се меѓу најзагадените…

Тетово, Кочани, Велес, Кавадарци, Кичево, Струмица вечерва…

Блинкен: САД имаат план за Украина

Американските власти направија јасен план за Украина,…

Македонскиот јазик не е и нема да…

„Македонскиот јазик не е и нема да…