Koстов: Героски ми наликува на француска собарица која блика од невиност

t

Мојата пресметка со нив

„Свириш ти на виолина, мали мој, но запамети – твојот живот ќе биде борба со диви ѕверови!“ Мирослав Крлежа за Раде Шеребеџија

Сепак би сакал да се додумам, т.е. “пресметам“ со групата интелектуалци која сака повторно да се обединуваат и обзнани свој проглас. Зборот пресметам е во наводници за да Герчо не ми накалеми и насилство, како што своевремено ме етикетираше како националист, клеро-националист, маргиналец, непрокопсаник, усрана друга страна, страдна душа, хулиган, па и терорист. А потоа во стилот на Чомбе ми даваше троа живот, од оној на Заев. Која коректност, каква хуманост! Од тој ракурс на гледање Героски ми наликува на француска собарица која блика од невиност.

Јас за разлика од него ќе ги прескокнам срамните навредите, ниските удари и безобразното етикетирање и веднаш in media res одам на темата, и прашувам: Дали можеме својот интелектуален хабитус да го делиме со секого? Со било кој? Не, не можеме! Поточно, не можам. А башка што мислам дека, кај поголем дел од вас, не сите, и уште еднаш не сите, ми пречи вашата ментална матрица “немаме друга алтернатива“(мислам на НАТО и ЕУ и само на нив). А да бидам искрен во “Дружината братско стебло“ имате и по некоја прикриена змија осојница.

Другарчиња бре, некако претенциозно смрдливите прдежи на Грците, Бугарите и Европејците ги сметате за триумфални фанфари. Мене тоа ми наликува на мочливо-плачлива патетика. И некако сето ова ми личи на лицемерие, да не речам дека ми наликувате на лажни пријатели, жаргон позајмен од јазичната сфера. Тоа ти е falsi amici во италијанскиот јазик, falsos amigos во шпанскиот јазик, false friends во англискиот или falsche Freunde во германскиот јазик. Како да ви кажам, имаме нешто заедничко, ама не сме исти бре браќа. Вие го прежаливте името, а јас тоа не можам да го сторам во никој случај и под никоја цена и за никаква цел. Бесете ме, колете ме, ама не можам. И затоа мислам дека не можам да учествувам во претставата “лажни браќа“, кои заедничка куќа градат. Тешко на куќата(“го продаде кучата“). И така од старт кучата остана без темелите(името). Значи, одма на расчистиме: Јас во ова ваше Рококо на Глупоста не учествувам. Вие го сфаќате како триумф на интелектуалноста, јас пак како пораз на духот. Духот на поединецот, на колективот, на времето, поточно на невремето. Ред е оваа интелектуална оргија par exellence сами да ја одиграте. Прашувате зошто? Е па ми наликува малку на оргија на кичот.

И сега најбитното: Идејата не ви е лоша, напротив, одлична. Ама сте го утнале времето. Стотици, илјадници и стотици илјади Македонци веќе се обединија. Почетокот беше некаде во 2009г. кога интектуалците и академците од Македонски манифест, на Македонија и го дадоа Македонскиот манифест, а подоцна и Македонската платформа. Па следуваше Македонската обединета мрежа од дијаспората(Канада, САД, Австралија, Европа), па СУМ(Сите за унитарна Македонија, чии активисти само за 7 дена собраа 12 5000 потписи за процес на бранење на името пред ООН). Следуваше обединувањето на Македонските патриотски друштва и Навивачките(спортски) групи. Истовремено се случи и обединувањето на околу 150 невладини организации и движења, па Групата 200(популарно наречена “групата на Ванковска“), која порасна на околу 16-17 000 потписници. Да не ги заборавиме прогласите и акциите на почитуваните Чашуле и на Илија Андонов од Австралија, Росоклија од САД. И сега се сеќавате ли на Групата јазичари и Групата историчари кои го дигнаа гласот и беа поддржани буквално од сите во Македонија? Тоа беше вистинското (“повторно“ )обединување, кое финишираше со Платформата на МАНУ, УКИМ и МПЦ. Тука некаде, чинам природно кругот се затвори.

И сега другарски да ве прашам, ама искрено да ми одговорите: Нели ви е касно малку да бидете македонски “индигнадоси“ или пак “волтстритџии“? Некако снема гумени куршуми, шок бомби, солзавци и полициски палки за вас. Сите се потрошени на гореспоменатите Македонци, па на еден начин и тоа ги/не обедини. А вие, да не сте(не сите) малку старички за тоа? Или сакате да ни кажете дека преку ноќ сте го добиле ресентиментот на “златните години“? Демек ќе станувате шеесетосмаши. Ако е така, одам јас во Битници. Барем кај нив и во нив се вистинските вредности.

А јас да ве прашам зошто не не обединувавте, зошто не бевте бунтовни кога ни го земаа најсвоето, најнашето, најсветото и најсветлото? – Името! Република Македонија. Каде бевте тогаш мои амигоси? Јас тогаш ве очекував, ама тогаш немаше ни трага, ни глас од вас. Постоеше ли тогаш вашиот македонизам? Тикви со расол! Ете тоа беше вашиот македонизам.

А да прашам како реагиравте на нашето незадоволство, на нашиот гнев, па дури и на нашиот очај? Некако ми бевте комотни, пасивни, дури и неодговорни. Неосновно етикетиравте и срамно стигматизиравте, а Герчо и нецивилизациски сатанизираше, секого кој дигна глас против промена на името Македонија. Тогаш вие ја подржавте политиката на власта и допринесовте таа да заврши како организиран заговор на Македонецот против самиот себе. Е токму овој непобитен факт, брате Герчо, ме тера да мислам дека овој ваш проглас е современо, постмодернистичко мижи-да-те-лажам.

Сакам да знаете, и тогаш и сега, ступидна, подмолна и погубна ви беше тезата не е проблем што го продадовме името, важно е конечно сме во НАТО и ЕУ(тука хер Герчо водеше, како што и во оваа прилика сака да предводи). НАТО видовме, ама нешто медот и млекото што ги гарантираше Шекеринска, ги нема, а за ЕУ ве молам да не зборуваме, премногу е болно. Не сме ги преболеле( и никогаш нема да ги преболиме) Грците со кражбата на историјата и името, а еве ги Бугарите, работат, тоа да ни биде и најболно – бол што води во смрт, идентитетска, национална и државна смрт.

Со целосно почитување на вашите, со Устав загарантирани, неотуѓиви и нераскинливи права на глупост, не/знаење, интелектуално слепило, исполитизираност, дрскост, ароганција, самобендисаност, малициозност и полтронизам (кон Зоран Заев и неговата власт и повторно не на сите вас), морам да ве разочарам. Јас со вас нема да се обединувам. Секогаш сум го почитувал правото на поинакво мислење, затоа што без тоа нема култура на дијалог, нема напредок, нема демократија. Од друга страна, секогаш сум сметал дека има некои блескаво црвени линии на морал, пристојност, чест, достоинство и доблест, под кои не смее да се оди. Затоа и не одам, ниту имам намера да одам под тие линии. Ама сакам да ви кажам и тоа многу искрено, вие терајте си ја вашата Македонска рапсодија. Мојата морална хигиена е само мој проблем, никако ваш. Вие сте намирисале нешто и терајте го мулето. Добро, тоа што мислата во Македонија ни се случува како реа, е друга работа. Чиста семантика. А богами и дијалектика на прославениот македонски филозоф Панта Реи, кој во стил на вешт магионичар грешното минато, не само што го претвора во безгрешна сегашност, туку и во светла иднина(Знаете овој филозоф изјави дека се тече и се се менува во полза на интелектуалните крокодили). Е, да, ама не! Тука Еразмо како да ми довикнува дека на Глупоста и е непријатно, и се чувствува премногу гола и грда.

И така јас си стојам/седам во нашата македонска интелектуална крчма потполно осамен… со мислите се движам напред…. потполно сам… и си велам, со сета почит кон вас, јас и сосема сам ќе бидам во добро друштво. Во духот на Ниче и Заратруста – така зборуваше почитуваната Ванковска во лето господово 2012. Ама да знаете, ако Ванковска тогаш беше сама, а јас денес сум сам, поттикнат од вашето интелектуално обединување, не значи дека сме биле и осамени, Ванковска во 2012-та, јас во 2022-та. Напротив, ние со ЗБОР И НЕПОКОР КАТАДНЕВНО СО ГОДИНИ СИ МАКЕДОНСТВУВАМЕ. И би завршил, во стилот на Махатма Ганди, дека човек може да биде во право и тогаш кога е сам наспроти сите, поточно наспроти вас.

Пишува: Сотир Костов

П.С.

Да не заборавам две работи: Првата, насловот на колумната е позајмен од Мирослав Крлежа, а знаете дека тој и неговото дело се метафора за интелектуалец од највисок ранг, и е симбол за непомирливост со медиокритетите, апологетите, догмите и неправдата; И втората, Македонци внимавајте! Од 2017-та во и околу Македонија шетаат многу опасни диви ѕверки.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Со силно полициско обезбедување, осомничените за…

Со силно полициско обезбедување, осомничените за убиството…

Предложен притвор за недозволено држење оружје и…

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје…

Сакал помала казна: Еден од уапсените за…

Еден од осомничените за убиството на Данка…

Србија формираше работна група што ќе го…

Владата на Србија формираше Работна група за…

Помошта за Украина ќе причека: Американскиот Конгрес…

Гласањето во американскиот Конгрес за помош за…