Oд пописот задоволни само СДСМ и ДУИ

t

Не стивнуваат реакциите по објавувањето на податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите, што беше спроведен во септември лани. Дел од политичките партии и вчера излегоа со забелешки на резултатите од Пописот, а дел со позитивни оценки. Опозицијата најавува електронски попис бидејќи смета дека пописот не дава реална слика на популацијата, а за партиите од власта, спроведен е успешен попис согласно светските пракси и стандардите на Евростат кој е основа за идните економски и развојни политики.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, пак, порачува дека релевантноста на податоците не може да се оспорува заради незадоволството од самите бројки.

Коментарите за подзастапеност на некои етнички заедници во Пописот или нивно неприфаќање на резултатите, според Симовски, е целосно неоправдано, затоа што намалување се забележува во сите групи.

– Пописот покажа дека има намалување на бројот на населението, но нашата обврска како ДЗС е да дадеме реалната состојба согласно дефиницијата на резидентното население. Ако се направи споредба со последниот попис, имаме 185.834 жители помалку и тоа е забележливо кај сите етнички заедници, истакна Симовски во изјавата дадена за МИА.

ВМРО-ДПМНЕ излезе со став уште дента кога се објавија резултатите најавувајќи дека ќе спроведе електронски попис кога ќе дојде на власт, затоа што според нив, спроведениот попис не е комплетен и не дава целосна слика за популацијата. За Демократскиот сојуз, резултатите од Пописот не се одраз на реалноста, Левица одби да ги признае оценувајќи дека се „непопишани 300.000 државјани“, а Социјалистичката партија смета дека тој е „нецелосен, манипулирачки и на штета на националните интереси на граѓаните“.

Пописот е спорен и противуставен и за Алијанса за Албанците. Според лидерот на партијата Зијадин Села, требало да има комисија која ќе ги обработи податоците и ќе ги соопшти пред јавноста, а спорно е и тоа што македонските муслимани ги имало во пописот, но не и во резултатите.

За партијата ГРОМ, пописот не е комплетен и не може повеќе од 130 илјади граѓани да останат непопишани.

– Повеќе од 130 илјади луѓе да не ги попишете која националност се, а притоа да знаете за нив дали имаат високо, средно или основно образование, кој е доктор, адвокат, општ работник, а само да не знаете на која етничка заедница припаѓа, кој му е мајчин јазик и кој јазик го зборуваат дома во семејството, тоа е јаболко на раздорот, кое свесно се пушта од страна на Владата, изјави Љупчо Пренџов од ГРОМ, барајќи веднаш да се формираат работни групи кои ќе ги попишат овие 130 илјади граѓани. Тогаш, според Пренџов, ќе има релевантни бројки за Пописот.

Од Движењето БЕСА порачаа дека пописот на населението е и треба да остане само статистички процес, а колективните законско-уставни права на етничките заедници, во овој случај на Албанците, треба да произлегуваат од бројот на жители кои се државјани на земјата, а не од бројот на резидентни жители во државата.

Реакциите на дел од политичките партии, лидерот на ДУИ Али Ахмети ги оцени како битка за политички поени.

– Спроведувањето на попис во државата не треба да се претвори во бесмислена меѓуетничка битка. Овој статистички потфат е менаџиран и мониториран од релевантни институции на ОН, од експерти од областа на статистиката и овој е резултатот. Овие резултати беа политички поддржани и од Европската Унија, САД, порача Ахмети, апелирајќи до сите политички партии да не ја политизираат целата ситуација.

Според него, прашање на време е кога ќе се отвори Уставот „за да се отстрани додавката 20 проценти“.

И вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вчера повика да не се користи Пописот за политички поени.

– Одредени политички партии се обидуваат да го користат пописот за политички цели или за собирање политички поени, а од друга страна се сеќаваме дека дел од партиите во Собранието, особено оние кои имаат порадикални позиции, а и партиите надвор од Собранието коишто денес го критикуваат пописот, повикуваа на бојкотирање во тој период, изјави Маричиќ во интервју за ТВ Шења.

За вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пак, податоците од пописот доаѓаат во вистински момент и се појдовна точка за креирање на идните политики со кои треба да се задржат граѓаните да останат во државата.

– Јас ги гледам податоците и резултатите на пописот како бројки во коишто треба сите заеднички да работиме. Да работиме за сите наши сограѓани коишто за жал во овие 20 години не напуштиле за да креираме една подобра иднина за да се вратат, да работиме за нашите генерации, за нашите деца за да не одат за да после 10 години жалиме што отишле. И тоа е за мене најбитно од резултатите од пописот, изјави вчера Битиќи.

Според претседателот на државата Стево Пендаровски, направен е попис со сите нишани, кој ги запазува највисоките стандарди за попишување што ги има ЕУ, а самиот факт што имаме попис после 20 години е успех сам по себе.

Седумте проценти во пописот кои предизвикаа најмногу контраверзии, според Пендаровски, се резултат на бројкотот на политичките субјекти.

– Кај нас значаен дел, тие седум и колку проценти кои не се опфатени, за жал се резултат на бојкотот на политички субјекти. Очигледно е дека тоа имаше ефект во одредени делови од државата. Се разбира дека не треба да се исклучи како дополнителен фактор за тој процент и пандемијата, изјави вчера шефот на државата, додавајќи дека она што го знае од разговорите со експерти е дека не постои попис во Европа и пошироко кој нема одредена бројка на лица кои не се опфатени во пописот.

Пописот беше спроведен од 5 до 30 септември лани, а резултатите покажаа дека во однос на 2002 година кога беше реализиран последниот попис, вкупното население е намалено за 185.834 лица или за 9,2 отсто. Во земјава живеат 1.836.713 лица, од кои 58,44 отсто Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци.

Бројот на вкупното попишано население изнесува 2.097.319 лица. Резидентно население е 1 836 713, а нерезидентно 260.606.

Пописот се спроведе под строги здравствени протоколи и во услови на КОВИД-пандемија, согласно нова методологија на ЕВРОСТАТ и првпат со комбиниран модел – освен прибирање податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од т.н. претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

УЖАС ВО АВСТРИЈА; 4-годишно девојче избодено во…

Девојче на 4-годишна возраст е тешко повредено…

(Видео) Колева: Мора да има одговорност за…

Скандалот со лажните анкети покажа дека постои…

Кремљ: Русија и НАТО се во директен…

Русија и НАТО сега се во „директен…

Цените на нафтата на највисоко ниво во…

Цените на нафтата достигнаа највисоко ниво во…