March 28, 2024, 12:42 pm

(Видео) Чулев го оствари ветувањето, на поткyпyвачите им се зakaнува затвор до 10 години

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Пред нас се уште едни значајни парламентарни избори, избори кои што, по правило треба да бидат празник на демократијата, доказ за функционирањето на уставно-правниот систем и се разбира најповеќе од се – чин на декларирање на слободната волја и право на изјаснување на секој наш граѓанин, изјави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на која тема беше спречувањето на предизборниот поткуп.

За жал, овојпат, изборниот процес ќе се одржува во една, би рекол – крајно деликатна состојба – актуелната пандемија од “ковид 19“, во околности условени од фактот дека безбедноста и заштитата на здравјето на граѓаните се приоритет број еден. Оттаму дозволете ми на самиот почеток да истакнам неколку битни пораки секако само со една цел: изборниот процес да мине во најдобар можен ред, со целосно почитување на законите, но и на мерките за заштита на здравјето на луѓето.

На почетокот дозволете ми на денешната прес конференција да информирам за неколку посцпефични настани за кои во изминатите денови постапуваа полициските службеници, а се поврзани со Парламентарните избори.

1. Првиот случај се однесува на територијата на Секторот за внатрешни работи Велес, каде во текот на вчерашниот ден од страна на полициски службеници извршен е претрес на дом кај лицето А.М. (35) при што се пронајдени и одземени еден мобилен телефон и повеќе листови од тетратки на кои имало рачно испишан список од околу 250 лица со лични податоци и матични броеви. По насока на јавен обвинител од ОЈО Велес, лицето е лишено од слобода поради сомневање за извршено кривично дело “Поткуп при избори и гласање“ по чл. 162 од КЗ и со истото во просториите на СВР Велес e извршен разговор во врска со пронајдените предмети при што од негова страна било потврдено дека конкретните списоци биле направени од негo по претходна насока од лицето З.М. блиско до локалното раководство на владејачка партија во Велес и на истите имало име и презиме и матичен број од лица од ромска националност кои би гласале за политичката партија, а за возврат би добиле финансиски средства. Од страна на СВР Велес во координација со ОЈО Велес се преземаат дополнителни мерки и активности во насока на целосно расчистување и документирање на настанот и утврдување на евентуална инволвираност и на други лица, по што ќе следи соодветна кривична пријава и за нив.

2. Вториот случај се однесува на подрачјето на Скопје, каде вчера од страна на Единицата за Економски и компјутерски Криминал при СВР СКОПЈЕ постапено е по објави на социјалните мрежи, во кои имало недолична содржина односно истите содржеле елементи на сторено кривично дело, кое што се гони по службена должност. Од страна на полициските службеници извршен е разговор со лицето Ѓ.Г. кој бил сопственик на профилот. Согласно, информациите кои ги имам од страна на СВР Скопје во текот на денешниот ден ќе бидат преземени дополнителни активности, односно и други лица ќе бидат повикани на разговор, а во насока на целосно расчистување на овој но и на други случаи, по што ќе следи доставување на соодветен поднесок до Основното јавно обвинителство.

3. Од страна на Секторот за внатрешни работи во Струмица беа преземени мерки за расчистување на два одвоени случаи и во двата постои инволвираност на високи локални функционери на владејачка партија. Во првиот е постапено по пријава за изборен поткуп од страна на локални функционери, активисти на политичка партија од власта во с. Николиќ при што во разговорот од страна на едно лице даден е исказ во кој истото наведува дека во настанот е инволвиран и градоначалникот на Дојран, по што со истите од страна на полициски службеници е извршен разговор и во координација со ОЈО Гевгелија се преземеаат дополнителни мерки за утврдување на инволвираност и на други лица, по што по целосно документирање на настанот ќе биде поднесен соодветен поднесок до ОЈО Гевгелија.

4. Во однос на објавената снимка на Јутјуб за изборен поткуп во општина Василево, од страна на СВР Струмица се преземени мерки и активности за идентификување на инволвираните лица при што од извршениот разговор со еден од идентификуваните е потврдена автентичноста на снимката и разговорот. Од страна на полициските службеници се направени обиди за врачување на покани за разговор на повеќе локални функционери и активисти на една политичка партија од власта, но истите не биле најдени дома по што ќе следат дополнителни мерки. Од страна на лицето кое ја потврдило автентичноста на снимката било пријавено и кривично дело “Загрозување на сигурноста“ против лица вработени во МВР кои му вршеле притисок да даде изјава дека изнесенето во снимката е само шала и дека од нивна страна ќе му биде кажано кај кој инспектор треба да отиде за да ја даде таквата изјава. За целиот овој настан е известено надлежното јавно обвинителство.

5. Од страна на Секторот за внатрешни работи Штип во текот на изминатите денови беа преземени мерки за расчистување на два одвоени случаи, а за кои веќе ја информиравме јавноста. Првиот случај се однесува за големиот број на лични документи кои беа пронајдени во Штип, а кои било чувани како залог кој требало да биде искористен во изборни цели и
6. Вториот настан на територија на СВР Штип е детектиран во селото Ерџелија каде кај неколку лица пронајдени се поголем износ на пари и спицоси со лица кои биле потенцијални гласачи на политичка партија.

Од аспект на постапување на Министерството за внатрешни работи, на кратко ќе споменам дека од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди изминатиот период беше постапувано по три одвоени случаи поврзани со парламентарните избори. Првиот случај се однесува за општина Куманово, вториот за општината Дебар и третиот за општината Шуто Оризари. Врз основа на констатациите од нивна страна преземени се мерки и активности за целосно завршување што подразбира и соодветна дисциплинска одговорност за споменатите лица.

Почитувани граѓани, сите овие случаи на професионално постапување на полициските службеници се показател за една исклучителна храброст и решителност од нивна страна да стават крај на криминалното владеење во изминатите неколку години. Случаите на изборен поткуп, закани, уцени, притисоци, злоупотреба на избирачкото право говорат за грубо кршење на законите од страна на владејачката партија. Но, ние сме решени дека таквото насилничко однесување, злоупотребата на институциите во политички цели и поделбите во општеството конечно мора да престанат. Полициските службеници се столбот на овие парламентарни избори и во таа насока ги повикувам да останат на висина на задачата, да не подлегнат на политичките притисоци и влијание, затоа што ниту едно влијание не може да биде поважно и позначајно од одговорното и чесно извршување на работните задачи и преземањето на активности со кои се дава придонес за безбедноста, стабилноста и иднината на нашата земја. Силеџии, криминалци и лихвари се одлика на едно време на кое му доаѓа крајот.

Почитувани граѓани, сакам да ве уверам дека Министерството за внатрешни работи, сиот негов кадровски и организационен потенцијал се максимално подготвени да се справат со сите предизвици, односно да овозможат, во доменот на своите законски надлежности и обврски, мирно и непречено одвивање на изборниот процес.

Притоа, ние плански и организационо, целосно се посветивме на полициското постапување насочено како кон делот на законитоста на изборниот процес, односно обезбедување на услови граѓаните да можат, слободно, непречено и спокојно да го остварат своето уставно загарантирано гласачко право, така и кон делот на заштита на здравјето на граѓаните во текот на тој изборен процес.

Изборите, меѓу другото, се чин преку кој подеднакво се манифестира професионалноста и функционалноста на институциите да овозможат слободно и фер изразување на граѓанската волја, но и на зрелоста и одговорноста на сите политички чинители – учесници во изборниот натпревар, да сторат се што е во нивна моќ изборите да бидат вистинска понуда на програми и визии, и ништо повеќе од тоа.

Од аспект на министерството за внатрешни работи ние таа наша задача ќе ја реализираме: бескомпромисно, доследно, крајно одговорно со никаква толеранција кон какви и да се евентуални обиди за попречување на граѓанското право за слободно изразување на политичката волја. Секое постапување кое е во спротивност со законот ќе биде соодветно санкционирано, а казните за кривичните дела против изборите се движат до 10 години затвор.

МВР во моментот постапува и по други оперативни сознанија и пријави за можни изборни нерегуларности.

На крајот сакам да апелирам до вас почитувани граѓани но и до сите учесници во изборната трка: во деновите што се пред нас да ги покажеме на дело нашата совесност и достоинство, демократскиот дух и толеранцијата, чувството за одговорност и за законитост, оти само така можеме да ја постигнеме посакуваната цел – мирни, фер и безбедни по здравјето – избори! Верувам дека, како во претходниот период, така и во текот на изборниот процес сите ние ќе бидеме на висината на задачата што е поставена пред нас, вели Чулев.

 

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This