Героски не верува дека Заев го приjaвил peкетот: Можно ли е Спец Катица да е yцeнeтa?

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Пред некој ден, еден мој драг колега, во колумна, ја промовираше старата, веќе подзаборавена теза дека целта на „планирањето и внимателната изведба“ на аферата „Рекет“ била двојна: „дискредитирање и уривање на СЈО, а потоа и пад на Зоран Заев од власт“. Интересно е дека истиот ден кога беше обjавена таа колумна, во една пригода, седнат на маса со некои важни луѓе, ја слушнав баш истата теза. Случајно?

Бидејќи јас сум „суетниот новинар“ којшто прв ја откри аферата „Рекет“ – а сум сосема сигурен дека немав намера да ги урнам ни СЈО ни Зоран Заев – после тој текст на колегата, почнав сериозно да размислувам што треба да значи обновувањето на старата теза, баш сега, пред почетокот на судењата за „Рекет“ и непосредно пред изборите. Ја препрочитав колумната повнимателно и мислам дека го најдов вистинскиот одговор.

Зошто би молчела Катица?

Имено, на крајот од колумната, колегата јавно „депонира“ една молба до лицата задолжени за чување на архивите во Обвинителството, да се погрижеле „миракулно“ да не исчезнело четиричасовното сведочење на Јанева, во присуство и на адвокатот Стеван Павлески, дадено пред обвинителите, дента пред да биде уапсена. „Ќе ни треба тој запис, за еден ден, кога ќе се прави реконструкција на целиот овој скандал, да сфатиме зошто, всушност, е направена целата оваа операција и кој каква улога играл во неа“, пишува колегата. Дополнително, тој загадочно најавува: „Не верувам дека тој богат исказ на обвинетата Катица ќе го чуеме и во судницата“.

Хммм… Интересно, нели? Зошто тој богат исказ не би го чуле во судницата? Дали тоа зналчи дека Катица ќе биде наградена, принудена, евентуално дури и уценета, нешто да скрие од јавноста и некого да заштити? Зошто не би го кажала она што веќе го кажала во својот првичен исказ пред апсењето?

Оваа интригантна најава ме потсети на еден скорешен пост на пратеникот Антонио Милошоски (учесник во неуспешните преговори за новиот закон за Јавното обвинителство), во кој тој зборува за односите меѓу Зоран Заев и Катица Јанева. Нормално, Милошоски е опозиционер и за очекување беше да го каже следното: „…Очигледно е дека премиерот во заминување е главниот координатор на одбраната на обвинетите во мега-скандалот ‘Рекет’, што отвора сомнеж дека во оваа криминална афера и Заев бил дел од групата државни функционери која ги давала насоките за дејствување на тројцата обвинети рекетари, со цел таа група противправно да се здобие со лична имотна корист, да обезбеди спонзорство во кеш за партијата, како и нелегално да финансира медиум“.

Она што за Милошоски е очиледно, за мене сѐ уште не е. Ова искрено го кажав и во еден од моите телевизиски настапи, односно нагласив дека немам сознанија за кривична одговорност на Зоран Заев и на Радмила Шеќеринска за аферата „Рекет“, но додадов дека тие имаат неспорна и директна политичка одговорност за скандалот. Сепак, после новиве наводи што ги читаме, се чини дека без било какво прејудицирање, прашањето за евентуалната подиректна повраност на Заев со групата осомничена за „Рекет“ треба да го држиме отворено. Одговори немаме, но прашањето, како и тепсијата, стоо…

Улогата на Заев во „менаџирањето“ на скандалот е спорна

Ќе наведам пет важни дилеми, за кои допрва треба да добиеме финални одговори:

Прво, има многу вистина во тврдењето на Милошоски дека „истрагата и обвиненијата за ‘Рекет’ беа потег изнуден од притисокот на јавноста преку еден ‘суетен’ македонски и еден ‘суетен“ италијански новинар, а самата афера потоа беше комуницирана пред меѓународната јавност за дел од повлијателните дипломати во Скопје и во Брисел да бидат изманипулирани дека за скандалот ‘Рекет’ треба да известуваат како за случај каде владата во Македонија се бори против криминалот, а не како за случај каде владата и премиерот Заев се дел од криминалната шема за ракетирање“. Пак ќе речам, немам сознанија дека Заев директно бил вмешан во шемата за рекетирање (кој има, јавно нека ги соопшти), но факт е дека неговата изјава дека ја пријавил аферата кај обвинителката Вилма Русковска не беше документирана со записник. Јас не верувам дека тоа така се случило. Може некој уверливо во да нѐ убеди во спротивното?

Второ, има ноторни факти, соопштени од самиот Заев, за неговото инволвирање и во третманот на Катица Јанева како осомничена, но и во истрагата. Сите се сеќаваме на оние негови изјави дека верува дека Јанева ќе ја докаже невиноста. Па изјавите дека Јанева нема да заврши во домашен притвор (она за „лажгите со опашки“). Па изјавата откако таа сепак заврши во домашен притвор. Па неговото признание за тоа дека контактирал со бранителката на Јанева. Итн. Можеби од незнаење, можеби од невнимание, а можеби и од некоја трета причина, Заев направи премногу фаули врз истрагата, за да веруваме дека тој не е инволвиран во менаџирањето на скандалот, што е недозволиво во системот на поделба на власта во една демократска држава.

Затоа, се прашувам, дали онаа „молба“ на мојот драг колега во врска со исказот на Катица Јанева (да се чувал да не исчезне), како и најавата дека таа нема за сѐ да проговори во судница, може да има некаква врска токму со Зоран Заев?

Што крие мобилниот на Боки?

Трето, како мала, ама важна дигресија – некако многу ми се чудни работиве и околу осомничениот Бојан Јовановски. Искрено, не сум се распрашувал, но од она што го читам по медиумиве, некако имам чувство дека човекот навистина има сериозни здравствени проблеми. Толку сериозни, што мислам дека побрзо тој требало да заврши во домашен притвор одошто Јанева. Па се прашувам, дали односот кон него можеби не е предодреден од тоа што сум го слушнал во една прилика за неговиот славен мобилен телефон?

Еве да споделам, имам слушнато дека за разлика од мобилките на Катица, кај кои се правени обиди за уништување на податоците, Боки ништо не бришел од својот телефон. Ама баш ништо! И сум слушнал дека во една апликација во неговата мобилка, наводно имало нечии имиња и некакви цифри, ама цифри кои завршувале со повеќе нули. Па се прашувам, дали можеби затоа некој сака и осомничениот Бојан Јовановски да не зборува во судница баш за сѐ?

Четврто, ајде да речеме дека сето претходно кажано, што би рекол мојот драг колега, се кики-фрики шпекулации (иако сите добро знаете дека сите мои кики-фрики приказни се покажаа точни). Но, дали е кики-фрики шпекулација објавената информација на порталот Призма, дека во период од четири години, покрај редовната плата од 3.500 евра месечно, Катица Јанева лапнала уште неверојатни 157.000 евра, како додаток за доверливост, односно да не открива што има во „бомбите“ – е баш ги „заработила“ овие пари! – плус за кирии и за одвоен живот?

Луѓе мои, плата од 3.500 евра (со која се понижени сите други македонски обвинители и судии), плус 157.000 евра бонус, плус онаа гарнитурата неплатената, плус хип-хоп 50.000 евра (ако се само толку) – и после некој ќе ни попува дека некои таинствени сили го диксредитирале СЈО, за финално да го урнат Заев?! Па се пие ли таа скиселена боза, аман?

Кој се офајдил од спец-касата на СЈО?

Петто, да споделам уште една неофицијална информација, бидејќи ионака ветив дека со „Рекет“ јас немам завршено. Според моите сознанија, во Специјалното јавно обвинителство имало и т.н. спец-каса. Најнапред, за помладите и неуките, да објаснам што е тоа спец-каса. Такви каси своевремено имаше во МВР и во тајната полиција, а и во Агенцијата за разузнавање. Тоа беа каси кои се полнеа од разни извори (од заплени при вршење кривилни дела, од пари фатени при поткуп и слично), а се празнеа од страна на полициски функцонери и началници, многу често без формални одлуки и објаснувања, според нивните потреби. Неколку функционери во минатото беа сомничени за злоупотреби на ваквите спец-каси.

Е сега, јас имам слушнато дека со таквата спец-каса во СЈО раководела Катица Јанева, но дека од таа каса се офајдиле и други нејзини колеги. Па сега, како и мојот драг колега колумнист, така и јас имам една молба до надлежните, кои и да се тие – може ли на народот да му биде кажано дали имало таква каса, колку пари имало во неа, кој раководел со касата, колку пари се потрошени и кој најмногу се офајдил? Бидејќи и јас не верувам дека Катица Јанева за сево ова ќе проговори во судница.

Инаку, апсолутно се согласувам со мојот драг колега дека вистината за срамната дискредитација на СЈО треба да се каже, ама уште сега, во текот на судските рочишта за аферата „Рекет“. За жал, јас и мојата веќе славна суета, сепак, не сме виновни што токму аферата „Рекет“ стана олицетворение на „достигнувањата“ на нашата најпрестижна правосудна институција и на божемните „реформи“ во македонското правосудство.

Затоа, треба сѐ да излезе на виделина. Вклучувајќи ја тука и вистината за Спец Катица, за СЈО, за врските со осомничениот Бојан Јовановски, за фактот дека најмалку десеттина македонски бизнисмени сѐ уште молчат дека биле рекетирани и уценувани (ќе проговорат, џанам, порано или подоцна сѐ се дознава), а во крајна линија и за поврзаноста на оваа рекетарска група со телевизијата на осомничениот Бојан Јовановски, за скриената сопственост во тој медиум (таму има една приказна што би можела да го засегне и Заев) и за улогата на некои познати новинарски имиња во јавното легитимирање на целата рекетарска операција.

Пишува Бранко Героски за Плус Инфо.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This