Груевски со текст за историјата на Крушевската Република, предизвиците, поделбите и последиците од Илинденското востание

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Ако има некој кој, заради една или друга причина, не го знае исходот, односно како завршило Илинденското востание и ако ја проучи атмосферата во редовите на ВМРО (тогаш ТМОРО) во последните шест месеци пред избувнувањето на востанието, се чини дека без проблем ќе го погоди неговиот исход, односно дека истото било крваво задушено.
Прва значајна работа е што Организацијата во тој период била длабоко поделена по прашањето дали треба или не да има востание. Подлабок расцеп немало до тој момент. Длабоко поделени, како со нож, биле и идеолозите и војводите и сè што имало некакво влијание во Организацијата која го организира востанието. Тој расцеп е прилично длабок и до некоја мера ги нарушил и меѓучовечките односи. Од едната страна се Ѓорче Петров и Гоце Делчев кој во тој момент не само што е најавторитетна личност во Организацијата, туку според се има и најголеми потенцијали за стратешки процени. Од друга страна се исто така големи авторитети и искусни лица во организацијата како Христо Татарчев, Христо Матов, Даме Груев и други. Од трета страна се интересите на околните држави, но и големите сили.

Гоце Делчев и Ѓорче Петров биле едни од противниците за кревање на вооружено востание за кое сметале дека е преурането

Видлив е и моментот за меѓусебен престиж и борба за влијание односно кој ќе ја преземе да ја раководи Организацијата во иднина, кој ќе има најголемо влијание во носењето на одлуките, особено по убиството на Гоце Делчев, за што има неколку аспиранти. Во време кога е нарасната популарноста на Организацијата, нагло нараснува и славољубието кај дел од водачите.

Даме Груев, Христо Матов и Христо Татарчев биле дел од оние кои ја застапувале идејата дека треба да се крене востание

Прилично нараснува нетрпеливоста и ривалството помеѓу одредени видни членови на Организацијата, која на моменти е бурна до раб на инцидент. Недовербата и несогласувањата се исто така присутни, а многу проблеми “се ставаат под тепих“ и ненавремено се решаваат или расчистуваат, што води кон натамошно нараснување на фрустрациите и нетрпеливоста. Меѓусебното озборување, правење внатрешни табори заради надмоќ, пресилно присуство на емоции, кои на моменти го преовладуваат разумот, пуштање дезинформации за наводни ветувања на надворешни поддршки од една или од друга страна, меѓусебните обвинувања и префрлање вина, кокетирање со разни надворешни страни за да се добие некаква лична предност, набрзина и не транспарентно донесени одлуки без да се даде шанса сите позначајни и поискусни авторитети да ги искажат и судрат своите аргументи, проблематични одлуки и процени и слични појави добиваат на интензитет особено во последните 8–9 месеци пред востанието. Кога се проучува историјата, невозможно е да не се разбере, колку истата се повторува.
Сите овие појави се потврдуваат од нивните напишани спомени, писма и документи. Кога ова ќе се стави во корелација со силната диспропорција на силите во однос на Османлиската Империја, немањето доволна меѓународна поддршка, недоволната подготвеност и вооруженост сосема лесно секој еден, може да го процени исходот, особено кога ќе се додаде дека некои револуционерни окрузи речиси воопшто не кренале востание, други го направиле тоа со задоцнување, трети направиле само диверзантски акции, но без општонародна мобилизација како што постои во некои други. Со други зборови, сите потребни елементи за неуспех веќе биле присутни.
Неспорно е дека оние кои се решиле за востание, но и голем дел од оние кои биле против ама ја прифатиле одлуката за востание, многу работеле на терен со населението, вложувале и големи напори за обезбедување меѓународна помош и поддршка во остварување на целите, се труделе да се обезбеди што повеќе оружје и финансии и да се мотивира што поголем дел од народот, но видливи биле сериозните “пукнатини“ во поширокиот тим идеолози и позначајни војводи (особено по убиството на Делчев), кои дел заради добиените функции, дел заради својот огромен авторитет, ја воделе револуционерната Организација, на централно или регионално ниво.
Неспорен е и нивниот херојски чин, ставањето во огромен ризик на своите животи заради каузата, жртвата и заслугите.

Никола Карев

Втора важна работа е што најчесто кога говориме за Илинденското востание во 1903 година говориме за десетте дена Крушевска Република, Крушевскиот манифест, Никола Карев и Питу Гули и за херојствата и подвизите на нејзините учесници. Несомнено Крушевската Република е симбол кој вечно ќе сјае и ќе не потсетува на жртвите на хероите, стремежот и страдањата на народот и тие вечно ќе се слават. Сепак, знаеме дека Илинденското востание не е само тоа, туку многу повеќе од тоа. Мошне ретко се споменуваат битките низ другите места низ Македонија во тој период, а ги имало многу пред почетокот на востанието, но уште повеќе за време на востанието и тоа многу подолго отколку што траела Крушевската Република, како и за самите теренски, финансиски и дипломатски подготовки за истото.

Питу Гули

Се воделе борби, се гинело и имало херојства и ослободени територии на повеќе места низ географска Македонија. Востанието траело се до ноември 1903 година, кога веќе во некои делови паднал и првиот снег. Се случувале многу работи кои мошне ретко се споменуваат, па затоа во овој текст ќе се обидам да опфатам барем мал дел од тие нешта, со посебен осврт на дејствијата во битолскиот револуционерен округ каде востанието било најмасовно, улогата и односите на двата ривали за превласт Борис Сарафов и Дамјан Груев во тој период, но и со мал осврт на внатрешните односи во организацијата во тоа време, меѓусебните ривалства, дебати, размислувања, расправии, изразените недоверби, битки за престиж, различни ставови и причините за тоа, како и донесените одлуки.

Го сметам за несоодветен пристапот од денешна дистанца да се оценува кој бил во право а кој не, кој грешел а кој не грешел, но го сметам за соодветен принципот, кога е тоа можно, да се наведат причините и мотивите зошто некој размислувал на еден начин и кои биле мотивите размислувањата и информациите со кои располагал, а друг на различен и кои биле неговите мотиви и причините за различните изградени ставови на двете страни.


Во основа, уште од создавањето на Македонската револуционерна организација (МРО) во 1893 година (подоцна преименувана во ТМОРО, па во ВМОРО, па на крајот во ВМРО, сите слободно нарекувани “Организацијата“), основната идеја била подготовка на востание со кое ќе дојде до ослободување на Македонија и подобрување на мошне тешкиот живот на населението.
Подготовките требало да бидат пред се во кревање на свеста на населението преку секојдневна агитација на теренот одејќи од село во село и држејќи мотивирачки говори пред насобраните жители, дека само со здружени напори во едно добро организирано востание може да се добие слобода и подобар живот. Народот во овој период на чифлигарството живеел толку многу сиромашно, што имајќи ги во предвид и огромните даноци кои ги прибирала Османлиската империја, практично речиси секое семејство не можело во најбуквална смисла да преживее, да си обезбеди храна и да опстане од сопствената работа и труд и морало да има пратено барем еден член во печалбарство, за преку испраќање на дел од неговата заработката на семејството да помогне во опстанокот на останатите членови на семејството.
Неправдата била на секој чекор, секој ден и во секое место. Од судовите, преку полицијата и владеењето на секое ниво. Неправдата била до таа мера силна што била крајно понижување и малтретирање премногу долго време. Но, во услови кога сиромаштијата била енормна а образовното ниво на населението било многу ниско (околу 80–90% од населението било неписмено), во услови на секојдневна неправда со која се соочувал секој човек во Македонија, после векови потчинетост, било потребно време да се изгради и издигне свест и подготвеност на населението за востание од страна на организацијата чии предводници во тоа време се млади интелектуалци и прогресивни личности во тогашното општество. Најпрвин требало да се убеди народот дека може да биде поинаку и подобро а потоа дека тоа е можно исклучиво преку здружени сили, добра организација која треба да заврши со Востание како триумф на целиот напор.
Втората голема задача била да се набави доволна количина оружје за таквото востание и да се обучат што повеќе луѓе за ракување со него, а секако да се подготват чети на организацијата кои преку своето делување, помеѓу останатото ќе го охрабри и останатото население на дејствување и ќе биде пример, водилка и гаранција за успех. За таквото нешто требало многу финансиски средства до кои Организацијата тешко доаѓала. Финансирање на долгорочна борба со чети во толку сиромашна средина било повеќе од предизвик.
Третата задача, која се чини и најтешко одела била да се обезбеди меѓународна поддршка од големите сили и да се погоди вистинскиот момент (историска шанса), кога други меѓународни околности ќе овозможат придвижувања и нови односи, кога големите сили би нашле некаков интерес да подржат едно такво востание и неговите цели, бидејќи на идеолозите на Организацијата им било јасно дека сами нема да можат да ја остварат победата над толку големата, моќна и многубројна Османлиска Империја.
Но, годините минувале и како растела свеста кај населението, така опаѓало трпението кај народот, па така голем дел од водачите свесни за силата на Османлиското Царство наспроти сиромашниот и голорак народ и свесни за тешкотиите со кои се соочуваат, набрзо размислувале дека целта на востанието наместо конечно ослободување, треба да биде да ги поттикне големите сили (дури и ако тоа претходно не е договорено на некој начин) или преку давање поддршка на востанието да издејствуваат автономија на Македонија, или барем да употребат притисок и да издејствуваат покрупни реформи во Македонија од страна на Османлиската Империја, со чие спроведување значително ќе се подобри исклучително тешкиот живот на населението, кој ни одблиску не може да се спореди со денешниот. Сепак дел од водачите сметале дека за така намалена цел не треба да се вклучи и стави во ризик целиот народ со правење општонародно востание, туку само со четите и преку диверзантски и терористички акции да се дојде до целта, а на самиот крај “завршниот удар“ да се даде со општонародно востание.

Во јули 1902 година во куќата на Бојан Биолчев во Софија се одржала средба на која присуствувале Гоце Делчев, Иван Гарванов, Тома Карајовов, Туше Делииванов, Владимир Руменов, Никола Наумов, Лазар Димитров, Атанас Мурџев и домаќинот Бојан Биолчев каде се разгледало барањето на Битолчани, односно Битолскиот револуционерен округ на Организацијата за кревање на востание. Делчев, Руменов и Карајовов остро се спротивставиле на идејата за востание и била донесена одлука против кревање какво и да е востание.

Некаде подоцна во 1902 година, особено по кревањето на Горноџумајското востание од страна на Врховниот македонски комитет — ВМК (во тој момент конкурентска Организација на ТМОРО, но со водство под контрола на бугарската власт и со помала популарност и општонародна поддршка од ТМОРО). Тоа Горноџумајско востание на ВМК ја зоврела атмосферата за востание организирано од ТМОРО (кај дел од водачите на ТМОРО како Гарванов на пример кој тогаш е член на ЦК на ТМОРО имало обид и за помирување и соработка со ВМК во идното востание). Идејата станала прифатлива и за дел од челниците на ТМОРО, а особено кај д-р Христо Татарчев, Христо Матов, Дамјан Груев и Иван Гарванов. Не треба да се заборави дека се поголем притисок за востание доаѓал и од оној дел од веќе разбуденото население од многуте агитации и теренска работа, кое веќе не можело да ја издржи многу тешката положба за живот, понижувањата и неправдата. Тоа биле и дел од аргументите на поддржувачите на идејата на востанието, укажувајќи дека притисокот од теренот за востание е веќе премногу голем.
Поддржувачите на оваа идеја се надевале и на вклучување на Бугарија во востанието преку нејзино отворање војна на Османлиската Империја по избувнувањето на востанието, или барем на голема логистичка и секаква поддршка од таму. Помеѓу два конгреса, највисоко тело во Организацијата бил Централниот комитет (ЦК) кого го сочинувале три членови, а второ по важност тело после ЦК било задграничното претставништво (ЗП) во Софија, каде во тој момент задгранични претставници се д-р Христо Татарчев и Христо Матов.
За таа цел д-р Христо Татарчев како Задграничен претставник на организацијата во Софија во тоа време остварил и средба со тогашниот Премиер на Бугарија Стојан Данев и кнезот Фердинанд Први и известил дека акциите наредната година се неминовни. Кон крајот на ноември 1902 година ЦК на Гарванов и Задграничното преставништво (ЗП) ја донеле одлуката за кревање на востание, по што Иван Гарванов (член на ЦК во тој момент) во многу краток рок свикал конгрес и испратил окружно за свикување на конгрес за да се потврди таа одлука. Дел од водачите и авторитетите во ТМОРО биле против востанието и на таквото востание гледале како на избрзано и неподготвено, а предводници на таа група како што погоре стои се Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Информацијата дека е зовриена атмосферата за востание, брзо се раширила меѓу околните земји и големите сили и како што секогаш било и ќе биде, секој на неа гледал низ призмата на својот интерес.

Практично Организацијата била длабоко поделена во однос на прашањето дали треба токму во таа година да се крева востание или во некое друго време во иднина, но и околу начинот какво востание треба тоа да биде, односно со какви методи на борба да се борат.

Во една таква напната атмосфера на спротивставени ставови за едно така клучно прашање, во јануари 1903 година на Солунскиот конгрес се донела одлука за кревање на востание, но во отсуство на многу делегати кои не успеале да стигнат бидејќи конгресот бил свикан во многу краток рок.

По примената одлука на ЦК во состав Иван Гарванов, Спас Мартинов и Димитар Мирчев, ЗП свикало ново советување во Софија на кое поканило многу од големите и искусни авторитети на Организацијата. Одлуката на Солунскиот конгрес била примена кога веќе било започнато јануарското советување Софија, на кое биле присутни врвни авторитети на Организацијата меѓу кои биле д-р Христо Татарчев, Христо Матов, Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Борис Сарафов, Славчо Ковачев, Иван Хаџи Николов, Кирил Прличев, Туше Делиниколов, Тома Давидов, Христо Силјанов, Михаил Герџиков, В’лчо Антонов, Сава Михајлов, Никола Пушкаров и други.


По дискусиите околу исправноста на одлуката на ЦК на ТМОРО потврдена на Солунскиот конгрес чија информација само што ја примиле и на некој начин ги пресретнала, поголем дел од учесниците на советувањето, предводени од Татарчев и Матов, ја подржале одлуката за востание, додека категорично против застанале Гоце Делчев и Ѓорче Петров, а подоцна меѓу поголемите противници на востанието се приклучува и Серскиот револуционерен округ на чело со Јане Сандански.

Според Борис Сарафов, тој се приклонил на мислењето на Г. Делчев и Ѓ. Петров за востание, но со партизански дејства и минирање со динамит на железничките линии и мостови, а не со општонародно востание. Тие се залагале за т.н. “перманентно востание“, наместо општонародно.

Ѓорче Петров предложил да дојде до засилување на четите и терористичките акции кои постепено требало да водат кон востание, кое сметал дека не требало официјално да се објави. Ѓорче Петров, кој важел за најсилен дијалектичар, во подолг говор истакнал:
“Едно востание — недоношче, би не однесло до самиот Вардар, каде би ни се наложило да се дејствува само со чети од Бугарија, противречно на нас и со основните задачи на Организацијата, зошто ќе ја повториме 1895 година и ќе се преставиме како врховисти, а со кревање на неколку околии во Битолско ќе ја елиминираме за долго време идејата за сенародно востание. Наместо тоа, четите нека ја напуштат досегашната тактика за прикривање и отстапување и да минат на најголема активност и градските организации нека ја изостават досегашната пасивност и нека започнат да манифестираат напаѓачка иницијатива — и тогаш татковината ќе премине во состојба на едно перманентно востание, без тоа да се објавува формално. Зашто востанието е највозможното средство на Организацијата, но само додека е идеал кон кој се стремиме. Стане ли тоа реалност, потоа ќе дојде до разочарување и засекогаш ќе се лишиме од најефикасното плашило“.


Коментарот на Јане Сандански во неговите „Спомени“, кога на 21 јануари 1903 година бил запознат со одлуката за востание од страна на Лазар Димитров е:
“Тоа соопштение морално не уби, едно мислевме за Организацијата, а сосема друго излезе. Веќе немав ни лице, ни срце, да агитирам како порано…просто плачевме“.


Кумановскиот војвода Константин Нунков за одлуката на ЦК за востание ќе каже:
“Во нашите очи тоа е една непромислена авантура. Ние мислевме дека востанието е пакосно, штетно, безнадежно, ненавремено, неподготвено, повеќе од било кога! Ние го сметавме погубно за македонскиот народ“.
Михаил Герџиков предлагал терористички акции кои би ја засегнале Османлискат власт и европскиот капитал. Предлагал формирање на терористички групи по градовите кои би биле во контакт со ЦК, ставови зад кои стоел и Делчев. Делчев сметал дека Турција треба да се фрли во анархија, да се разниша царството во неговите основи со што би се предизвикале големите сили да интервенираат за решавањето на македонското прашање. Делчев бил приврзаник на идејата за комбинирано дејствување со чети со терористички акции, и на крајот како крајно средство да се примени општонародно востание.
На крајот сепак одлуката на советувањето била компромисно решение за засилени партизански дејствија, но таа не влијаела на одлуката за кревање востание бидејќи Солунскиот конгрес како највисоко тело во Организацијата без да ги дочека резултатите од советувањето веќе донел одлука за востание. На конгресот на кој заради неговото мошне брзо свикување не успеале да пристигнат голем дел од делегатите, решително против востание се изјаснил само серскиот делегат Димитров, но на крајот и тој се присоединил кон заедничкото мислење, слично како и скопскиот делегат Димитар Ганчев кој бил испратен со мандат да дејствува за одлагање на востанието барем за една година.

Гоце Делчев не го дочекал крајот на советувањето во Софија и со чета од околу 40 луѓе во која биле и Пеју Јаворов, Димо Хаџи Димов и Димитар Стефанов веднаш заминал за серскиот револуционерен округ да ја демонстрира новата концепција за борба. Во Банско Делчев говорел за слободна и независна Македонија со широки права на сите сиромаси и го осудил Горноџумајското востание како провокација која претставува предавство на македонскиот народ:
“…ако се бориме за цар, тогаш ние си го имаме султанот“.

Позиција на Гоце Делчев која многу кажува и за наводниот бугарски карактер на неговата и заедничката борба.
Иван Гарванов, Христо Татарчев и Христо Матов имале средба со бугарскиот министер за внатрешни работи во Софија, Димитар Петков, кој им ветил полна морална и материјална поткрепа за идното востание под услов да не го компромитираат кнежеството, со што јасно укажал дека Бугарија нема да ризикува се втурне во војна со Османлиската Империја заради Македонија.
Борис Сарафов за чие време додека бил претседател на Врховниот Македонски комитет давал сестрана финансиска и поддршка во оружје и муниција на Организацијата и во тоа време, кога Сарафов е на чело на ВМК, ВМК и ТМОРО практично се како едно исто, имаат исти цели и дејствување и заедничка борба. Во време кога Сарафов е претседател на Врховниот Македонски комитет се златните години на соработка на ВМК и ТМОРО. Со смената на Сарафов во ВМК, тоа време завршило и Сарафов се фокусирал на активностите во Организацијата, со амбиции дури и за преземање на раководењето на истата.
Сарафов имал неколку свои луѓе во неколку европски главни градови кои комуницирале со претставници на тамошните власти, но и со финансиски моќни лица од кои се обидувале, некогаш и успешно да издејствуваат финансиска поддршка на организацијата. Еден од нив бил Матеј Геров кој престојувал и дејствувал во Белград.
Симеон Радев во своите спомени наведува писмо на Геров до Сарафов од 20 јануари 1903 година со кое го известува дека воените лица и политичарите со кои разговарал стравувале дека престојаното востание во Македонија повеќе би имало “бугарско-македонски“ карактер, отколку “српско-македонски“ форми.


Конкретно капетанот Рафајловиќ и потпретседателот на народното собрание, Давидовиќ, сметале дека една автономна Македонија повеќе имала бугарски карактер и затоа барале од Геров и Сарафов пред светот да престават дека во Македонија борба воделе и “Србо-Македонци“.

Во понатамошниот текст на писмото Геров дообјаснил дека ова значи дека се бара ТМОРО, нејзиното раководство да им дозволи на српски војници и офицери да навлезат во северните делови на Македонија и да водат борба со турската власт, на српски национални позиции. Тоа било некаков предуслов за давање на покрупна финансиска поддршка на Организацијата од тогашната Српска власт. Но, потоа Геров додал во писмото во однос на ставот на српската власт кон Сарафов една многу интересна реченица. Тој додава:
“…притоа што тие немаат длабока вера во твојата искреност, во твоите ЧИСТО МАКЕДОНСКИ ЗАМИСЛИ и намери, но цел свет се привикнал да гледа на тоа движење само како на бугарско“.
Во писмото до Сарафов, Геров подвлекува дека овие српски барања се апсурдни, но предлагал да се прифати српскиот предлог за соработка и со добиените средства од српската влада, токму со нивните пари Организацијата би успеала да се зацврсти и тоа токму на теренот што Србите го барале како отстапка — Северозападна Македонија и дека тие пари добро би дошле и за зацврстување и на мрежата на ТМОРО во Источна и Југоисточна Македонија. Во писмото до Б. Сарафов, Геров потенцирал дека тие пари добро би дошле бидејќи според него “Бугарската власт со ништо не ни помага“. Но, овој план на Геров не можел така лесно да се оствари бидејќи Србија имала свои тактики и планови во однос на евентуален договор. Тие барале прво да се прифати предлогот па да се разговара за деталите. Геров предлагал и понатаму да продолжат да се надмудруваат со српските воено — политички фактори но тоа тешко можело да се спроведе без последици по Македонија и Организацијата.
Во тоа време во предвечерието на Илинденското востание и д-р Христо Татарчев имал испратено своја делегација во Белград за разговори со Српската власт, за што Геров го известил Сарафов. А во тоа време и Тома Карајовов престојува во Белград и имал тајни средби со претставниците на Татарчев. Очигледно иако од иста Организација, тие го сметале Сарафов за конкуренција во обидите за преземање на раководството на Организацијата, што го посочува и професорот Никола Жежов во монографијата за Борис Сарафов издадена во 2017 година.
Значи уште во предвечерието на Илинденското востание во организацијата се создавале внатрешни групи, струи и фракции кои се бореле за престиж и надмоќ во раководството на Организацијата. Се смета дека подоцна, на елегантен начин Сарафов бил отстранет од преговарачката маса од страна на Српските власти, преку притисок за напуштање на Белград на неговиот претставник Геров, за што истиот го известил Сарафов со писмо. Професорот Жежов подвлекува дека Писмото на Геров е доказ дека Сарафов бил „тврд орев„ за преговори, непредвидлив и непресметлив и доволно интелигентен да ги надмудри и искусните српски дипломати кои добро го познавале карактерот на Македонското прашање.
Симеон Радев во своите спомени вели дека кога бил напаѓан од неговите противници зошто меѓу другите преговара и со Србија, Б. Сарафов истакнал:
“Јас со сите сум готов да преговарам за Делото, а што се однесува до мене никој не може да ме подведе или да ме употреби за свои цели“.

Во првите месеци на 1903 година речиси во сите револуционерни окрузи судирите на четите со редовната турска војска станале почести и преку ден доаѓало до судири. Според Павел Шатев, 132 судири и 7 атентати со динамит се набројуваат до Илинденското востание, кога се почнаа формални акции од поголем размер.


По неуспешните преговори, Б. Сарафов започнал да се подготвува за нелегална четничка активност па така на 22 јануари 1903 година со чета од 60–70 луѓе влегол во Македонија, а на 24 јануари ја преминал и границата на Отоманската империја со помош на Ќустендилскиот пункт каде што била опремена и со соодветно количество оружје и муниција, што било објавено и во Њујорк Тајмс.


Со него во четата, меѓу останатите биле и Андон Лазов Јанев-Ќосето и Сава Михајлов, и истото било со знаење на Гоце Делчев и во согласност со планот за подготовка на востание, а со цел да направи обиколка на Малешевско, Струмичко, Радовишко и Кочанско. Планот на Сарафов бил со четата преку каналите на Организацијата да се префрли и во Битолско каде преку агитациона дејност сакал да го подготви народот за престојаното востание. Ѓорче Петров цинично запишал дека Б. Сарафов “го одбрал Битолско бидејќи знаел дека таму ќе има поголема слава“ . Б. Сарафов одржал многу собранија со селаните во повеќе села, но наишол и на судири со турската власт а првата била после посетите на Размовица и Митришанци, Малешевско, кога на 12 февруари (стар стил) 1903 година, кај месноста Касапи, Б. Сарафов со неговата чета се судрил со Османлиската војска, во што загинале 8 борци и 50 турски војници.
По Малешевијата, Б. Сарафов се упатил во Радовишко, каде добил писмо од членот на ЦК Иван Гарванов дека треба да замине за Битолско, што и го сторил, што ја негира претпоставката на Ѓорче Петров дека заминал заради поголема слава. Патувајќи преку Неготино и Кавадарци, преку селата Шивец и Фариш, Сарафов обезбедил и 60–70 кг динамит, а му се приклучил и Петар Ацев со кого извршиле обиколка и на Прилепско и Мариовско.


На 9 март 1903 година во селото Паралово се сретнал со Анастас Лозанчев, еден од главните поборници за кревање востание и со Георги Пешков. Сарафов со четата пристигнал во Битолско. Тука Сарафов им го изложил неговиот план за напади на поголемите градски средини во востанието, како што била Битола, вклучувајќи ја и касарната и заземање на складовите со оружје на турската војска, напад во кој планирал употреба на многу динамит и вклучување на најмалку 10 илјади луѓе, што не наишло на поддршка меѓу другите за што Б. Сарафов подоцна во своите Спомени запишал:
“Видов дека Лозанчев и другите се чувствуваат слаби за таква акција врз Битола која што ја предлагав“.


Стилот на дејствување на Б. Сарафов не бил да дејствува претпазливо, туку брзо и решително и со големи вооружени акции. Сигурно Лозанчев подобро ја знаел ситуацијата на теренот во Битолско отколку Б. Сарафов и затоа барал од него да се приспособува на останатите раководители од округот.
Оттаму Сарафов со четата се префрлил во Леринско каде револуционерниот дух и дисциплината била на едно повисоко ниво, но единствено што го загрижувало Сарафов е што дел од селата кои ги посетувал биле со гркоманска ориентација. Поминал во многу села и одржал собранија со народот повикувајќи на Востание во овој дел на Македонија, објаснувајќи им на луѓето дека слободата треба да се земе и да се бори за неа. Неговите говори во Сетина на 11 март, Баница, Леринско на 12 март, Воштарани, Екши Су и други биле исполнети со опис на положбата во Отоманската Империја и потребата за скорешно востание во Македонија. Целта за агитацијата била постигната, бил пречекан со воодушевување и оттаму заминал за Костурско, каде го пречекале и му се придружиле и Васил Чакаларов, Пандо Кљашев, Лазар Поп Трајков, Митре Влаот и другите. Во сите села го пречекувале различни војводи како Никола Андреев во с. Мокрени.


Во с. Бобишта, Костурско, пред црквата во селото, Сарафов одржал пламен говор кој наишол на воодушевување и одобрување во кој меѓудругото истакнал:
„Крените ги главите горе! Настапи часот да се ослободиме од турското ропство. Дајте ми триста одбор јунаци како овие овде (четата на Никола Андреев), јас за една ноќ ќе ја превземам Битола и ќе ја прогласам нашата слобода„.


На 20 март тој заминал од с. Черешница каде се одржале говори и каде посебна тема на разговор со Чакаларов било зацврстувањето на Организацијата и активирање на потребата за ликвидација на Коте Христов од Руља, еден од најголемите спроводници на грчката пропаганда во тој регион во тој момент, за кого Сарафов сметал дека Груев премногу му простувал.


Самиот Коте пак на 23 март му пратил писмо на Сарафов канејќи го да дојде без Костурските војводи со него во обиколка и да види како народот се жалел од нив. Сепак Сарафов не му поверувал на Коте од Руља и застанал на страната на Чакаларов и Кљашев и костурското реонско раководство. Обиколката за агитација продолжила и во Габреш, Смрдеш, Косинец (26 март), по што Чакаларов впечатоците од настанот ги запишал во својот дневник каде стои дека Сарафов го преставил како нивни началник пред кој што секој има право да се пожали за секого и се што му тежи, било од началниците, било од војводите и четниците. Тој оценил дека говорите имале огромен ефект и завршиле со скандирања во знак на поддршка. Од оваа посета датира и големото пријателство што во следниот период се развива меѓу Борис Сарафов и Васил Чакаларов.
Меѓутоа веднаш по пристигнувањето на Б. Сарафов во Костурско се активирале и грчките и гркоманските шпиони, како и грчкиот Митрополит Каравангелис, кои ја информирале турската војска за присуството на четите, по што започнуваат жестоки битки и потери од кои Сарафов и Чакаларов со своите чети успеале да се извлечат па иако во еден момент биле во безизлезна позиција, биле спасени од навремениот напад на селската милиција од околните села која од зад грб го нападнала турскиот аскер и со тоа го пробила обрачот околу селото составен од околу 300 луѓе аскер. Во најтешките моменти на помош им дошол и војводата Митре Влаот со околу 40 борци, на веќе опколените 50 припадници на четите на Сарафов и Чакаларов. Пробивањето на обрачот, нападите од неколку страни и извлекувањето се доживеало меѓу населението како голема војничка победа на Организацијата, што било дополнително охрабрување на народот. Всушност се покажало за клучно што додека се издавале наредби за распоредување на четите по околните селски куќи, Чакаларов успеал преку една жена да испрати писмо до селската милиција на Организацијата од село В’мбел во кое ги повикал од зад грб да го нападнат аскерот, а на помош дошла и четата од Косинец.
Сепак, овие настани биле аларм за турската власт која по ова концентрирала поголема војска и башибозук во тие места.
Обиколката продолжила и во многу други села, како Герман, Љубојно и Смрдеш каде повторно имале судир со турска војска од 300 луѓе.
По неколку битки со турската војска, зачленување на нови борци во Организацијата и агитациска дејност, успешно завршила мисијата на Сарафов во Костурско која траела околу еден месец од каде се вратил во Битолско и поминувајќи преку Ресенско каде собирајќи 200 селани од повеќе села извршиле еден вид воена вежба, се упатил кон Смилево на Смилевскиот конгрес каде исто така имал добар пречек од селаните од кои повеќемина излегле да го пречекаат, а пристигнал меѓу првите делегати.
Вака отприлика, прикажувајќи преку примерот за активностите на Сарафов, изгледале активностите на дел од челниците на организацијата кои вршеле обиколки на повеќе села со цел агитација и подготовка на населението за востание. Покрај Сарафов, обемни подготовки и теренски посети правел и Дамјан Груев.

Смилевскиот конгрес кој се одржал помеѓу 2 и 7 мај (нов стил) воопшто не поминал во иста атмосфера како пламените говори меѓу населението ширум македонските села и одобрувањето кое доаѓало од насобраниот народ. Делегатите на конгресот, кој инаку бил конгрес на Битолскиот револуционерен округ (во него влегувала поголема територија вклучувајки го Кичевско, Охридско, Струшко, Демирхисарско, Прилепско, Битолско, Крушевско, Леринско, Костурско…), се поделиле во однос на прашањето дали е време за востание или е преурането. Иако одлуката за кревање востание веќе била донесена најпрвин од ЦК а потоа и од Солунскиот конгрес, сепак на овој многу значаен окружен Конгрес на кој требало да се разговара како ќе се крене востанието, се уште не стивнувале реакциите и различните мислења кои оделе во правец дека востанието ќе биде избрзано, преурането и недоволно подготвено. На моменти паѓале и тешки зборови меѓу делегатите кои дел од нив ги запишале во своите спомени. Интересно е што дел од делегатите за прв пат се сретнале и запознале токму на Смилевскиот конгрес, како на пример Дамјан Груев и Борис Сарафов, а имало и такви кои се познавале, но недоволно, па оттука имало и доза на недоволна доверба.
Додека се подготвувал конгресот и се чекало сите делегати да пристигнат, на 19 Април (стар стил) пристигнатите делегати ја примиле веста за солунските атентати, а Сарафов на само го информирал Чакаларов дека тој ги подржал “Гемиџиите“ и со парични средства и дека се согласувал со нивната акција. Инаку и за таа активност Сарафов имал поддршка од Делчев, кој го неутрализирал негативниот став на ЦК по однос на намерите на гемиџиите, односно давањето помош на нив. Таа информација за акцијата на гемиџиите, која пристигнала на веќе започнатиот конгрес, имала и свое охрабрувачко и поттикнувачко влијание кај делегатите на Смилевскиот конгрес при носењето на одлуката.


За претседател на конгресот бил избран Дамјан Груев за што поддршка дал Б. Сарафов, а истиот го подржал Сарафов за член на главниот штаб. За членови на Главниот Штаб биле избрани Дамјан Груев, Борис Сарафов и Атанас Лозанчев. Немало претседател на главниот штаб туку одлука за заедничко рамноправно носење на одлуките.
Сепак Груев и Сарафов покажувале наклонетост самостојно да бидат водачи на престојаното востание. Имало и забелешки за присуството на Сарафов кај дел од делегатите, кој родум е од Пиринска Македонија, во смисла во кое својство е присутен, на што самиот истакнал дека е ревизор на четите на местото на убиениот Тома Давидов. Текот на конгресот воопшто не бил мирен, имало бурни дискусии, расправии и несогласувања за главното прашање околу тоа дали ќе има или не востание во Битолскиот револуционерен округ.
Интересно е што дел од делегатите во своите спомени запишале дека Сарафов, кој бил еден од најгласните на конгресот дека востание мора да биде кренато во текот на 1903 година, истакнувал:
“Токму затоа сум дојден јас. Имам ветување од видни владини кругови дека ќе следува војна“.
Но во Спомените на Сарафов, наспроти ваквите тврдења дека ветувал бугарска воена помош, стои дека дел од делегатите се надевале дека “Бугарија нема да стои мирна“, а тој лично ги уверувал дека тоа нема да се случи. Тој навел во Спомените:
“Јас изјавив со такви надежи да не се потхрануваат, ја познавам положбата во Бугарија, никаква војна заради нас нема да отвори, ами да си направиме сметка, за таа работа да ја почнеме и изнесеме на свои плеќи додека да падне снег“.
Чудно е што за ова прашање има толку спротивставени записи иако за другите работи имале прилична воедначеност. Професорот Никола Жежов автор на монографијата за Сарафов од 2017 година, која изобилува со многу оригинални писма и документи, голем дел од нив и за прв пат објавени, наведува дека “ваквите ставови можат да се објаснат дека дел од делегатите сакале да се оградат од нивниот удел во неуспешниот исход на Илинденското востание и затоа целата вина требало да ја насочат кон едно лице — Борис Сарафов. Тој требало да биде виновникот затоа што ветувал некаква воена помош од Бугарија за востаниците. Но, навистина чудно е тоа што Сарафов ја тврди спротивната работа: да не се надеваат на бугарска помош, туку востаниците да се потпрат на сопствените сили. Едно е сигурно, во овој случај некој не ја говорел вистината. Сарафов или дел од делегатите? Не е познато на што би се должел таков оптимизам на Сарафов, според спомените на неколку делегати, главно негови противници, кога се знае дека во тој период немал воопшто добри односи со бугарската влада и тоа уште од времето на судскиот процес против него од 1901 година“. Во секој случај неспорно е дека Сарафов бил упорен во одбраната на своите ставови за востание велејќи: “Сега треба да се оди напред“.
Делагатите од Костурско, предводени од В. Чакаларов, кои биле под влијание на Борис Сарафов го подржале востанието.
Се воделе и полемики за методите на борба на востаничките чети. Додека дел од делегатите предлагале герилски начин на борба, некои од раководителите во главниот штаб се залагале за фронтална борба со турската војска. Сарафов повторно ја истакнал својата замисла за напад и заземање на Битола, но на ова се спротивставиле Дамјан Груев и Анастас Лозанчев, истакнувајќи дека во градот има голема турска војска и дека поради пелагониската рамнина Битола тешко може да се брани.
Дамјан Груев подоцна запишал дека и тој на крајот поверувал дека може да се случи вмешување на Бугарија:
“И јас на крајот допуштив дека тоа може да се случи“.
Груев сепак не ја знаел толку добро состојбата на општествено политички план и констелацијата на односите помеѓу балканските држави во однос на Македонија, бидејќи скоро бил излезен од затворот во Бодрум кале каде бил неколку години, а веројатно и тешкиот затворски живот дополнително му побудувало чувство за одмазда, иако тој во дискусиите не заземал директно страна но предложил да не се разговара за прашањето на востанието кое веќе било решено од Солунскиот конгрес. Во една крајно напната атмосфера по повод острите расправии околу одлуката за востание, расправиите ги прекинал Дамјан Груев, еден од основачите на организацијата, кој според Спомените на Пандо Кљашев рекол:
“А бре луѓе, не губете си го времето да го решавате прашањето — ќе има ли востание или не, зашто тоа е решено- битти даваси! Говорете сега за востание, како да го направиме и кога, но не по ден и по време.“


Петар Ацев истакнал дека Прилепскиот округ располага со многу мала количина оружје на што Сарафов му одговорил дека на помош на Ацев ќе пристигне цела вооружена чета, а можеби и Ѓорче Петров со неа. Ацев остро му одговорил: “не се доволни само вашите зборови, господин Сарафов“ ж што уште еднаш ја покажало присутната недоверба. Против кревањето на востание се изјаснил и Никола Карев. За малку бил избегат и инцидент помеѓу Борис Сарафов и Јордан Пиперката.


Изнервиран Сарафов му рекол на Лозанчев: “ЌЕ ГО УБИЈАМ ПИПЕРКАТА!“, а по пет минути Лозанчев му одговорил дека ако тоа го направи тогаш тој ЌЕ ГО ЗАСТРЕЛА него. Сепак инцидентот мирно завршил.


Се донела одлука и за изработка на востанички дисциплински устав, за што биле задолжени Димитар Дечев и Борис Сарафов, кој имал офицерско образование, а по завршување на конгресот Тома Николов бил задолжен преку канали на Организацијата да ги однесе протоколите од Конгресот во Задграничниот комитет во Софија, што било деликатна задача и високо ризична, бидејќи протоколите биле составени без шифри.
Интересно е дека пред заминувањето на Т. Николов, Даме Груев и Борис Сарафов имале одделни и на само средби со него. Даме Груев му рекол да им соопшти на задграничните претставници д-р Христо Татарчев и Христо Матов дека, иако Борис Сарафов бил избран во Главниот штаб, тоа било формално и контролата врз Битолскиот револуционерен округ ја имала Организацијата, а не Сарафов.


Потоа следела средба на само со Сарафов. Сарафов му испратил поздрави на бугарскиот политичар Васил Радославов со кого долги години биле лични пријатели и му рекол на Т. Николов да пренесе во Задграничното претставништво дека контролата на Организацијата во округот била во негови раце и дека тој бил еден вид “кнез“.
Овие два одделни разговори на Тома Николов му оставиле лош впечаток, а наишло на смеење кај Христо Матов, кој дури го замолувал неколку пати да го повтори истото. Но иако се смеел на поделеноста на Сарафов и Груев, на нивното неединство и нивната несинхронизираност и недоверба, во суштина ваквите ставови на членовите на Главниот штаб воопшто не биле охрабрувачки пред непосредните подготовки на Илинденското востание. Наместо да се насочат кон добри подготовки за востанието, Груев и Сарафов воделе меѓусебна борба за престиж во Битолскиот револуционерен округ, која била штетна и погубна за интересите на Организацијата.
Теренската работа и подготовки продолжила и по завршувањето на Смилевскиот конгрес. На конгресот била формирана т.н. Штабна чета од околу 20 борци, одлично вооружени во која влегле и Даме Груев и Борис Сарафов, при што оваа чета ги обиколувала сите околии на Битолскиот револуционерен округ и ги зајакнала подготовките за претстојното востание. Па така, започнале од Кичевско, каде била организирана и воена вежба помеѓу селските војводи на Кичевско, Демирхисарско и Охридско.


Потоа четата заминала во Охридско каде се сретнала со неколку војводи, меѓу кои и Христо Узунов со кого разговарале околу организациските прашања за претстојното востание . Штабната чета поминала и низ Демир Хисарско каде што им се приклучил и Пере Тошев.


На 17 мај 1903 година четата поминала низ селото Спространи, Демирхисарско и се упатила кон Крушевско каде се сретнале со Никола Карев и војводите Тодор Христов — Офицерчето и Иван Наумов — Аљабакот. На враќање четата повторно поминала низ Демирхисарско каде се сретнала со Јордан Пиперката со кого исто така разговарале за планот за востанието.


Груев, Сарафов и Лозанчев како членови на Главниот штаб при обиколката во Битолскиот револуционерен округ вложувале напори да се подготват пред се селаните за вооружена борба, да се мотивираат востаниците и востаничките чети, да се подготви детален план за востаничките борби како и да се надминат некои одредени недоразбирања меѓу некои од војводите и дејци во округот.


Со иста цел Груев и Сарафов во јуни 1903 година заминале во Д’мбенската планина (Костурско) каде се сретнале со раководството на Костурскиот регион: Васил Чакаларов, Пандо Кљашев, Лазар Поп Трајков и Манол Розов. Повторно се отворила темата за Коте од Руља за што дошло до кава меѓу Груев и Сарафов. Помеѓу двајцата револуционери постоела прикриена недоверба и ривалитет во поглед на водењето на престојаното востание, немале воедначени ставови, а имале многу ниско ниво на соработка. По Костурско заминале за Ресенско каде се сретнале со војводата Славејко Арсов со кого разговарале за заземање на градот Ресен.


Токму тука, додека биле во ресенско, пристигнало писмото од Христо Матов од Задграничното претставништво во Софија во кое тој ги известувал за разговорот со Бугарскиот генерал Савов и неговите ветувања дека Бугарија до септември ќе биде готова да им помогне на востаниците.
Последниот реон кој бил поминат пред востанието е Леринско каде оставил и писмени инструкции на војводата Георги Поп Христов.


На први јули (стар стил) Груев и Сарафов во селото Буф ја донеле одлука за денот кога ќе се крене востанието. Бил одреден 20 јули (стар стил), на ден Илинден. Одлуката ја испратиле до ЦК на ТМОРО и до окружниот комитет во Битола, како и до околиските комитети во Битолскиот регион. Главниот штаб на востанието во Битолскиот револуционерен округ пратил и повик до населението, во кој го повикал масовно да се крене во борбата за ослободување на Македонија:
“Браќа!
Конечно дојде долго очекуваниот ден за борба со вековниот непријател. Крвта на нашите невино загинати браќа од турската тиранија и згазената чест на нашите мајки и сестри повикува на одмазда. Доста се маките, доволно е срамот! Илјада пати подобро смрт отколку скотски живот. Денот кога народот од цела Македонија и Одринско треба јавно да излезе со оружје во рака против душманите е 20 јули 1903 година. Следете ги браќа нашите началници тој ден и соберете се под знамето на слободата. Бидете, браќа, упорни во борбата! Бог нека го благослови нашето вистинско дело и денот на востанието. Долу Турција! Долу тиранијата! Смрт на душманите! Да живее народот, да живее слободата!
Братски Ве бакнува: Штабот!“
Овој повик на Штабот бил пратен до сите реони на Битолскиот револуционерен округ на ТМОРО.


Конгреси се одржале и во другите револуционерни окрузи. На 28 и 29 јуни 1903 се одржал Конгрес на Одринскиот револуционерен округ во месноста Петрова нива со 47 делегати, каде исто така биле поделени мислењата. Но одлуката на Смилевскиот Конгрес не им оставила многу избор, па решиле востанието да се крене на 6 август (стар календар), на празникот Прображение Христово.
Подготовки започнале и во Солунскиот револуционерен округ, веднаш по Софиското советување, главно со набавка на оружје и не планирани битки со турската војска во кои загинал Крсто Асенов што влијаело на текот на востанието, по што се донела одлука дека ќе можат да преземат само атентати по железничката линија, што и го сториле подоцна на 10 август. И таму имало неколку поголеми директни судири на четите со османлиските сили, но помалку на број. Кукушките чети биле откриени во рана фаза и произлегле многу проблеми со тоа. Воденската околија имала слабо учество во востанието. Во Серско подготовките ги започнал Гоце Делчев, а по неговата смрт ги продолжил Јане Сандански, главно во делот на вооружувањето. Таму се вмешал и Врховниот комитет на Цончев со свои чети, и работите добиваат друг тек, иако една од најжестоките битки во Илинденското востание е кај селото Пирин каде 500 востаници под команда на Јане Сандански се судриле со османлиите, во која загинале 7 востаници и 80 Турци. Подготовки и окружни конгреси имало и Серско, Разлошко и други. Во Скопскиот дел имало послаба активност, каде дел од силите истоштени од борбата со српската пропаганда останале невооружени, каде во текот на целото востание имало само 15 борби.


Во јуни ЦК изработил Општ план за востанието, во кој стоело дека согласно одлуките на Солунскиот конгрес и советувањата во Софија, треба да се прибегне кон герилска борба. Се наложило четите да дејствуваат насекаде и во исто време, без да се крене народот. Планот бил востанието да е послабо и подолготрајно, водејќи борби до зимата, а обновувајќи ги на пролет. Сепак во Битолскиот и Одринскиот револуционерен округ востанието добило масовен карактер.
Во една таква атмосфера на 20 јули (стар стил) во Битолскиот револуционерен округ започнало востанието. Пред се заради идеолошки причини доминантни во времето на социјализмот, но по инерција делумно пренесени и во пост-социјалистичкиот период во Македонија во пошироката јавност беше создадена перцепција дека клучните личности за време на Илинденското востание се личностите кои се дел од десетте дена Крушевската Република, како Никола Карев и Питу Гули. Овие личности несомнено се големи херои на Македонија, имале своја многу важна улога во востанието, дале огромна лична жртва и вечно ќе бидат славени, но сепак доминантна фигура во пред-илинденскиот период и за време на Илинденското востание, па делумно и потоа е Борис Сарафов, кој е присутен и помеѓу водачите, и на терен со војводите и населението и низ најмоќните држави на Европа како и соседните земји, работејќи на обезбедување поддршка за ослободување на Македонија. Иако во тој период тој не е член на највисоките тела на Организацијата како ЦК и ЗП во Софија, Борис Сарафов со својата решителност, смелост, популарност помеѓу широките народни маси, харизма, нескротлив и борбен дух, пргав, буен темперамент, тежок за држење под контрола, наметлив карактер и полн со национал романтизам е прилично доминантна фигура во тој период со огромно влијание, иако водачите на Органзацијата не гледаат со таква наклонетост кон него, делумно заради различните ставови кои често ги имале, делумно заради внатрешните наметнувања за преземање на раководењето на Организацијата, делумно заради честата своеволност на Б. Сарафов но и заради големото влијание кое слободно може да се каже дека преставувало еден вид течение, струја или фракција во Организацијата кое подоцна, по Илинденското востание уште повеќе доаѓа до израз преку создавањето на привремениот комитет на Борис Сарафов во 1904 година.
Легендарниот Павел Шатев за време на одлежувањето затвор во Ќустендил од 1942 до 1944 година напишал еден вид биографија која наликува и на анализа за Борис Сарафов, ракопис кој за прв пат е објавен во 2013 година во Македонија, каде подвлекува:
“Во Илинденското востание како најкрупната револуционерна акција во историјата на македонското револуционерно движење, Борис Сарафов е првиот меѓу првите револуционерни дејци и во самото предвечерие а за време на востанието застанува како водач на самото востание, со функција на главно лице во Штабот на востаничките одреди и чети“.
За разидувањата меѓу дејците на Македонската револуционерна организација, П. Шатев запишал:
“Просечноста не трпи гениј. Рутината не запира, туку следува новото,прогресивното, исклучителното. А Борис Сарафов беше исклучителна, бележита, силна по дух, воља и енергија личност. Храброста не се состои само во тоа да стоиш спроти куршуми, туку суштинската храброст во животот е да прифаќаш и да носиш одговорност!,…Водачот, вождот, не се избира, тој се налага… Така беше и со Борис Сарафов…Безгранично верен на македонската кауза, смел, родољубив и способен маж…Името на Борис Сарафов уште додека беше жив стана легендарно…“.
Така славниот гемиџија Павел Шатев пишува за Борис Сарафов.
Решителноста била една од главните одлики на Борис Сарафов, без разлика дали во некоја постапка ќе направел грешка или правилно ќе постапел. Таа карактерна особина на Борис Сарафов неговите непријатели ја сметале за “грандоманство“, “кариеризам“, “авантуризам“, и слични квалификации. Меѓународните медиуми, во кои доминира Њујорк Тајмс мошне често пишувале за него и најчесто уште доста пред, а потоа и за време, но и по Илинденското востание го доживувале и преставувале како водач на Организацијата и на востанието.
Имал огромни и веројатно најголеми од сите други водачи на Организацијата меѓународни напори и чести патувања во правец на обезбедување на дипломатска, воена, финансиска и политичка помош за Организацијата. Во време на Илинденското востание најверојатно заради пропагандни причини од страна на Османлиската Империја за демобилизирање на духот на населението, на Њујорк Тајмс му е подметната дезинформација па на 16 Октомври 1903 година истиот објавува дека Сарафов е убиен, но остава резерва во однос на точноста на информацијата. Но весникот одејќи со наслов “Macedonian leader dead“ истакнал дека ако биле вистинити податоците, тогаш турската власт во Македонија го ликвидирала својот најголем непријател, а востаниците ја загубиле НАЈРОМАНТИЧНАТА ФИГУРА НА БАЛКАНОТ. Четири години подоцна, кон крајот на 1907 година, по вистинското убиство на Сарафов, Њујорк Тајмс повторно оди со сличен опис на ликот на Сарафов, подвлекувајќи дека неговото име беше истакнато во сите востанија на МАКЕДОНЦИТЕ кај НАЈРОМАНТИЧНА ФИГУРА на Балканот: “His name was prominent in all uprisings in Macedonia against the Turks and he has been described as a most romantic figure in the Balkans.“
Симеон Радев ќе запише:
“…Тој остана олицетворение на херој на македонската револуција…Човек со ѕвезда-роден да биде водач…ретка популарност која направи неговата смрт да биде национална жалост“.
Во однос на чувството на припадност, се чини дека Сарафов ја има дадено најчистата изјава во однос на различноста на Македонците од Бугарите и Србите во тој период и во таа генерација македонски револуционери :
“Ние Македонците — не сме ни Срби, не сме ни Бугари, туку едноставно Македонци. Македонскиот народ постои независно од бугарскиот и српскиот. Ние сочувствуваме и со едните и со другите, и со Бугарите и со Србите: кој ќе го помогне нашето ослободување, нему ќе му бидеме благодарни, но Србите и Бугарите нека не заборават дека Македонија е само за Македонците…“.
Интересна е и една негова остра полемика со генералот Иван Цончев во времето кога е под жесток притисок од Бугарија да се повлече од позицијата претседател на ВМК, главно заради неговите промакедонски позиции и најголема можна поддршка на ТМОРО, што тој не го прифаќал, па според Спомените на Симеон Радев, во еден момент Б. Сарафов во реплика со И. Цончев рекол:
“Јас не сум предавник. Предавници се тие кои што сакаат да го предадат делото на Дворецот“.
Ова се однесувало на самиот Цончев, како близок до Бугарскиот дворец и групата со него.
Но, да се вратиме на востанието кое започна во атмосфера на поделеност и недоверба, несогласувања и тивка борба за преземање на раководството и други појави меѓу кои најдоминантна е длабоката поделеност дали востанието би било преурането или не, која резултира со некревање на востанието во некои од револуционерните окрузи, а некаде пак со задоцнето кревање или само со четничко терористички акции, а не општонародно востание. Сето тоа допринесува за неуспехот на востанието но и за значително нараснување на тензиите во Организацијата потоа, кога се бара виновник и негова казна, кога многумина гледаат вината да ја префрлат на друг а најчесто со прст е покажувано кон Борис Сарафов. Таа атмосфера кулминира на Рилскиот конгрес во 1905 година, каде со крајни напори на Дамјан Груев и Ѓорче Петров некако се менаџира и смирува разгорената ситуација во која се бара, особено од страна на Јане Сандански смртна казна за Сарафов, иако Сарафов ниту бил член на ЦК кога се носела одлуката, ниту дел од Солунскиот конгрес кога се потврдувала одлуката на Организацијата, иако подоцна станува нејзин поддржувач и агитатор.


Сепак, подоцна по Рилскиот конгрес на кој иако имало помирување и проштевање, (под силно влијание на Ѓорче Петров и Даме Груев), па дури и од Самиот Сандански (кој на крајот излегува со говор со тезата на Ѓорче Петров — “грешевме сите“), продолжува таа тензична атмосфера и во 1907 година Серскиот комитет носи спротивна на уставот на Организацијата одлука за смртна пресуда со ликвидација на Борис Сарафов, Иван Гарванов и Михаил Даев која ја извршува на прилично подмолен начин Тодор Паница.


Тој најпрвин им се приближил на Сарафов и Гарванов со најголеми пријателски изрази, почит и изрази на приврзаност кон нив, за по некое време, во моментот кога ја освоил нивната доверба, при една вечерна дискусија во куќата на Сарафов на заминување, и целосно неочекувано за нив, ги ликвидирал двајцата со пукање во нив.
По убиството на Б.Сарафов и И.Гарванов полицијата во Софија спровела опсежна истрага и биле приведени па ослободени Ефрем Чучков и Петар Ацев, кои таму ја дознале веста за убиството и кои потоа веднаш заминале кај Христо Матов и се запознале со сите детали. Христо Матов разговарал со неколку војводи за тоа како да бидат казнети убијците и како најприсебен во ситуацијата успеал да ја исконтролира ситуацијата од брзи и непромислени реакции за одмазда и самоволие во една прилично зовриена атмосфера. Со обзир дека бил свесен дека и тој бил цел на атентатор на приврзаниците на Јане Сандански, презел мерки за своја лична заштита и во таа хаотична ситуација, покрај Ефрем Чучков кој веќе бил таму, го повикал телеграфски од Бургас тогаш сеуште младиот и не целосно афирмиран — 26 годишниот Тодор Александров, како негов доверлив соборец и пријател.


Дури 18 години подоцна, во 1925 година Организацијата по неколку неуспешни обиди, успева да го ликвидира Паница во театарот во Виена, и тоа го прави токму Менча Карничева, идната сопруга на Иван Михајлов, која на сличен начин прво се спријателила и ја освоила довербата на Паница, па потоа го ликвидирала, што подоцна и овозможува прием и средба со Иван Михајлов и започнување интимна врска која завршува со брак.


Уставот на Организацијата предвидувал кога некој од окружните комитети ќе донесе одлука за смртна пресуда на било кое лице, таа мора да се потврди од ЦК на Организацијата пред да стане важечка, што во случајот не било сторено. Затоа, одлуката за смртната казна на Серскиот комитет е спротивна на Уставот на Организацијата.

Овој настан бил силно осуден од страна на македонската емиграција во Бугарија, следел голем погреб на Сарафов и Гарванов, со огромна толпа народ (…речиси сите присутни плачат, пишува репортерот…), но најважно и најлошо од сè, ова убиство ја отвора пандорината кутија на злото во македонското револуционерно движење, кое останала отворена скоро три децении.
А се тргнува од лошата атмосфера во месеците пред Илинденското востание помеѓу челниците во Организацијата и одлуки пребрзо донесени без доволна и транспарентна внатрешна дебата и завршува со далекусежни последици, не само за време на востанието, туку и скоро три децении потоа.
Таквата атмосфера и те како се одразила на востанието и по почетниот успех, после првите неколку дена, доаѓаат тешки денови за Организацијата.
Покрај во Крушево, за каде деталите се познати во општата јавност во Македонија, востанието започнало и во други делови а најмасовно било во Битолскиот револуционерен округ, каде дејствувале и раководеле со Главниот штаб Б. Сарафов, Д. Груев и А. Лозанчев. Покрај Крушево биле ослободени и други територии, како Смилево, Странџа и гратчињата Невеска и Клисура во Костурско кои биле слободни до крајот на август.


По започнување на востанието, Задграничното претставништво на Организацијата во Софија им предало на владите на европските сили Декларација со која биле известени за неподносливата експлоатација и за жестокоста на режимот на Османлиската Империја, која не ги почитувала елементарните права признаени на македонскиот народ со Берлинскиот договор. Од нив се барала ефикасна интервенција за да се присили Турција, да ги изврши преземените обврски и на Македонија да и даде автономија. Востаничкиот штаб на Битолскиот револуционерен одбор им предал Меморандум на дипломатските претставници со слична содржина.
Во Смилево почетокот на востанието почнал со нападот на востаничките чети врз турскиот гарнизон во селото и локалните преставници на турската власт, каде изненадени од нападот, дел од локалните Турци во Смилево се повлекле во куќата на револуционерот Георги Чуранов токму каде што бил одржан Смилевскиот конгрес. Како член на Главниот штаб Сарафов издал наредба за напад врз куќата каде лично тој со уште двајца со газија ја запалиле куќата, а во престрелките бил ранет Пандуров. При убиството на еден турски војник Сарафов, според спомените на некои револуционери извикал:
“Браво другар, сум учествувал во многу битки, но за прв пат гледам да се тркалаат пред мене толку турски трупови“.
На 3 август Главниот штаб наредил евакуација на целото население кое не било способно да се бори во месноста Голем Гар, а до пладне Смилево било празно. За кратко време Смилево било освоено и откако ги одбиле сите обиди на турската војска за повторно преземање на Смилево, веќе Сарафов со четата се движел не само кон Битолско, туку и кон другите реони на Битолскиот револуционерен округ како Охридско, Демирхисарско, Кичевско и Крушевско. Сарафов заедно со четата за Охридско заминал на 28 јули (стар стил) 1903 година, затоа што османлиската војска во знак на одмазда веќе започнала да ги пали селата таму. Заради тоа Сарафов и Груев од името на главниот штаб упатиле протесно писмо до конзулите во Битола предупредувајќи дека на ваквите репресивни мерки востаниците ќе одговорат со реципрочни мерки. Од име на Главниот Штаб било пратено писмо и до директорот на Источните железници, потпишано од Сарафов, Груев и Лозанчев. Во писмото се предупредувал директорот дека поради востаничките акции цел ќе бидат железничките линии и се барало од него да не се дозволува да патуваат патници со возовите за да нема цивилни жртви. Писмото било објавено и во Њујорк Тајмс кого новинарот на статијата Борис Сарафов го нарекол водач на македонските бунтовници. На 20 јули (стар стил) востание се кренало и во Крушево, Ресенско, Охридско, Костурско,Кичевско, Прилепско, Битолско…
Планот на Сарафов бил кон Охридско да се насочат поголемите востанички сили од Демирхисарско и Охридско, но замислата не успеала. На 14 август Сарафов со четата заминал кон Демирхисарско, но потоа повторно се вратил во Охридско, кај селата Слатино, Турје и Мраморец, за да им помогне на востаниците. Од таму заминал за Кичевско за да направи увид таму, каде поминувајќи во повеќе села се сретнал со повеќе војводи и раководители.
Насекаде се воделе тешки битки. Во периодот од 15 до 30 август 1903г. , четата на Сарафов се движела низ Демирхисарско, Кичевско, Крушевско и Битолско и имала повремени вооружени судири со турската војска, која се концертирала во реоните каде дејствувале востаничките сили. На 30 август четата на Сарафов се судрила со турската војска кај селото Бабино, Демирхисарско, битка во која постоела опасност Сарафов да биде жив заробен од турската војска, затоа што во еден момент неговата чета без него се повлекла од селото, па качувајќи се на коњ, во последен момент успеал да се извлече и самиот Сарафов.

На меѓународен план, Германија тргнувајќи од своите интереси ја советувала Османлиската Империја што побрзо да превземе акција за задушување на востанието и уништување на востаничките сили, за да не им дозволи на големите сили да се вмешаат. Заменикот државен секретар за надворешни работи на Германија Фон Рихтхофен, пред главниот министер на Султанот, Големиот везир, и османлискиот министер за надворешни работи рекол:
“…брзото воспоставување на мирот во Македонија би го повратил престижот на султанот и на централната власт“.
Подоцна Германија го негирала нејзиното охрабрување на Турција да превземе сурови мерки при задушување на востанието објаснувајќи дека македонското прашање е од второстепено значење за Германија.
Турските офицери и интелигенција јавно истакнувале дека војската треба да има одврзани раце, па францускиот заменик конзул слушнал еден разговор помеѓу два офицери, дека војската треба да добие слобода за акција и во следните сто години во Македонија да не се појави ниту една бунтовничка чета. Османлиите биле фокусирани да не бидат заземени градовите и таму трупале повеќе војска, па на тој начин во првиот период иницијативата останала во рацете на Организцијата која главно била фокусирана на селата. Немањето брз успех во задушување на востанието, довело до нарушување на авторитетот на султанот, но веќе на 10 и 11 август биле донесени силни османлиски сили од Косово кои главно биле разместени во Македонија, особено во Битолско. Крушево го зазеле со 18.000 луѓе, а по наредба на Штабот 15.000 население го напушта градот и се крие во блиските планини.
Илинденското востание било непријатно изненадување не само за Османлиската империја, туку и за многу други големи и мали држави во Европа кои полагале право врз наследството на Османлсикото царство.
За Австроунгарија и царска Русија востанието било предизвик кој го рушел постојаниот статус-кво на Балканот, што повеќе им одговарало на овие две сили, во ситуација кога не можеле сами да ги реализираат своите аспирации врз Османлиското Царство. Нивната цел била преку дозирани подобрувања во Македонија се одбегнат радикални решенија кои би ги осуетиле нивните намери, заради што уште во февруари 1903 година, пред востанието тие веќе изнудиле реформи од слаб обем од Османлиското Царство. Другите европски сили биле не помалку заинтересирани за состојбата во Македонија, односно во Османлиската Империја, но и нивната дипломатија, со ретки исклучоци се држела настрана очекувајки заинтересираните Австро-Унгарија и Русија да ја смируваат ситуацијата во Македонија. За неменување на состојбите на Балканот имале интерес и малите балкански држави, кои имале свои планови и аспирации за Македонија, па оттука доаѓа и нивната незаинтересираност за успех на востанието. Евентуален негов успех би било пресекување и пресретнување на нивните територијални амбиции. Симпатии кон македонската борба имало кај прогресивната светска јавност и печатот бил полн со информации за востанието, а се снимале и прикажувале филмови инспирирани од Илинденското востание. Во САД, Англија, Франција и Италија се создале македонски комитети кои организирале многу митинзи.


На 31 август весникот Њујорк Тајмс објавил изјава на генералот Рицоти Гарибалди, син на легендарниот Џузепе Гарибалди, еден од најголемите генерали на модерното време, патриот и државник кој многу придонел во обединувањето на Италија и создавањето Кралство Италија во 19 век. Со Рицоти Гарибалди, Сарафов имал лични средби па истиот со посебен интерес ги следел настаните и битките. Тој во изјавата вели:
“Сарфов побара совет од мене за организирање на МАКЕДОНСКО востание, жалејќи се дека мојот став е неповолен во врска со него“.
Тој во изјавата истакнал дека не се согласувал со барањето помош на Сарафов, бидејќи востанието било засновано на помошта на Австрија и Русија, што значело загрозување на италијанските интереси. Во последниот дел од изјавата тој е појасен и по прецизен:
“Мојот план е независност на Албанија под италијанска заштита со разбирање со Грција, а истовремено Сарафов ќе апелира до Европа за МАКЕДОНСКА НЕЗАВИСНОСТ, откажувајќи ја цела идеја за Австро-руската интервенција. Доколку мојата програма биде прифатена, ќе апелирам до италијанскиот народ убеден дека за 24 часа 20 илјади доброволци ќе ме следат до другата страна на Јадранското море. Јас се надевам дека италијанската влада нема да ме спречи во спроведувањето на овој проект, но ако тоа го стори ќе се откажам од италијанското државјанство“.
Изјавата на Гарибалди, секако преставува обид за италијанско влијание на Балканот, посебно во Албанија и Македонија. Околу Сарафов, италијанскиот генерал немал некакви дилеми дека се залагал за создавање независна македонска држава.
Веќе во септември 1903 год., османлиската војска е во голема офанзива и ги истиснувала востаничките чети од Битолскиот револуционерен округ на ТМОРО. На 9.септемви 1903 година Сарафов со четата се сретнал со Д.Груев и А.Лозанчев во близнина на с.Слоешница и Вирово, Демирхисарско. Заради сложеноста на ситуацијата решиле да побараат бугарска воена помош преку писмо до бугарската влада. Сепак и покрај писменото барање, посетите на членовите на ЗП во Софија на претставниците на бугарската влада и апелите на Македонците во Бугарија — бугарска воена помош на востаниците на Илинденското востание никогаш не била пратена. Останале само нереализираните ветувања кои ги добивале Татарчев и Матов во поединечни разговори со претставници на бугарската војска и бугарски дипломати. И самиот Сарафов целосно изгубил верба дека ќе стигне некаква бугарска воена помош:
“…од писмото до бугарската влада веќе не чекавме резултати. Моето мислење беше наместо луѓето да не напуштаат и да бегаат, подобро е по команда да бидеме расформирани“.
Во втората половина на Септември 1903г. Сарафов со четата сè уште се наоѓа во Смилево и се обидува да ја брани слободната територија. Тоа биле последните големи битки во Илинденското востание. Последната голема битка е кај селата Боишта и Слоештица со 1.000 борци наспроти 10.000 турски аскер и башибозук кога заради големиот број на луѓе се формирал фронт од околу 15 километри, судир во кој турската војска употребила артилерија и неколку часа востаниците давале жесток отпор во отворена фронтална борба, по што почнало повлекување со 17 убиени и 11 ранети борци, по што се поделиле во помали групи заради полесно движење на теренот. Околу 150 востаници биле заобиколени и 4 дена се бореле во огромна битка по што морале да се повлечат. По поразот, Груев му најавил на Сарафов дека ќе замине за Леринско, а Сарафов не се согласил со тоа и изјавил дека со четата ќе замине за Бугарија. Поминувајќи низ Леринско, Сарафов на сите војводи на чети што ги среќавал им кажувал дека одлуката на штабот била да се прекинат востаничките акции, да се прибере оружјето и да се скрие во складови. Сарафов пред самото повлекување планирал уште неколку вооружени акции од поголем размер вклучувајќи и план за минирање на железничката линија Солун — Битола. Но, подоцна четата е нападната кај селото Буф и започнало повлекување кон Воденско низ планинските предели за да се одбегне откривање, кога веќе станува и многу студено со снег. На Ниџе-планина Сарафов се сретнал и со војводите Толе Паша и Иван Попов на кои исто така им издал инструкции за распуштање на четите и сокривање на оружјето.
Во ноември 1903 година Б. Сарафов со четата ја напуштил Македонија и заминал за Бугарија. Неговото пристигнување во Бугарија предизвикало голем интерес кај македонската емиграција и странските дипломати. Самиот чин на пристигнување во Софија бил многу бучен и разни странски медиуми го нарекле “сензација на денот“. Пристигнувањето во Софија на Сарафов било со триумфалистички пречек од страна на многубројната македонска емиграција во Софија која Сарафов го доживувала како херој. Иако со пораз на Илинденското востание, Сарафов своето пристигнување во Софија сакал да го престави во најсилно светло за што ја искористил својата популарност и познанства со бугарските и странските весници.
Илјадници Македонци со цвеќиња го пречекале на железничката станица и по многубројните говори се формирала поворка и на раменици го носеле до куќата на неговите родители и го поздравиле како национален херој. Поворката застанала кај катедралната црква каде Сарафов одржал говор и се заблагодарил на масата народ која го пречекала, истакнувајќи дека востаниците не биле победени и дека нивната борба само што започнувала. Очигледно и по поразот на Илинденското востание, Б. Сарафов ја уживал истата популарност во западна Европа и во САД од чии весници добивал голема поддршка.
Пречекот во Софија покажал дека и кај мнозинството Македонци не бил доживуван како виновник за неуспешниот крај на востанието, туку како херој. Тој триумфално се вратил во Софија и не помислувал да очајува или да се повлече. Неговата постапка може да се оправда исклучиво ако се гледа низ призмата на подигање на моралот кај Македонците, по трагичниот крај на востанието, инаку реалната ситуација на теренот изгледала бесперспективна. Додека најголем дел од војводите, комитите и другите дејци очајувале поради трагичниот крај на востанието, Сарафов се обидувал во оптимистичка атмосфера да го престави неговото учество во Илинденското востание, говорејќи дека тоа е само почеток, што кај дел од македонските револуционерни кругови било пречекано со негодување, а кај некои од нив и со потсмев. Многу од нив, како на пример Ефтим Спространов сметале дека Сарафов си ги присвоил сите заслуги со цел да си го зголеми авторитетот и дека тој не ги заслужува тие почести.
Сарафов преку Њујорк Тајмс кажал дека веќе не смета на Австрија и Русија околу македонското прашање и дека голем број вооружени групи се спремни да ги продолжат борбите следната пролет, најави кои во моментот повеќе имале пропагандно значење иако Сарафов подоцна во 1904 година правел напори за ново востание во Македонија. Изјавите всушност се и еден вид апел за помош до западноевропските држави, каде што подоцна ги насочил своите мисии во обид да издејствува поддршка.
Додека најголем дел од војводите, комитите и другите дејци очајувале поради трагичниот крај на востанието, Сарафов се обидувал во оптимистичка атмосфера да го престави неговото учество во Илинденското востание, говорејќи дека тоа е само почеток.


Сарафов започнал и средби со бугарски министри (Н.Генадиев, Д.Петков, А.Радев…) барајки финсиска помош за настраданото население во Македонија. Средбите биле повеќе протоколарни со ветувања за некаква неодредена помош за Макеоднија.
Подоцна и Даме Груев пристигнал во Софија, а исто така и Пере Тошев, Петар Ацев но и многу војводи и комити кои барале засолниште таму под налетот на турската војска. Насекаде низ софиската јавност меѓу многубројната македонска емиграција и пошироко се воделе жолчни полемики до ниво на жолчни расправии околу тоа дали навистина постоела оправданост за кревање на востанието или тоа било избрзана постапка на поединци во Организацијата.


На советувањата на раководителите од ЗП во Софија, војводи и други дејци во ноември и декември 1903 година, преовладувале различни гледишта по истото прашање. Многу брзо потоа, Сарафов успеал да ги убеди во ЗП и издејствувал полномоштво па заминал во Англија, Италија и Франција во нова мисија за барање поддршка. Велко Думев од ТМОРО го известил еден од најжестоките критичари на Сарафов, Спространов, дека Организацијата му дала полномоштво на Сарафов и Герџиков, затоа што, како што кажал, “видовме дека ќе отиде и без наша согласност“.


Попатно Сарафов иако без овластување се сретнал и со министерот за надворешни работи на Австрија — грофот Голуковски, средба која подоцна Сарафов ја негирал, а во Лондон остварил средби со претставниците на Либералната парија и други англиски политичари каде барал заем во висина од 2 до 3 милиони, а на прашањето за гаранција на заемот, предлагал експлоатација на Охридското езеро откако ќе се ослободи Македонија. Сарафов ја посетил и Србија и остварил средби со претставници на српските власти. Веќе во 1904 година ТМОРО влегува во преговори со Османлиската Империја за реформи, но тоа е дел од понатамошната приказна.
На крајот да сумираме.
Официјалната статистика од востанието е околу 1.000 убиени борци, 200 опожарени села, 4.700 убиени жени, деца и стари луѓе, 3.000 обесчестени жени и девојки, околу 70.000 обездомени, околу 30.000 бегалци во Бугарија. Од страна на Османлиската Империја, статистиката говори дека загубиле околу 6.000 војници и уште 5.000 биле ранети, плус финансиската штета за задушување на востанието.
Според Павел Шатев за време на илинденското востание во Македонија и Одринско имало 240 судири помеѓу 26.500 востаници и 351.000 војска.
Прво, да не забораваме дека Илинденското востание било многу повеќе од Крушевската Република, со многу ослободени територии и жестоки битки на илјадници борци низ повеќе делови на Македонија, во многу подолг период од десетте дена Крушевска Република, а најмасовно било во Битолскиот револуционерен округ (од Кичево до Костурско). Траело до ноември 1903 година. Илинденското востание во 1903 година е најкрупната револуционерна акција во историјата на македонското ослободително движење.
Второ, Главните ликови во востанието организирано од ТМОРО се ЦК на организацијата со својата одлука за востание подоцна потврдена на Солунскиот конгрес, ЗП во Софија водено од д-р Христо Татарчев и Христо Матов и силното влијание и доминантност на Борис Сарафов и нешто помалку на Дамјан Груев. Гоце Делчев кој имал големо влијание и голем капацитет за стратешки проценки и кој загинал пред востанието, ниту со поддршката на Ѓорче Петров и повеќе други, не успеал да ги разубеди во идејата, а Јане Сандански исто така голем противник на востанието, по задушувањето на истото е главниот кој бара одговорност и смртна казна од оние кои ја промовирале идејата за востание, во прв ред од Сарафов и Гарванов.
И трето, длабоката поделба во редовите на Организацијата пред востанието, недовербата, славољубието, борбата за престиж во раководството и влијание внатре во Организацијата , различните теченија, струи и фракции, меѓусебните недоразбирања, неслогата, личните амбиции и многуте проблематични меѓучовечки односи, допринеле не само за негативниот исход на востанието, туку и на многу негативни настани кои следат по востанието, во потрага по виновниците за исходот, односно неговото предвремено и неспремно кревање и со отворањето на пандорината кутија на злото, кое започнува со убиството на Сарафов и Гарванов во ноември 1907 година по нарачка на Јане Сандански и серскиот комитет и трае речиси три децении до самото уништување на Организацијата од страна на бугарските власти во 1934 година.


Началникот на англиската мисија за помош Х.Н.Брејлсфорд запишал многу работи меѓу кои и следното:
“Првото изненадување за мене беше дека тоа население востана, се крена и тоа масовно. Второто изненадување, попоразително од првото, беше дека сите тие страдања во есента не предизвикаа никакво негодување против Комитетот или против неговите водачи. Селата останаа лојални спрема Организацијата, која ги беше потопила во таа беда…Реакциите се почувствуваа многу посилно во врвовите на Организацијата, во раководството предизвика идеен блуд, непрепознатливи фракционерски раздори и понижувања и незапамтена пропаст од лични омрази… Организацијата беше сериозно разнишана. Нејзината мрежа беше испрекината повеќе отколку од која и да било претходна афера. Нејзината хиерархија беше во голем степен обезвластена, дисциплината ослабена. ЦК за време на востанието загуби многу од значењето на врховно раководно тело… окрузите се беа претвориле во повеќе или помалку самостојни тела, механички поврзани помеѓу себе.“
Како и да е, не смее да се заборави и другата страна на медалот, а тоа се позитивните аспекти на востанието, за кои многупати сум пишувал и говорел, како јас, така и многу други јавни личности во Македонија. Херојството, пожртвуваноста, подвизите, пораката до меѓународната јавност за неподносливиот живот во Македонија, се само дел од позитивниот дел на илинденската историја.
Македонската револуционерна организација ги раздвижила европските дипломати. Меѓу првите кои се залагал за реформи бил министерот за надворешни работи на Австроунгарија -Голуковски, а и Русија го побарала истото, но не дошло до конкретни чекори. Англија предложила автономија на Македонија, а кон таа идеја ги привлекла и Италија, Франција, а преку неа вршела влијание и на Русија. Но, кога оваа идеја била презентирана во Цариград во присуство на дипломатските претставници на Русија и Австроунгарија,таа не поминала повикувајќи се на февруарските реформи од 1903 година, за кои големите сили претходно довериле мандат на Русија и Австоунгарија. Всушност тоа е и во склад со една интересна дискусија која Борис Сарафов ја имал уште во 1900 година кога е претседател на Врховниот македонски комитет на средба со рускиот дипломатски претставник во Софија Георги Бахметев, кој го поканил на средба. Бахметев без многу дипломатски тон му предочил на Борис Сарафов дека тој и неговиот комитет (Врховниот македонски комитет кој во време на Сарафов е на линија со ВМРО, во тоа време под име ТМРО), отишле “многу далеку“, особено со насилно извлекување пари за нивните цели и дека “клучевите за македонското прашање се во


Петербург“. Бехметев му рекол на Сарафов дека македонското дело било “студентска фантазија“ и дека никој во Европа, дури и Русија нема да им помогнат во нивната борба. Тој побарал од Сарафов да си даде оставка во ВМК. Сарафов, според Спомените на Симеон Радев, возвратил со зборовите дека неискреноста на европската дипломатија ги принудила нив во ВМК да дејствуваат на таков начин и дека никој нема право да се меша во револуционерната дејност на македонското револуционерно движење, додавајќи дека “изнудувањето пари е систем кон кој што токму дипломатијата не принуди, со своите неискрени дејства“. На ваквиот директен одговор на Сарафов, Бехмедев уште еднаш се заканил дека и ВМК и ТМРО ќе станат “прав и пепел“.


Сарафов лошо поминувал во Руските весници, а царска Русија всушност не давала поддршка за автономија на Македонија бидејќи во тоа време нејзина сателит држава е Бугарија, која статусот на кнежество го добива откако Русија во 1878 година, во Руско-Турската војна, ја поразува Турција влегувајќи дури и во Цариград и принудувајќи ја да го потпише Сан Стефанскиот договор, кој неколку месеци подоцна е ревидиран под притисок на другите големи сили со смалување на границите на Бугарија со Берлинскиот договор, откако веднаш им станало јасно дека Русија прави своја огромна сателит држава на Балканот — Бугарија.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This