ДА НЕМА ОРА, ДА НЕМА „ВОВЧИЊА“, НИТУ ПРЕГРАТКИ – угостителите, сепак, ќе им дадат шанса на „новите“ свадби

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

По година и половина, свадби конечно ќе има. Но, онака како што сега стојат работите, оро на нив за почеток тешко дека ќе се игра. Или барем тоа нема да биде „легално“.

Поминаа бројни натегања и исчекувања, но и неизвесност што ќе кажат секојдневните ковид статистики, па вчера властите конечно дозволија да се организираат свадби. Но, тие воопшто нема да бидат како претходно, или ќе бидат, но само доколку „девијантните“ однесувања не ги уловат пазарните инспектори.

Владата вчера ги усогласи и ги објави протоколите за организаторите на настани, во кои влегуваат и угостителите кои организираат свадби.

За тоа каква е нивната реакцијата на новите правила што сега се наметнуваат во овој бизнис, Фактор разговараше со Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори.

Тој вели дека првичниот впечаток е дека во новите протоколи има некои нелогични работи, како и тешко спроведливи на терен, но угостителите нема да брзаат со критики, туку ќе им дадат шанса.

„Иако има некои нелогичности, во интерес на еден нов почеток, односно на нашиот старт со работење по дури година и половина, ние угостителите сега ветуваме дека ќе бидеме максимално одговорни, и сериозно ќе се потрудиме да се почитуваат сите правила што се пропишани. Се разбира, сето ова ќе се прави во надеж дека после две недели надлежните ќе ги увидат тие нелогичности и ќе направат промена на протоколите, односно ќе бидат отстранети“, вели Ангеловски.

Според него, од 25 точки колку што содржи протоколот за организирање свадби, би можеле и во секоја трета да се најдат неприменливи правила.

Една од работите со која овие угостители не се задоволни, е фактот што според протоколот, свадба може да се организира само во угостителски објект кој е отворен од три страни, односно практично само една страна да биде затворена, а тоа е со цел да се создава провев, и така да се спречи евентуално ширење на коронавирусот.

„Ни ќе бараме да биде дозволено да се организираат свадби и во објекти кои се отворени од две или од една страна. Има многу такви објекти, па излегува дека според новите протоколи не би можеле да работат. А, не би требало да им се забранува, бидејќи и во нив има провев. Исто така, ќе бараме и постепено да се дозволи организирање на свадби и во затворени простории. Бидејќи, тие не работеле веќе година и половина, и тие треба да почнат да работат, и за нив да се најде решение. Има затворени објекти кои имаат и по 800 или по 1.000 метри квадратни површина, и тие би можеле и да се адаптираат, само за да почнат со работа. Што значи, не може сите овие правила да бидат за сите унифицирани, бидејќи има различни типови на ресторани. Но, се надеваме дека тие мерки постепено ќе бидат олабавувани во наредниот период“, објаснува Ангеловски.

За друга работа за која угостителите се сомневаат колку ќе биде применлива, е забраната гостите на свадбата да се поздравуваат и да се прегрнуваат. Ангеловски се прашува колку тоа ќе биде возможно на една таква веселба.

„Ние ќе сториме се што е до нас. Значи, на влезот во рестораните јасно ќе ги истакнеме препораките, ќе го поставиме на видливи места во објектот кодексите на однесување“, објаснува потпретседателот на Туристичко-угосттелската комора. Сепак, не може да се очекува од вработените во рестораните да одат од гостин до гостин и да ги предупредуваат да не се прегрнуваат.

Како што е познато, со протоколот сега е дозволено максимум до 100 гости да бидат присутни на веселбата, а на една маса да седат по најмногу шест лица. Угостителите се надеваат дека после две недели, за кога очекуваат и да се укине полицискиот час, или после еден месец, да се дозволи на свадбите да можат да присуствуваат и по 150 гости. Но, и барем во одреден процент да се дозволи организирање на свадби во затворени простории.

Она што збунува во протоколите е и дека на подиумот, односно во делот за играње, за секој еден гостин ќе мора да има простор од најмалку 4 метри квадратни. Односно, ќе мора да се одржува таа дистанца меѓу луѓето, за која уште не е јасно како ќе се изведе. Ова значи дека тие ќе смеат да „џускаат“, но не и да играат оро, или да се прават популарните на свадби „вовчиња“ при играњето. Дали и како тоа ќе биде изводливо, познавајќи ги нашите традиционални свадбарски навики, тешко е да се прогнозира.

Инаку, вчера угоститлите имаа состанок со одговорните во Државниот пазарен инспекторат, кој ќе биде надлежен за спроведување на контролите за тоа колку тие ги почитуваат мерките.

„Бевме да најдеме модел како да може подобро и ние да работиме, а и тие полесно да ги вршат контролите“, објаснува Ангеловски.

Како што е познато, за непочитување на мерките ќе има и казни, кои се вообичаените, односно непочитувањето на овие протоколи носи и кривична одговорност, како и затворање на објектот во рок од 30 дена, но и парични казни.

Инаку, рестораните за свадби, покрај вообичаениот персонал, ќе треба да ангажираат и по уште еден вработен кој ќе стои пред влезот и на гостите ќе им ја мери температурата. Токму заради овие зголемени трошоци, угостителите очекуваат дека властите ќе имаат сенс и во наредниот период дополнително ќе ги олеснуваат мерките, односно на секои две недели кога ќе се разгледува состојбата, да се размислува и за нови олеснувања.

Фактор веќе пишуваше за новите протоколи за организирање настани кои ги усвои Владата на завчерашната седница. Владиниот портпарол Мухамед Хоџа рече дека за почитувањето на правилата ќе треба да се грижи организаторот, а контроли ќе прават наделжни институции. Тој не прецизираше колкави се казните ако не се почитува протоколот за свадби.

Фактор мк

1 коментар

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This