April 26, 2024, 12:26 pm

Изборен дeбaкал: Изборен мoлк рамeн на пoткуп, брyтaлно наcилcтво и заpибан фингeр пpинт

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Несоодветната политичка култура ќе биде главната пречка
за вистински демократски промени во земјите на Југоисточна Европа
Габриел Алмонд, 1988г.

Денот пред изборите (сабота) се покажа како “црна предизборна сабота“, поточно наместо ден на молк, се претвори во ден на поткуп. Срамно, и многу долно. Ништо од политичка/изборна култура, која е родното место на политичките навики и делувања на луѓето во политиката. Малкуте истражувања во Македонија доаѓаат до показатели кои се вградени во политичката култура на нашите граѓани. Тие даваат сигнали и индикации за пројавените и присутни клиентелистички практики кај граѓаните, во врска со политичките партии и институции, како и за перцепциите во врска со тие практики. Така, клиентелизмот е присутен, е и препознаен од поедини истражувачи аналитичари и медиуми. Сите тие констатираат дека граѓаните го препознаваат феноменот на клиентелизам во политиката, но, покрај политичките партии, и тие се активни учесници во клиентелистичките практики.

А еве ги и примерите на поткуп на избирачи од вчера: Прилеп, Битола, Бутел, Делчево, Демир капија, Ѓорче Петров, Виница, Кочани, Чашка, Крива Паланка, Велес, Свети Николе, Охрид, и многу други. Поткупуваат и вршат притисок кандидати за градоначалници (Делечево, Охрид, Ѓорче Петров, и Прилеп), високи државни функционери (Оливер Спасовски и повеќе директори на државни и јавни установи и претпријатија) и кругот да биде затворен, во Кисела Вода, Драчево, забележан е т.н. “Бугарски воз“. Епа нека ни е на здравје “Бугарска демократија“, како највисок дострел на западноевропската демократија имплементирана во Македонија.

А има сигнали и на изборно насилство и обид за замолкнување на медиумите. Екипата на инфомакс.мк е брутално нападната, претепана, а опремата им е уништена. Изборен вандализам на членови на владеачката партија во Прилеп. Срам и арам да им е! Голем број граѓани од Кочани, Делчево, Берово, Охрид, Прилеп се заплашувани со зборовите “Ако гласате за ВМРО-ДПМНЕ ќе останете без работа“. Прашувам има ли поголемо изборно насилство од ова? Можеби тоа што се подготвува од 80-тина оружени криминалци распоредени по општините во Македонија, кои сеат страв и трепет кон граѓаните избирачи, со нивно “убедување“ или да гласаат за партиите на власт или да не излегуваат на гласање. Ова веќе е изборна криминогена шизофренија, поттикната од власта, реализирана од криминалното подземје. Прв пат ја видовме во 1998-та, кога СДСМ и Бранко Црвенковски ги губеа изборите, и помеѓу двата изборни кругови впрегнаа криминалци од затворите, да им помогнат, ама, тоа не им успеа. Се ми се чини, дека во оваа криминогена изборна стратегија Зоран Заев е многу повешт, од неговите претходници, и за жал ќе биде и многу по успешен од нив (Дај Боже да не сум во право).

Еден медиум прашува: Ќе излезе ли МВР од подрум?, а јас додавам: Дали јавното обвинитлство ќе излезе од глувчовата дупка и ќе се разбуди ли од зимскиот сон? Очигледно, не! Повеќе од очигледно е дека институциите на системот затаија, ама затоа, во борбата за одбрана на демократијата и слободата на медиумите се прославија храбрите и одважни екипи на инфомакс.мк. Затоа, сосема на место е воскликот: “Кога немаме полиција – имаме инфомакс“. Граѓаните ги избраа хероите на овие избори.

Крајниот резултат од ваквото изборно насилие го видовме вчера, во вид на социјален клиентелизам (годинава во вид на зимница, давање пари и ветување враборувања). Ете тоа го можат лидерите на политичките партии на власт кои се носителите на изразен патримонијализам (Лидерот е партијата – Партијата е лидер). Од тука, и се поприсутната поданичка политичка култура кај граѓаните, чиј субспецијален вид е изборниот клиентелизам. Како што напомнав, тоа е ad-hoc и краткотраен тип на клиентелизам кој се практикува за време на политичките кампањи на партиите, и е присутен во изборниот процес и на самиот изборен ден. Тој најчесто подразбира модалитети од типот купување гласови, размена на материјални добра за возврат на добиена политичка поддршка.

Политичките чинители треба еднаш да сфатат и прифатат дека изборните системи не се составени само од изборни правила туку вклучуваат и определена политичка култура. Ваквата култура претпоставува, пред се, извесна загриженост за стабилноста и традицијата на сопствениот поредок. Во спротивно сведувањето на изборите на чин „по секоја цена да се добие власта” (што значи по секоја цена да се победи – zero sum game), па дури и да се нерегуларни, делува поразително за демократијата на една држава и политичката култура на нејзините граѓани.

И за крај: крајно време е да научиме дека легитимитетот произлегува не само од исходот на изборите, туку и од однесувањето на клучните политички сили во текот на изборите, односно од нивното почитување на законски утврдената процедура. Почитувањето на процедурата, односно правилата на игра нормално резултираат со легитимен парламент и легитимна политичка елита кои ја презентираат волјата на избирачите. Значи за да биде трансферот на сувереноста легитимен неопходно е, меѓу другото, изборите да бидат фер и слободни, односно да се почитува нормативно дефинираната процедура, и изборните субјекти во своето делување да бидат ослободени од било каков притисок.

Море ќе го заборавев толку фалениот фингерпринт. За него имам само еден збор: затаи!

Наравоучение: Крајно време е политичките субјекти да прифатат и применат политички вештини за настап на избори, засновани на научни теории, стратегии, тактики и техники, кои се сообразени со позитивната пракса на европската и светската демократија и традиција. Најконкретно треба да се примени вистински политички маркетинг (за локални избори социјален маркетинг) за привлекување на избирачите и освојување на нивниот глас. Тоа е вистинскиот начин да се врати дигнитетот и суверенитетот на граѓанинот избирач, не само во формална и инструментална смисла, туку и во вистинска, суштинска смисла.

На граѓаните треба да им биде овозможено слободно и без влијание од никого да го „троши“ својот глас. За таква слобода потребно е, граѓанинот од Република Македонија да не биде уценуван, загрозен и исплашен за своето учество или не на изборите, за што е потребно со него да не се постапува како поданик.

Колумна на Сотир Костов

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This