КОЛУМНА НА МИРКА ВЕЛИНОВСКА: Баталете го Бејли, тој не е веќе кредибилен ни дома!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

mirka_kolumnaТоа е тоа. Бидна. Го видовме во живо. Десетте дена што го потресоа светот се случија во Америка. Овој пат како што математички прецизно предвиде Kарл Маркс. Оние што од незнаење го вулгаризираа неговиот филозофски запис за комунизмот, никогаш нема да разберат, а не се потрудат да го прочитаат без некој да им прераскажува. А тој едноставно предвиде дека капитализмот како човечка творба ја отсликува неговата двојна природа (инстинкти, нагони и совест), по својата природа предаторски и како таков никогаш нема да може да се самоограничи и самоконтролира. Затоа во еден миг нужно ќе стане канцероген. Ќе дегенерира и ќе се изеде сам од внатре. Предвиде дека токму во тој стадиум, кога профитот ќе го делат една шака луѓе наспроти милијарди, во мигот кога работникот ќе стане алатка, орудие без душа и човечки својства (солидарност и сомилост), во земјите кои се економски најмоќни, најразвиени и најбогати, ќе се случат револуционерни промени. Ќе ги изведат работниците, пролетерјатот кој создава профит, а за возврат нема ништо, иако создава вишок на вредност.

Она што се случи со победата на Доналд Трамп е баш тоа. Мојата генерација рикаше од смеа кога ја слушавме пораката од вдахновените југословенски револуционери: ,,Америка и Енглеска бит че земља пролетерска“. Ама изборите во САД и референдумот во Велика Британија не случајно и ја потврдија веродостојноста на симболично ниво. Оти родителите на тој крвожеден и брутален казино-капитализам, како што го нарекува Пепе Ескобар (новинар и аналитичар), што го доведоа човештвото до работ на опстанокот, се овие две држави преку владејачката класа. Во мигот кога конзервативците во Британија воведоа данок на спалните соби, а во Америка отиде во двегодишен затвор човек што ја собирал дождовната вода од олукот на својата куќа (дождот да ти бил сопственост на државата) јасно беше дека сме на прагот на нова светска револуција. Зашто за пљачкашка приватизација стигна Сонцето, водата и воздухот. Различно е само тоа што наводната западна левица и нејзината источна посестрима транзитираа во паразитска салонско-снобовска збирштина која за мали парични награди му служи на профитерот, а лепезата десничари конзервативци и традиционалисти влезе во напуштениот лев политички и идеен простор.

Европската десница во Европскиот парламент, по економскиот крах, влезе со Марксовиот ,,Kапитал“. Не случајно, ами паметно и логично. Оти бараа решенија. Трамп победи со работништвото и младите. Оние истите колеџари и студенти што Берни Сандерс ги предаде среде кампања застанувајќи рамо до рамо со кандидатката на казино-капиталот. Е, ама тие одбија да бидат пакет кој се препраќа на друга адреса која ја напишал ,,водачот“ со слабо бабуле. Гласаа секој поединечно како човек со самосвест. За Трамп. Што значи тоа? Па само дека животот е многу поголем од секоја бурда кројка, шашма и измама. Смртоносната мрежа сплетена од разни билдерберг-групи, корпорации, киднапирани и приватизирани институции, клубови на ,,државници“, ,,експертутки“, ,,преститутки“ и активистички мрежи ја испокина голоракиот пролетер и обезнадежената младост. Џорџ Сорос веднаш го сфати тоа. Kако и неговиот исламски пандан Фетулах Гулен. Затоа му беше тешко на изборниот ден и веќе извесната победа на Трамп, да сврзе една проста реченица ни колку нашава речита Kатица Јанева или Трифун Kостовски.

Во средата наутро, по непроспана ноќ, се видов себеси во новото време. Сакав да сум сама, во мир да му се радувам на денот додека си ја доловувам атмосферата по шокот во кој паднаа наперчените и арогантни корисни идиоти, марионети, паразити, експерти, подлизурковци и брендирани давајгази кои нагрнаа по американските естаблишмент-амбасади спремни да ја прослават гоооолемата победа на фаворитката Хилари Kлинтон. Па нормално бе дека непоканета прво ,,влегов“ во „Александар палас“. И ги видов јасно, иако не сум Нострадамус, подопашниците на Џес Бејли, славните куртон-револуционери, пленумаши и што уште не, маскирани глобално како Kики Доди кловнови, со капчиња набиени до уши, екстатични додека чекаат американска ,,Нова година“ за да си честитаат победа на македонските избори. Сите загледани во Бејли оти не смеат да му завртат грб, па да пропуштат команда со ишарет или просто само негов мил поглед. Го видов фукујамистот и хипик Денко Малевски, кој, иако ,,лев“, заговара и ја брани како хуманистички дострел и незаменлив модел на владеење западната политика на сила. Зашто и во Волшебникот од Оз убаво си пишува дека вештерката од Запад по природа е добра, а лоша е само вештерката од Исток. Го идентификував „борецот за човекови права“, Али Ахмети, како самостојно се укипил како санта мраз на плоштадот во Зајас. Ја истуфкав Оливера „модра туфна“ Трајковска, која имаше курата среќа да доживее постизборен шок во низа за кратко време и на две места: локално и глобално. Додека се ,,минглав“ меѓу раскљафтените следбеници на Хилари, всушност го барав Бранко Геровски за да ждракнам во каков тотал мејк овер се преправил овој пат, ама после разбрав дека да ти бил на работното место за да информира. Професионално. Ем корисно за него. Никој не му побара, ама глодурот очигледно имаше потреба да ни приложи сертификат дека овој пат не е шоулдер ту шоулдер со американските лузери. Изгледа ќе почне прв да фаќа врски кај Трамп оти Бејли си оди прво дома, а после ќе види каде ќе биде „распореден“. Се си мислам дека низ таков мисловен процес минуваат и Сашо Ордановски и Љубомир Фрчкоски и слични корисни елитни идиоти. Па онака џабе се сетив на сцените од испаничената бежанија на едно чудо „демократи“ и „хуманисти“ од Сајгон кон влезната врата на американската амбасада по неуспешното „ослободување“ на Јужен Виетнам.

Се разбира дека го посетив и Брисел, тркнав и до Париз и Берлин, а не ја испуштив ни Варшава. Секаде стоп кадар. Замрзнати минути и кошмар на јаве. Додека живиот пролетаријат и тек-тук по некоја самопрајска влада (Унгарија и Никарагва) славеше планетарна победа, на нивните профитерски елити им замрзнало гомното. Не знаат на каде да фатат. Останаа без американски ,,гајд лајн“. Шајката им останала забиена во послушниот задник, ама нема кој да даде директива. Не знаат дали да ја вадат самостојно или да продолжат кротко да седат на неа. Оти што да знаеш. Ами ја ако Сталин не умрел, туку се преправа дека е мртов за да види кој му е искрен поддржувач, а кој лажира. Или ако сепак оживее мртвата СФРЈ како што веруваше Перо Гошев на денот на нејзината смрт (14 вонреден конгрес на СKЈ). И тоталитарциве од Западот денес реагираат исто како колегите им од Истокот. Првпат се соочија со својата минливост и почнаа да веруваат во бесмртност. Мартин Шулц, Жан Kлод Јункер и Доналд Туск, иако се од ист клуб на сериозни држави, а се неизбрани, туку поставени, дадоа три изјави од кои оние на Шулц и Туск спаѓаат во доменот на најглупавите и очајнички искази. Изјавата на владата на Германија е најискреното колективистичко признание дека не знаат што да мислат и на кај да фатат една година пред избори. Во Франција се знае: Ле Пен се радува на победата на американското население над естаблишментот. Оланд и Саркози си гледаат во јајцата. Но сите овие губитници се надеваат дека и со Трамп ќе си остане исто како што било. Тие просто уште не сфаќаат дека шумарот неповратно втрча на теренот.

За оние што не сфаќаат дали корпорациско-банкарско-политичкиот комплот со се својата дворска послуга во медиумите и невладиниот сектор е уплашена од Доналд Трамп или од народната волја во Америка да кажам: Трамп е само гласноговорник или артикулатор кој навреме ги виде реалните чувства на живиот американски човек и интелигентно заигра на нив и со нив. За цело време зборуваше она што обезвластениот Американец го чувствува и мисли. Дури и да успеат до 20 јануари да го решат мафијашки како Џон Kенеди, враќање на старо нема, а може да почне само граѓанска војна. Осмоноемвриското гласање во САД, како и по брегзит, ослободи огромна енергија и мотивира огромна маса поробен народ во планетава на кој му се врати надежта. Почнува домино-ефектот кој значи верижна замена на некредибилната и корумпирана политичка класа која му слугуваше на американскиот профитерски интерес претворајќи ги националните држави во банана републики. Ерата на Бжежински и Kисинџер заврши. Светскиот поредок дизајниран на ваков криминален начин, падна. Нема посебни илјадагодишни рајхови и натприродни човечки направии. За нас во Македонија е важно да разбереме конечно дека одважноста и вербата во себе се есенција на животот. Дека изборната волја е најсилното и најубедливото оружје. На избори се излегува и за мали, но и за големи теми и прашања. Приоритетите ги одредува секој од нас на логичен начин, а без самодеструктивна омраза и гнев. Секој политичар измамник најмногу се плаши од масовност на денот на изборите. На 11 декември, ако и вие сакате да бидете шумар и да си ја одбраните куќата и маркичката на која е изградена, а која странски вагабонти и нивната домашна прислуга сакаат да ви ја украдат за да ја распродадат на парчиња по „македонски“ транзициски модел, излезете масовно уште во утринските часови (до 10 часот) за да може секој „пријателски“ дрон да го констатира како факт, а потоа, пошто ние не сме Америка, чекајте ги резултатите, не дома, ами на отворено, околу државните институции што симболизираат држава. Е, дури потоа, институционално, законски и темелно ќе си го чистиме и домот и дворот од ѓубрето. Не слушајте го Џес Бејли. Нека си шлапа што си сака ако така му е полесно. Зашто тој веќе не е кредибилен ни дома.

Пишува: Мирка Велиновска за Дневник

1 коментар

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This