КОЛУМНА НА СОТИР КОСТОВ: Промена на името и идентитетот – предавство на вековните национални идеали

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Опстанокот на Македонија е доведен во прашање.

 Да се биде Македонец, е опасно загрозено

Не можам да седам мирен. Имам некој внатрешен немир во душата. Не знам по кој пат го препрочитувам срамниот, антидржавен и спротивен на Уставот на Република Македонија, Договор за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот на безбедност на Обединети Нации, за престанок на привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратегиско партнерство меѓу страните. Почнувам да ја читам Преамбулата (“Првата страна, Грчката Република (“Прва страна“) и Втората страна, која беше примена во ОН во согласност со Резулуцијата 47/225 на Генералното Собрание на ОН од 8ми април 1999 година (“Втора страна“) заеднички наведени како „Страни“… ) и веднаш попиздувам: се потпишува договор за решавање на разликите, за престанок на привремената спогодба и за воспоставување стратегиско партнерство, помеѓу две држави, а го има името само на едната страна – Грчката Република, а името на втората, втората страна, како што пишува во договорот, го нема. Не е напишано во договорот. Сите заеме дека се работи за нашата држава Република Македонија, ама еве чудно некое меѓународно договорно право, името ни е изоставено. Сите знаеме зошто: МАКЕДОНИЈА е најголемо светско и библиско име – бренд име, што не и одговара на, првата страна во договорот Република Грција, и таа успева овој светски и библиски бренд да го сведе на БЕЗИМЕН-NO NAME бренд. Се прашувам кои се луѓето кои го потпишале овој договор, какви се тие како личности, што карактер ги краси и кои и какви им се целите и намерите? Поконкретно, каква демократија спроведуваат во втората декада од 21от век? Најконкретно, какво е ова право (меѓународно јавно) без правда, правдина и реципроцитет. Тука ми текнува на дилемата на Сократ што е закон без вистина, и што е човек без Господ? Чинам дека ваков договор можат да направат и потпишат само луѓе безбожници, луѓе на кои етиката им е непозната, а моралот далечен со светлосни години. И сега, не дека Сократ не нé опоменуваше за сето ова, ама кој да слуша?

Демократијата ќе плати/пати бидејќи ќе се обиде да им се бендиса на сите. Сиромашните ќе го сакаат богатството на богатите, а демократијата тоа ќе им го даде. Младите ќе сакаат да бидат почитувани како возрасните, жените ќе сакаат да бидат како мажите, странците ќе ги бараат правата на староседелците. А демократијата тоа ќе им го даде. Крадците и измамниците ќе сакаат важни државнички функции. А демократијата тоа ќе им го даде. А кога крадци и измамници, конечно демократски ќе ја преземат власта, затоа што криминалците и злосторниците сакаат моќ, ќе настане полоша тиранија отколку од времето на било која монархија или олигархија. Веднаш да ви кажам не се ова мои зборови, уште помалку мои мисли. Уште многу одамна ги изговорил мудриот Сократ, а ги запишал некој негов современик. Ама мои се констатациите дека Никола Димитров е нашиот (за жал) дипломатски Минхаузен, а Зоран Заев е македонскиот политички Дон Жуан, пар екселанс. И самите не знаат колку можат да излажат за се и сешто, само и само да не уверат дека овој срамен договор ги штител интересите на Република Македонија, и види богати го зајакнувал дури и идентитетот на Македонија и Македонската нација. Тоа ти се вика лага на голем расчекор помеѓу нивниот говор, нивното политичко дејствување и реалната состојба, која нејзините актери ги сместува во категоријата патолошки политички лажговци. Еве неколку факти и аргументи во прилог на мојата констатација.

Со овој договор пред се и над се  предадени се македонските национални и државни идеали. Како прво договорот ни наложува да се откажеме од Илинденската епопеја, Крушевската република, НОБ, АСНОМ и Референдумот од 1991 година. А знаеме сите тие се најсветли, најсвети и нај наши идеали. И национални и државни. Рациото ми вели доколку се откажеме од нив ние всушност се откажуваме од Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев, Јане Сандански, Питу Гули, Михајло Апостолски, Кузман Јосифовски Питу, Методија Андонов Ченто и сите останати АСНОМ-ци.

Овој договор дефинитивно не прекрстува, што не беше целта и намерата на надминувањето на разликите за името помеѓу Грција и Македонија. Епа извинете господа сам да се прекрстиш, поточно сами да ја прекрстиме Македонија, за да те примаат некаде (ЕУ и НАТО), навистина е неприфатливо. Како што вели почитуваниот Ристо Никовски, па дури примањето да се однесува и за во рајот. Пак е понижувачко, недостојно, срамно и бедно. Со овој договор сме посрамени и навредени сите Македонци. Прекрстувањето на Република Македонија во ‘’Република Северна Македонија’’ можат да го подржат и прифатат само луѓе без достоинство и луѓе кои рбетот го виткаат како растегливо јојо. Бесрамно, нема што. Ако има барем и еден што ќе го постави прашањето зошто, мојот одговор е дециден, јасен, концизен и краток: со овој срамен чин се урнисува вековниот непокор и простум на македонскиот народ. Со векови докажуваме, но и докажавме, дека ние не сме пифтиеста и аморфна маса, туку народ кој се нарекува македонски народ и народ кој има своја држава чие име е Република Македонија. Секој оној што ќе дозволи нас Македонците, нашиот идентитет, нашата држава и нашето уставно уредување, некој друг и туѓ да ги меси и растегнува како тесто и пифтиеста маса, се до ниво на обезличување, тој нема свое достоинство, личност со вредносен систем и карактер кого го красат почитување на правни правила и морални принципи.

Целта на овој договор е Македонија да даде се што е Mакедонско-што е основната цел на грчкиот диктат и да изгуби буквално се. За добивање на нешто за возврат, ама воопшто не станува збор. Во договорот има само срамни и понижувачки обврски за Република Македонија, како држава и за нас Македонците како државјани на Македонија. Ние да дадeме се, ние да се обврзиме на сé и сешто, а грците да не дадат ништо, а обврски само една-да не го попречувале нашето влегување во ЕУ и НАТО. Па таа обврска тие и досега ја имаа според Времената Спогодба од 1995 година. И сите знаеме, не ја почитуваа и не ја спроведоа. Сетете се на Букурешт 2008та. Бати компромисот после 23 години разговарање, преговарање и договарање. Ниту е разумен, напротив, целосно неразумен. Ниту е фер, туку спротивното, целосно нефер. Ниту е цивилизациски, туку ептен е нецивилизациски. Затоа Ципрас гордо вели дека си го вратиле назад тоа што ние сме го злоупотребиле. А замислете тоа е националниот идентитет на македонскиот народ-МАКЕДОНИЗМОТ. Затоа овој договор е геноциден диктат кој ги поништува и уништува Македонците не само во Грција како што беше досега, туку и Македонците во Македонија и целиот свет.

Најсрамно од се е што договорот е безусловен диктат да си го промениме името со промена на Уставот. Со други зборови тоа е налог самите да си го укиниме својот државен суверенитет, внатрешен и надворешен. Како е можно некој да дозволи друга земја, земја која знаеме дека не ни мисли добро-Република Грција, да ни одредува што може да стои во нашиот Устав. Во Уставот на Република Македонија. (Член 1, став 12: “… ваквата промена на Уставот ќе се изврши наеднаш и севкупно со еден амандман. Според таквиот амандман, името на државата и термините следствено ќе се сменат во сите членови на Уставот“). А гледајте го сега најголемиот безобразлук: “Втората страна ќе пристапи кон усвојување соодветни амандмани на Преамбулата, членот 3 и членот 49 од Уставот….“. Е ова е невидена договорна брусалица која придавката “македонски“ целосно ја отстранува од текстот на Уставот на Република Македонија. Мои мили Македонци, знаете ли што е ова? Буквално целосно бришење на македонскиот национален карактер на државата и на идентитетот на македонскиот народ кој е државотворен, ама веќе нема да биде. Исполнување на музичка желба на Ципрас и Коѕијас. Е како бе може Илинденското востание, Крушевската Република и АСНОМ (содржани во текстот на Преамбулата на Уставот на Република Македонија) да ги снема од страницата на историјата. Море луѓе револуциите, востанијата и историските конгресни одлуки не можат туку-така со хокус-покус дипломатија и транге-франге политика да се ретушираат, како никојпат да не се случиле. Па тоа е бришење на меморијата, колективна, на македонскиот народ и лична на секој Македонец поединечно. Комплетно уништување на македонскиот код создаван со години, векови и милениуми. И сега најстрашното: Во член 1, став 3 пишува “Официјално име на втората страна ќе биде Република Северна Македонија, кое ќе биде уставно име и ќе се употребува ерга омнес, како што е пропишано во овој договор“. Понатаму, член 1, став 3 (Ф) вели: “Придавската референца на државата, за нејзините официјални тела и други јавни институции ќе биде “на Република Северна Македонија“ или “на Северна Македонија“. Ова е Диво месо. Канцерогено диво месо. Диво месо, неприродно и насилно вбризгано во македонското ткиво. Ова диво месо прави се што е официјално и јавно во државата Македонија, ПОВЕЌЕ ДА НЕ Е МАКЕДОНСКО. Македонското е прекрстено и забрането. Еве и доказ: Со член 1, став 7, најсрамно и најбрутално се забранува понатамошното користење на термините “Македонија“ и “Република Македонија“.

Ете драги мои, читаме што е напишано, го користиме нашето рацио и гледаме дека се изневерени и предадени вековните национални и државни идеали на Македонија: Македонија прославена од Александар Македонски; осветена од апостол Павле; облагородена од светите браќа Кирил и Методиј; обединета од славниот цар Самоил; бранета од храбриот Добромир Стрез; обесмртена од Марко Крале; облеана со крвта на илинденците, комитите и војводите; втемелена со Илинден и Крушевската Република; ослободена од партизаните; пресоздадена од АСНОМ; и потврдена на Референдумот од 1991 година, Уставот и Декларациите за независност, суверенитет и меѓународно признавање. Браќа и сестри, повторно ни се случуваат македонските црнила. Македонскиот простум и непокор, темелните белези на 19от и 20от век, издадени се во 21от век од македонски одродници и предатели. Ова е одродништво и предавништво извршено од Зоран Заев, Никола Димитров и тие што тајно и јавно ги поттикнуваат и помагаат. Да завршам како што и почнав:  Една нација може да ги преживее своите будали, па дури и амбициозните. Но не може да го преживее предавството одвнатре. Непријателите на портите се помалку застрашувачки бидејќи се познати и отворено го носат знамето. Но предавникот се движи и итро шепоти низ уличките, а се и слуша во салите на самата влада. Самиот предавник не личи на предавник; тој зборува слично како неговите жртви, ги носи нивните лица и нивните аргументи и лежи длабоко во срцата на сите луѓе. Тој ја уништува душата на нацијата, работи тајно и непознато во ноќта за да ги поткопа столбовите на градот. Го инфицира телото на политиката за повеќе да не може да постои. Од убиецот човек помалку се плаши. И ова не се мои мисли и зборови. Ги изрекол и запишал Марко Тулиј Цицерон. Ете. Толку. – Сега за сега.

КОЛУМНА НА СОТИР КОСТОВ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This