Латас: Pse jo?

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Завршија изборите. Во вака поделено општество тензиите и омразата ќе доминираат. Кој и да состави влада таа ќе трае најмногу година дена до наредните локални избори, а потоа нови избори. Патем, ќе се прават обиди за мафијашко купување пратеници од другата страна за да се засили својот тим но, тоа е поврзано со нова корупција и не е политика туку мафија, ниту е стабилно владеење.

Ние избравме сопствен крај. Сум учел и студирал политички науки и економија од паметни и искусни луѓе и имам доволно стаж и искуство да видам што се случува. А се случува токму тоа. Ние, еве, тргаме кон крајот, на пат без враќање. Губиме држава, демократија, губиме економска сигурност, стануваме дезориентирани.

Кој што и да мисли, да гледа низ призма на сопствен интерес и симпатии, по овие избори остануваат голи факти и процеси кои ќе водат кон целосно поништување на македонската држава, како држава на Македонците и другите граѓани кои живеат во неа. Кон федерализација. Не чека општество на мафијаши и диктатори.

И сето тоа се случува затоа што граѓаните така сакаа. Така избраа. Без оглед дали гласале или апстинирале, особено така сакаа оние кои бојкотираа.

Зошто некои бојкотираа гласање за СДСМ? Нив и можам да ги разберам. Заев ги излажа за менување на уставното име и двојазичноста, не им испорача повисоки плати, инвестиции и вработувања а буџетот му е две милијарди евра во загуба. Правната држава преку СЈО за која гласаа се претвори во мафија, поткуп и рекет. Наместо демократија Заев воведе диктатура на една фамилија, контрола врз медиуми, судови и обвинителство и владеење со закана со туѓи телефонски разговори. Влезот во НАТО не им беше сатисфакција за сето претходно.

Но, ако е така, а така е, зошто изборите ги бојкотираа најмалку 80.000 гласачи на ВМРО ДПМНЕ? Зошто тие овозможија Заев и неговата коалиција да имаат два пратеника повеќе од ВМРО ДПМНЕ после овие избори на кои, според сите видени работи и состојби во општеството, Заев требаше да доживее убедлив пораз со над 50.000 гласови разлика во полза на ВМРО. Тој пораз на Заев не се случи затоа што гласачи на ВМРО решија да го спасат, и да му понудат нов мандат на власт.

Што добија оние кои го бојкотираа ВМРО и Мицкоски на овие избори? Добија закана од нов мандат на Зоран Заев и Фамилијата, и уште четири години да го живеат сето она заради што гласачите на СДСМ решија да го бојкотираат Заев.

Кога општеството ќе покаже вакви знаци на дезориентација и политичко лудило, она што се случи на изборите е само логична последица на таа состојба: власта на Заев да му ја оспоруваат неговите гласачи и да го бојкотираат, а власта на Заев да му ја дадат со бојкот гласачите на ВМРО ДПМНЕ. Некои од оние што по Фејсбук се курчат дека се големи вмровци, како Тони Науновски, објави дека ќе части заради поразот на ВМРО и ќе се напие од радост. Пиењето ќе му го плати Заев, а потоа мамурлукот ќе му трае четири години.

Ние стануваме деполитизирано општество. Од зоон политикон стануваме само зоон, животни кои реагираат на надворешни импулси без размислување и рацио. А кога политиката заминала од свеста и мислата на луѓето, на граѓаните, тогаш политиката станува сопственост на мала група луѓе, на политичка мафија која управува со граѓаните како со животни. Како во Фармата на Џорџ Орвел. Ги храни со афери и омраза еден кон друг, сите кои се против мафијата се курви, лопови, националисти или педери. Ги забавува со детали од туѓи приватни животи и не им остава место да мислат на својата егзистенција, иднина, човечко достоинство и да градат свој свесен политички избор.

По свој избор, станавме месо за мелење во машината на политичката мафија. Потоа, не продаваат како рефус кобасици на политичкиот пазар за сопствен ќар и потреби. Се мелат луѓе од двете страни: смелени се и шарените, кобасици се прават и од македонистите. Мафијата не бира, важно и е да има роба за пазарење.

Што добија оние кои го бојкотираа ВМРО. Имам компетентен одговор. Го следам ВМРО ДПМНЕ постојано цели 25 години. Сведок, а понекогаш и учесник, на сите настани и промени во ВМРО уште од 1995 година до денес, во континуитет. Ги гледав, примав и испраќав сите од Змејковски, Доста и Љубчо, преку Груевски, Мијалков, Миле Јанакиевски… до овие денес. Само уште Антонио Милошоски, од денешниот врв на партијата, може да се пофали дека го изодел тој пат без прекин. Освен нас, друг сведок на целиот процес – нема. Што е причината за бојкот?

Велат: Зошто Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ не организираа протести и немири пред да се смени во собрание уставното име на Македонија. Дали се договарале со некои амбасади и со Заев да бидат пасивни за да помине постапката.

ВМРО не можеше да организира такви протести. Прво, затоа што немаше ни доволно критична маса меѓу нивните членови. Баталете протести по Фејсбук. По апсењата и судењата за протестите во собранието од април 2017 година се што има организациска способност во партијата и јавно влијание беше уапсено, под истрага и прогонето. Партијата беше без пари, во долгови и под истраги за одземање на партискиот имот и бришење на ВМРО ДПМНЕ од регистар на партии.

Дали ќе беше подобро ако повикаа на протести, дојдеа 500-600 луѓе под страв дека ќе завршат како демонстрантите од 27 април, протестираа два-три дена и се растуреа како губитници. Потоа, ќе се забрзаа судските процеси под контрола на Заев во судот и денес ќе имавме извршни пресуди со кои се одзема целокупниот имот на ВМРО ДПМНЕ и поради незаконско финансирање на партијата ВМРО се брише од судски регистар? За кого ќе гласавте денес, после сето ова.

Заев е донесен за да го смени уставното име. Тоа е дел од цврст план на странскиот фактор кој со години спремал атмосфера и извршители за таа цел, а ние со своето однесување и гласање само помогнавме во тоа. Откако од нас создадоа соизвршители без свој став, деполитизирано општество на лесно манипулирани, просецот не може да се сопре со демонстрации. Ние гласавме Заев во 2016 година да дојде во ситуација да има само два пратеника помалку од ВМРО ДПМНЕ.

ВМРО е дел од најголемата европска политичка групација, европските десничарски партии ЕПП, и тоа му е најсилна политичка база со која мора да соработува за да ја задржи својата демократска и европска ориентација. Ако нема поддршка од нив, ако нема луѓе за демонстрации дома… како да демонстрира? Преку Фејсбук, со курчење како од Тони Науновски и слични кои денес го бојкотираат.

Бојкотирачите го ставија ВМРО ДПМНЕ во опасност и статус како опозицијата во Србија: разединети, со чести промени во лидерството, ќе следат поткупи од власта… Во Србија барем имаат пари за живот од Сорос, нашиве ни тоа го немаат.

И во Северна, и без Северна, важно е кој ќе управува со државата, кој ќе го врати правниот систем, ќе обебзеди услови за поголеми плати, пензии и вработувања, кој ќе ја намали корупцијата… Бојкотирачите на ВМРО го одбраа Заев.

Дали Мицкоски се договорил со Заев? Тука нема потреба од многу анализи. Првата изјава на Заев по избориве беше барање ВМРО ДПМНЕ да го смени Мицкоски. Со тоа, се е кажано. Заев го отвори процесот, и очекува вмровците да го довршат.

И, што сега? Кој ќе прави влада, може ли да се запре процесот на самоуништивање. Мафијашка држава не одговара никому, освен на политичката мафија.

ВМРО ДПМНЕ со Левица и СДСМ со Беса имаат ист број пратеници, по 46, и исти шанси да добијат мандат за нова влада. Ќе пресудат албанските партии, пред се ДУИ. Бојкотот на Македонците доведе до апсурдна ситуација Албанците да имаат неверојатно голем број пратеници во Собранеито, дури 32! Тие се сега газди на ситуацијата по избор – на Македонците. За тоа не е Мицкоски виновен, секој од нас имал избор како ќе постапи на овие избори. Бојкотирачите си го истераа инаетот, сега нека ги трпат последиците зедно со сите други. А тие ќе бидат болни.

Дали ДУИ ќе коалицира со ВМРО или со СДСМ? Знаејќи го Али Ахмети, искусна политичка лисица, Заев нема да има предност во преговорите. Неговите велат, услов е Албанец да биде премиер… СДСМ прифатиле и многу поголеми отстапки за да останат на власт, зошто не би ја прифатил и таа.

Дали Мицкоски би прифатил Насер Зибери да биде премиер во влада на ДУИ и ВМРО ДПМНЕ? Одговорот треба да дојде од неговите, а прашањето до вмровците е: Дали сакате Насер Зибери да биде премиер со СДСМ или со ВМРО ДПМНЕ?!

Јас, сепак, би почекал да видам што значи пораката од Брисел. ЕУ очекува стабилна влада со широка поддршка која ќе ги спроведе агендите на ЕУ во Македонија. Во тие зборови некако се наметнува широка влада до октомври 2021.

Што се однесува до мене, ми треба одмор од ова. Се читаме во септември.

(Д.П. Латас, 18.07.2020)

Извор: Вечер

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This