Македонски дипломатски аматеризам

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Во секоја прилика и на секаде, се’ е натпреварување. Дома, на работа, во друштво… Кај нас, тоа речиси никој не го разбира и не го применува бидејќи општествените норми главно се базираат на лажна еднаквост и партиска припадност. А натпреварувањето се смета како нешто непристојно. Место да се бара и види способноста на секој, сите не бива за се’, што значи за ништо.

Американците, пак, одамна сфатија дека напредок не е можен без перманентно натпреварување. И, затоа се први во светот, речиси во се’. Во секое одделение во училиштата, во сите образовни институции… во сите сегменти од општеството, секаде се бараат и откриваат предиспозициите на секој и врз таа основа им се овозможува на луѓето да ги градат своите кариери. А тоа е можно само преку соодветни натпреварувања, кои прават оптимален распоред на човечките ресурси, кон подобри резултати. Во една прилика, во американски клуб, мајката играше тенис со син од шест, седум години. Малку пимплаа и мајката рече – сега ќе броиме. Детето се побуни ама таа беше одлучна дека мора да се знае кој е подобар. Прво го осудив односот на мајката, која започна со регуларно сервирање и броење, ама бргу ја разбрав пораката и филозофијата. Само преку броењето и поразите, детето ќе се стреми еден ден да ја победи прво мајката а потоа и другите. Во спротивно, се’ ќе си остане во маѓепсан круг: бесцелно ќе се пимпла цел живот. Како кај нас.

Воведот е поврзан со нашата ново најавена национална и државна катастрофа, по појавата на обновениот бугарски фашизам. Основното кое мора да го знаат лидерите на оваа земја е дека во политиката и особено во дипломатијата нема пријателство туку само интереси и се’ се сведува на натпреварување. Од почеток, до крај. Со сите партнери а особено со душманите. Ако не се вклучиш во трката, поразот не ти гине. На еден или друг начин. Не за да напредуваш, туку за да останеш таму каде што си, мораш да се движиш. Во спротивно, другите ќе те престигнат, како што ни прават сега Бугарите. Затоа, на секој бугарски документ мораше аргументирано да се одговара со сопствен. Особено на отворениот меморандум кој го испратија низ Европа. Тоа би била и наша привилегија бидејќи сите нивни фантазмагории излегуваат смешни пред  фактите. Наша основна должност е на европските безрбетници да им кажеме што е што, и тоа да го правиме секојдневно и масовно и на сите нивоа. И доколку тие го знаат тоа, а веројатно не им е доволно познато, наша света должност е да ја шириме вистината особено сега кога нашата борба е за преживување. Сама од себе, европската бирократија има вродени двојни стандарди и спремна е да замижи на сите вистини, ако нив никој жестоко не ги брани или бара. Впрочем, Бугарија е нивна членка, што значи ги ужива нивните привилегии, а ние не сме. Затоа, наша обврска е да ја будиме совеста на Европа и да бараме јавно да се изјаснува околу обновениот бугарски шовинизам.

Просто е неразбирливо зошто Македонија молчи, по сите тешки бугарски провокации околу нашиот национален идентитет, постоењето на македонскиот јазик, игнорирањето на бугарската фашистичка окупација, негирањето на нашата историја…? Тие пукаат со сите орудија против нас, ја мобилизираат Европа дека сме измислен народ…, а ние како да сме отсутни. Како да не разбираме што се случува. А на сите веќе мора да им е јасно дека бугарска цел е дефинитивно уништување на корените на македонизмот. Тие тоа и јавно го кажуваат (Плевнелиев). Се’ додека бугарските пци лаеја само дома, ќе речеш – ај, да не брануваме и да не создаваме додатни анимозитети, тоа е за нивни внатрешни политички потреби. Арно ама, кога топката ја испратија во Брисел и кај сите членки на Унијата, барајќи поддршка и наметнувајќи свои политики, нашиот молк нема објаснување. Европа единствено можеше да го толкува како немање на аргументи. Или, уште попрецизно, дека се согласуваме со нивните “аргументи“. Ништо друго. Тие ја информираат Европа дека Македонците се резултат на “јазичен и етнички инженеринг, а ние не реагираме. Неверојатно.

Мора да ни биде јасно дека е во прашање повампирување на бугарските аспирации од Втората светска војна. Софија отворено ни објави војна а тоа се најтрагичните натпреварувања во историјата на човештвото. Нашето игнорирање, пак, нема никакво оправдување. Им препуштивме на нецивилизираните бугарски политиканти да прават што сакаат низ Европа. И, место да го прифатиме предизвикот и да се натпреваруваме кој е во право, преку соодветен и жесток одговор, ние понизно ги примаме нивните отворени закани, уцени и ултиматуми. Им праќаме пораки дека ќе најдеме компромис, дека се тие наш пријател и промотор во ЕУ… а себе се лажеме дека се работи за нивно внатрешно прашање (Пендаровски). Има и многу други глупости кои покажуваат наш незамислив политички и дипломатски аматеризам, и тоа во моменти кога се нападнати и загрозени фундаментите на македонскиот народ. Подобар начин да се стигне до пеколот, сигурно – нема.

Дека нашето однесување беше крајно погрешно и контрапродуктивно веќе имаме и доказ: според некоја анкета дури преку 80 проценти од Бугарите ја поддржувале агресивната политика против Македонија. Тоа мора максимално да загрижува. Едно се глупостите на политичарите ама сосема друго е односот на народот. Впрочем, во Брисел веќе стигна првото бугарско вето и сите наши замаглувања паднаа во вода.

Што мислите зошто светот никогаш немал разбирање за проблемите на нашите малцинства во Бугарија и Грција? Само затоа што тие никогаш не правеа проблеми. Секогаш беа мирни и лојални граѓани, не брануваа, ги трпеа неправдите и никој немаше разбирање за нивната стравотна позиција. Затоа, станаа жртви на геноцид и речиси ги снема. Ако си молчиш, никој не те есапи. По војната која сега ни ја објави Бугарија, ние сме во слична позиција како и нашето малцинство таму. Додека молчиме, Софија агресивно бара и веројатно ќе добие и голем дел од тоа што го сака, или нема ЕУ за нас. Ако продолжи вака, да се држи по страна, речиси како незаинтересирана, Македонија заслужено ќе биде жртвеното јагне. По договорите со Бугарија и Грција, и законот за албанскиот јазик, ние правиме нова класична историска грешка која скапо ќе не чини. Логично, тука се поставува и прашањето – дали нашиот молк е случаен? Или, се враќа долгот кон странскиот фактор, кој ја донесе оваа гарнитура на власт токму за да го уништат македонизмот? Пред договорот со Грција, премиерот изјавуваше дека името никогаш нема да го менуваме, дека Уставот ни е одличен и негова промена не доаѓа предвид, дека двојазичноста е надвор од умот, за потоа сето тоа да стане стварност. Тоа покажува дека ништо не е случајно и дека најлошото може да се очекува и сега.

Мора да загрижува фактот што додека Софија максимално концентрирано ги користи сите средства против Македонија, додека на тој фронт се поставени сите институции, кај нас се’ се држи во тајност и сите информации доаѓаат од Софија. Тоа не е ништо ново: така беше и со Грција по што следеше капитулација. И во овој случај, нетранспарентноста може само да значи дека вистината не е пријатна и ни се спрема нов национален пораз. Ништо друго.

Бесмислени се надежите кои се полагаат за некаква помош од Брисел. Мораме да бидеме свесни дека, на еден крајно примитивен начин, таму редовно доаѓа до нагласен израз солидарноста на членките, најчесто на сметка на вистината и правдата. Ако ние жестоко не се бориме, нив ни на крај памет нема да им биде да водат сметка за нашите интереси. Веќе имаме такво искуство од случајот со Грција. Водени од прагмата, ако никој не тропа на маса, тие ќе си тераат по свое колку и да е тоа непринципиелно или некоректно. Така функционира светот, со кој уште долго ќе владее аргументот на силата, а не обратно.

Македонската јавност нема никаква информација дали на дипломатски план е превземено нешто конкретно за одбрана на нашите универзални права. Тоа не морало да се прави јавно ама со голема сигурност може да се тврди дека ништо сериозно не е направено бидејќи нема никакви индикатори. Единствено, како претседавач со Унијата, Берлин силно се ангажира преговорите да започнат во декември. Причината е што тоа би бил и нивни успех или неуспех. Сепак, не е јасно дали тие ги осудуваат бугарските нецивилизациски уцени или само бараат некаков компромис, се разбира на наша штета? Добро е што во нивните медиуми се појавија одредени критики на Софија, која потврди дека е под нивни притисок. Факт е, меѓутоа, дека ниту една членка на ЕУ јавно не ја осуди бугарската недоличност. Декемвриската конференција, пак, за која нашите политичари се фатиле како слеп за стап, сама по себе не значи ништо бидејќи Софија секако ќе продолжи со своите уцени во преговорите. Преку преговарачката рамка, таа само се обидува да ја зајакне својата позиција. Иако може да звучи контрадикторно, за Македонија е подобро Бугарија да го блокира почетокот во декември. Тоа би бил сериозен удар и за Брисел, и за Берлин, и за голем дел од членките на ЕУ што неизбежно би довело до некаква изолација на Бугарија. Тоа би бил и нејзин европски пораз. Потоа, Софија нема да има одврзани раце од нас да го бара невозможното.

Бугарските изјави дека Македонија е најромантичниот дел од нивната историја изгледаат бесмислени кога се знае дека токму заради неа тие станаа фашисти во Втората светска војна. Поврзувањето на фашизмот со романтика не е баш историја за гордеење. Сегашното обновувањето на нивниот шовинизам покажа дека тие две работи, сепак, одат заедно за Софија.

Штета што оваа бугарскава фарса не е пошироко позната па некој познат автор да напише комедија, да им се смее целиот свет. Нешто слично на “Романов и Џулиета“, на генијалниот Питер Устинов.  Бугарскиве будалштини душа дале за тоа.

Ристо Никовски

Ноември, 2020

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This