Помош за плати нема да има за јануари?!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Финансиската помош за плати за која е донесен и посебен закон, завршува со исплатата на декемвриската плата. Според најавите на премиерот Зоран Заев, петтиот економски пакет, во кој се очекува ваква мерка, треба да дојде во февруари.

Значи, едно е сигурно – во јануари нема да има економска помош за исплата на плати, а неизвесно е и за февруари, со оглед на тоа дека откако ќе се усвои пакетот, потребно е да се донесе закон во Собранието, според кој ќе се овозможи економската помош за плати на работодавачи со намалени приходи.

Сојузот на стопански комори (ССК) алармира дека е потребен континуитет на економските мерки за поддршка на стопанството и намалување на штетните последици од кризата и бара петтиот пакет да се донесе во јануари.

„Дисконтинуитетот во доделување на поддршката може да доведе до намалување на постигнатите ефекти и до забавување на излезот од кризата. Несоодветната имплементација, или предвремениот прекин на економските мерки може да предизвикаат сериозни негативни ефекти во справувањето со кризата, чие надминување, во тој случај, ќе бара повеќе време и ресурси“, соопштија од ССК.

Оттаму потенцираат дека деловните субјекти во земјава, особено малите и средни претпријатија, сѐ уште се наоѓаат во исклучително тешка состојба, некои сѐ уште со рестрикции во вршење на дејноста, но и оние што можат да работат се соочуваат со намалена потрошувачка, откажани нарачки и пласмани.

„Продолжување на финансиската помош за исплата на плата, неповратната финансиска помош како и бескаматните кредити се приоритетните мерки кои реалниот сектор очекува да продолжат и да траат најмалку до април“, велат од ССК.

Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, вели дека токму јануари и февруари ќе бидат многу тешки месеци, особено за извозните компании.

– Јасно е дека за јануари нема да има финансиска помош за плати, но барем да има за февруари. Нашите извозни компании, главно, се врзани со пазарот во Германија, а таму сега сѐ е затворено, и според очекувањата, таква состојба ќе биде до крајот на февруари. Еве, на пример, текстилните компании сега воопшто и не можат да ги испорачаат нарачките. Извозот е сопрен, затоа што не работат складовите во Германија, па ние дури мора во наши складови да ја чуваме робата што сме ја произвеле согласно нарачките – вели Димитров.

Тој вели дека сѐ уште не е закажан Економско социјалниот совет, кој треба да го каже својот збор за петтиот пакет, непосредно пред да помине на Владата.

– Мерките прво треба да се разгледаат со стопанските комори, а потоа конечната верзија доаѓа во Економско социјалниот совет – вели Димитров.

Претседателот на најголемото коморско здружување Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во новогодишното интервју за МИА оцени дека критичен момент за стопанството ќе биде оној кога ќе престане државната помош.

– Државата навистина помогна, тоа што можеше, се задржа структурата на бизнисот и тоа е факт. Но, кога ќе почне да престанува нејзината помош, ќе дојде критичниот момент. Тогаш ќе треба да се поддржат успешните компании, меѓу 300 и 500. За нив ќе треба да се направи некој фонд, чии критериуми ќе бидат врзани со иновативни и инвестициски решенија, нови технологии, за нешто што ќе придонесе да се реструктуира стопанството. Ризиците ќе бидат помали ако извршиме дисперзија и на извозот и на најголемиот трговски партнер. Значи, да НАТО, да и ЕУ, но ни требаат и нови пазари. Не можеме да останеме на сегашната ситуација според која 80 отсто од извозот е во ЕУ, а од нив 70 проценти одат само една држава, Германија, од нив 50-60 отсто се од една компанија. Тоа се сериозни ризици – рече Азески.

Според наши сознанија, петтиот економски пакет ќе биде сличен на четвртиот.

Сојузот на стопански комори со свој предлог за петтиот пакет

Во анкетата што ја направи Сојузот на стопански комори на Македонија, деловните субјекти бараат петтиот пакет на економски мерки да содржи мерки за одржување на ликвидноста, мерки за даночно олеснување и одложување на даночните обврски, како и субвенции за задржување на вработените.

„Сојузот на стопански комори на Македонија до Владата ќе достави предлозите кои ги доставија претпријатијата за петтиот пакет на економски мерки. Директна таргетирана финансиска помош во следните месеци е неопходна за опстојување и покривање на основните месечни трошоци. Потребно е и да се овозможи на оние на кои им е тоа неопходно одложување или репрограмирање на кредитите, аконтациите за даноци и другите финансиски оптоварувања минимум до крајот на годината“, велат од ССК.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This