АДВОКАТСКАТА КОМОРА СО БАРАЊЕ: Да се обезбедат потребните услови на судењето за „27 април“

  • October 17, 2018

Адвокатската комора на РМ апелира да се обезбедат потребните услови за нормално одвивање на судскиот процес за „27 април“, се со цел за непречено и фер судење.

Група адвокати ангажирани како бранители во предметот КОК БР. 40/18 што се однесува на случувањата од 27 април минатата година во Собранието на РМ, што се води пред Кривичниот суд во Скопје, вчера во попладневните часови ја известиле Адвокатската комора на РМ дека на вчерашното рочиште на адвокатите не им биле овозможени елементарни услови да го следат распитот на загрозениот сведок, да можат да водат прибелешки и да поставуваат вкрстени прашања во интерес на лицата кои ги застапуваат.

Заради надминување на состојбите околу условите за работа, Адвокатската комора на РМ апелира да се обезбедат потребните услови за нормално одвивање на судскиот процес, а се со цел за непречено и фер судење.

Во контекст на погоре наведеното од Адвокатската комора во денештото соопштение напоменуваат дека е потребно учесниците во постапката да укажат взаемно почитување, да го почитуваат и чуваат угледот меѓусебно и со коректен однос да придонесат за спроведување на законитоста во постапката. Таквите тенденции се должни да ги овозможуваат на пристоен начин и со допуштените правни средства.

– Сметаме дека во интерес на законитоста на постапката потребно е сите учесници во истата доследно да ги почитуваат одредбите од Законот за кривичната постапка, а се со цел нормално и непречено одвивање на судењето, велат од Адвокатската комора на РМ.

Претходно «
Следно »