АМЕРИКАНСКАТА СТОПАНСКА КОМОРА СО ОСТРА РЕАКЦИЈА ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЛИЧЕН ДОХОД: Законот за личен доход се носи без почитување на процесот на јавна консултација

  • November 28, 2018

Американската стопанска комора (АмЧам) остро се противи на непочитувањето на процесот на јавна консултација од страна на Владата и Министерството за Финансии во однос на Предлог-Законот за личен доход објавен на 3ти ноември преку Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија (ЕНЕР) без притоа да се испочитува рокот за забелешки и коментари кој завршува на 28ми ноември, се вели меѓу другото во соопштението кое го истрати Американската стопанска комора,

-Законот е веќе ставен во собраниска процедура на 26ти ноември на пленарна седница бр. 66 по скратена постапка со што воедно се скратува правото на заинтересираните страни да го изложат јавно своето мислење пред пратениците во Собранието. Сметаме дека со оваа постапка Владата ја продолжува штетната пракса на користење на скратена постапка при носење на важни закони кои имаат огромно влијание врз економијата во Македонија, нешто што беше одлика на минатата гарнитура, без притоа да се почитува јавното мислење и ставовите на бизнис заедницата. Со ваквото постапување на надлежните институции се нарушува партнерскиот однос меѓу приватниот и јавниот сектор.
Американската стопанска комора смета дека прогресивното оданочување нема да го постигне посакуваниот ефект на подобрување на социјалната еднаквост, а ќе доведе до намалување на продуктивноста, вработливоста, и развојот на висококвалификувани кадри. Исто така сметаме дека предложениот закон ќе ја намали даночната послушност и ќе ја зголеми сивата економија, при тоа ќе доведе до зголемена даночна евазија, отежнато прибирање на даноците, и зголемување на трошоците и комплексноста на прибирање даноци. Воедо сметаме дека предложениот закон ќе има негативен ефект врз растот и развојот на македонската економија, одлив на капитал и намалени инвестиции, одлив на мозоци и дестимулација на иновативните “смарт” индустрии кои генерираат најголеми приходи и се двигатели на економијата.
АмЧам како и останатите бизнис асоцијации смета дека ова не е погоден момент за воведување на прогресивно оданочување на личниот доход, особено не со предложениот Закон кој е во собраниска процедура и не на начинот на кој се форсира предлог законот со користење на скратена постапка. Поради тоа бараме одложување на реформата за прогесивното одданочување, отварање на широка јавна дискусија и дебата како и вклучување на експертизата на претставници од бизнис секторот во рамки на работните групи при подготовка на сеопфатна даночна стратегија и реформа која во исто време ќе придонесе кон зголемување на бројот на даночните обврзници, подобрено собирање на даноците, правична распределба на средствата и зголемена социјална еднаквост без негативно да влијае врз севкупната економија и нејзиниот раст.

Претходно «
Следно »