БРОНЗА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ИНФОРМАТИЧАРИ: Младите информатичари со бронза на Олимпијадата по информатика во Русија!

  • August 17, 2016

Младите македонски информатичари освоија бронзен медал на 28. Интернационална олимпијада по Информатика (ИОИ 2016), што од 12 до 19 август се одржува во Казањ, Русија.

 

untitledyr43uth3ui4tho43iho4htp43t34t3

Македонија на овој натпревар од областа на програмирањето за средношколци ја претставува тимот составен од натпреварувачите Владимир Максимовски, Димитар Бајрактаров, Никола Стојкоски и Душан Терзиќ, предводени од Емил Станков и Весна Киранџиска од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Во конкуренција на 308 ученици од 86 земји, бронзениот медал го освои 17-годишниот Владимир Максимовски, кој беше на чекор до освојување и на сребрен медал. Останатите тројца македонски натпреварувачи, како што информира Здружението на информатичари на Македонија, исто така постигнале забележителни резултати, при што Димитар Бајрактаров го делеле само неколку поени од освојување на бронзен медал.

– Остварениот резултат претставува нова потврда дека Македонија треба да биде горда на своите млади ученици, кои со своето знаење од областа на компјутерските науки што одново и одново го демонстрираат на интернационалните информатички олимпијади, уште еднаш докажаа дека без сомнение припаѓаат меѓу најдобрите во целиот свет, се наведува во соопштението од Здружението на информатичари на Македонија.

Според претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, Миле Јованов, кој е и член на Интернационалниот комитет на Олимпијадата, овој резултат се должи на континуираната работа на Здружението со учениците и на беспрекорната организација на натпреварите по информатика секоја година.

Од своето прво учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија досега има освоено еден сребрен и 14 бронзени медали, од кои најголемиот број во изминатите неколку години.

Следната Интернационална олимпијада по информатика ќе се одржи во Техеран, Иран.

ИОИ е годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите – членки на ИОИ заедницата. Во националните натпревари во програмирање на речиси 90 држави од светот секоја година учествуваат околу 250.000 ученици, со желба да се изборат да ја претставуваат својата држава на ИОИ.

Здружението на информатичари на Македонија најави дека во септември Македонија ќе биде домаќин на Јуниорската балканска олимпијада по информатика.

Претходно «
Следно »