Вардар го „прегази“ европскиот првак Монпеље

  • September 15, 2018

Европскиот шампион од 2017 година, Вардар денеска му се реваншираше на Монпелје за поразот од мај во полуфиналето од Ф4 турнирот во Келн. „Црвено-црните“ покажаа дека се сè уште моќни и дека и во новата сезона ќе имаат што да покажат во Лигата на шампионите. Водени од новиот тренер Роберто Парондо му одржаа лекција на противникот и го нокаутираа на негов терен победувајќи го со 27:24.

Скубе ја отвори средбата со гол во 2. минута и донесе водство на Вардар кое се чуваше и во следните минути од натпреварот. Вардар постојано беше во предност, а Монпелје беше тимот што мораше да се враќа во мечот и да израмнува или да го намалува водството на Вардар кое во 10. минута стигна до два гола, 4:6.

Ова водство не траеше долго бидејќи домашните ракометари брзо израмнија на 6:6, па темпото на игра продолжи на ист начин. Вардар и понатаму го диктираше резултатот и покажуваше дека и со ваков состав може да му парира на противникот.

На 9:9 беше клучниот момент кој и му овозможи на Вардар да има предност на крајот од првото полувреме, а причина беше голманот Дејан Милосављев. Од деветте одбрани во првите 30 минути, три ги забележа за само неколку секунди и тоа во серија.

Почетокот на вториот дел одново беше во знакот на Вардар. „Црвено-црните“ тргнаа силно. Помогнати од расположениот Милосављев продолжија да го диктираат ритамот и да бидат во постојано водство. Имаа два или три гола предност и најавуваа бодови на овој дуел. Одбраната се снаоѓаше со противниците, а тоа даваше резултат.

Во нападот беа расположени сите. Скубе и Карачиќ одлично разигруваа, но и погодуваа. Борозан потсети на своите најдобри денови и биеше како од топ од далечина, додека Чупиќ беше одличен егзекутор на ударите од седум метри.

Вардар во своите редови го имаше расположениот голман Владан Милосављев на чии крилја летна до големата победа на стартот, младиот српски голман собра 15 интервенции на овој меч.

Нашиот првак на полувремето замина со резултат 12:11 и предност од еден гол, додека на крајот таа предност ја зголеми за плус два и конечна победа од 24:27.

Претходно «
Следно »