(Видео)ВНИМАВАЈТЕ НА ПАТИШТАТА: Силен ветер го завејува патот меѓу Тетово и Скопје

  • January 10, 2017

Сообраќајот се одвива по една сообраќајна лента и во едната и во другата насока. Патот е прооден за сите видови возила, но сепак се препорачува внимателно возење.

zabrana-sneg-5001

Силен северен ветер нанесува снег на патот меѓу Скопје и Тетово, така што сообраќајот се одвива по една сообраќајна лента и во едната и во другата насока. Патот е прооден за сите видови возила, но сепак се препорачува внимателно возење, без непотребни престигнувања на осојничавите места каде што има опасности и за појава на подмрзнат коловоз.

Како што веќе јави АМСМ, забрани за движење на тешки товарни возила има на планинските премини Стража, Плетвар, Ѓавато, Пресека, како и на кракот Маврово – Дебар.

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, наместа со остатоци од снег на коловозот, по интервенција на дежурните екипи од „Македонијапат“. Снег со слаб интензитет паѓа низ цела Македонија. Поради ниски температури, наместа е можна појава на голомразица.

Во клисурите и превоите можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – М.Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово-Дебар-Струга, Д.Капија – Удово, Катланово-Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен-Буково.

Засега нема информации за вонредни состојби на патиштата каде што пред неколку дена имаше поголеми застои. Така на патот од Велес кон Скопје, кај месноста Пуста Кула, засега сообраќајот се одвива непречено, но во отежнати зимски услови.

Исто така, на возачите им се препорачува со големо внимание да се движат на потегот од Велес кон Штип, каде што поради конфигурацијата на теренот, има засилено струење на воздухот и бргу се создаваат наноси од снег.

Снег паѓа на целата територија на државата, а температурите и утрово се под нулата. Во Маврово утрово е најстудено, -20 степени, и има најмногу снег, 68 сантиметри.

Висината на снежната покривка е 49 сантиметри во Пожаране, 45 во Лазарополе, 35 во Тополчани, 28 во Тетово, 27 во Дебар, 24 во Крушево, 23 во Ѓуриште, 22 во Берово, 17 во Крива Паланка, 16 во Битола, 12 во Куманово и Демир Капија, 11 во Охрид и Претор, 10 во Штип, Прилеп и Виница, 9 во Струмица, 8 во Скопје – Зајчев Рид и Скопје – Петровец и еден сантиметар во Дојран.

Претходно «
Следно »