(Видео)И сега, кога се е јасно министре Филипче, викаш „лaжни вести“ а? Ај баш да видиме…

  • March 20, 2020
  • Коментари

Основната задача на секој новинар е да биде критчен кон секоја власт, во секоја состојба, а секогаш во заштита на јавниот интерес. Функцијата на новинарот е да истражува, да докажува и да прашува за девијантни појави во општеството дури и тогаш кога владејачката елита се прогласува себеси за семоќна, без контролен механизам кој во нашата претставничка демократија е Собранието. Во вонредна состојба, јавниот интерес и транспарентноста дополнително се потенцирани, и сите индикации дека некаде се случува девијантно однесување – новинарот мора да го истражи. Секако, ако е навистина е новинар

Ваков вовед пишувам, бидејќи сум разочаран од сервилноста на нашите новинари кон функционерите. Понесени од актуелната ситуаицја со КОВИД-19, демек да не правеле дополнителна паника, се самоцензурираат и премолчуваат. Дотолку повеќе што не се ни интересираат.

И сега, кога се е јасно министре Филипче, викаш „лажни вести“ а? Ај баш да видиме…

Вчера, на последната прес конференција на Филипче на која беа дозволени новинари, бев обвинет за ширење на „лажни вести“, со латентна закана од министерот за здравство дека ќе ме гонел за ширење паника. ОК, претпоставувам дека од моето „ширење паника“ е само паниката која беше сеприсутна во битието на Филипче, кој наместо да одговори зошто биле нарачани 50 респиратори по пет пати повисоки цени од комерцијално достапните, одлучи да проектира паника повторувајќи дека тоа биле „лажни вести“.

Од тврдењето на Филипче дека јас сум ширел „лажни вести“ до признанието дека сум бил во право не поминаа ниту 24. часа. Така прави и неговата блиска пријателка Шекеринска, но и неговиот шеф Зоран Заев. Се додека вистината не излезе на виделина. Еве колку за споредба, Зоран Заев заедно со Вилма и Јовевски тврдеа дека нема политичари кои се споменати во „Рекет“. Арно ама, на 28. август испадна дека токму овие кои се погоре споменати се спомнати и во исказите и сведоштвата на оштетените. Па, потоа не беше „лажна вест“ туку беше – ние со Боки се знаеме ама не правевме ништо. Ајде, мајката…

Нејсе, муабетот ми е за Филипче кој по примерот на неговите шефови вчера наместо одговор на легитимно прашање испрати латенти закани за прогон кон мене, но и обвини дека сум ширел „лажни вести“.

Прашањето кое му предизвика паника, како што вели тој, беше следно:

– Денеска ми стигна и овој список од набавката набавка за 50 респираторни машини. На таа набавка сте направиле, сте ја избрале понудата од 25 илјади 203 евра по респиратор. Респираторот е модел Флехи маг плус од Магнамед Бразил. 25 илјад 203 евра, истиот овој респиратор на интернет го најдовме по цена од 6 илјади долари со царина, со поштарина. Комлет 6 илјади евра. 19 илјади евра е разликата помеѓу тоа што можеме да го видиме на интернет и 25  илјади евра тука. Најефтиниот респиратор на Генерал Електрис е 17 илјади и 500 евра, а Генерал Електрис знаеме дека е една од најмоќните компании во светот и најквалитетна. Ме интересира дали вонредната состојба ви требаше за вакви тендери и за да се купуваат за 5 пати поскапи респиратори кои што од референците  кои што ги прочитавме немаат некаква солидна оценаат, а нашите лекари би можело да не знаат ниту да ги користат немаат искуство?

 

На ова прашање, наместо да одговори, Филипче се расфрлаше со обвинувања. Еве што кажа вчера:

– Прво лажна вест  е дека набавката е завршена и вие треба да знаете дека министерството за внатрешни работи има обрска да го прати ширењето на лажни вести, посебно оваа ситуација која што е многу осетлива, која што граѓаните многу будно ја пратат и може да створи паника. Заради тоа што да кажете дека е завршена некоја јавна набавка и е прифатена некоја несоодветно голема цена, а тоа не е така е сериозна клевета. Набавката не е завршена допрва следи процесот на аукција на намалување на цените. И не е точно дека нешто се држи во тајност или се користи некаква ситуација. Токму тоа што вие ги имате документите во рацете значи дека секој има пристап до сите документи, вели Филипче.

Внимавајте добро – Набавката не е завршена, допрва следи процесот на аукција за намалување на цените!

Ова го вели Филипче, вчера, 19.03.2020 на прес конференција од Медија Центарот на Владата на Р.Македонија.

Денес, Венко го вели следново:

– Дозволете да кажам неколку зборови за респираторните машини како што кажав имаме само еден пациент на респираторна машина, нашата земја располага засега со вкупно 120. Светските искуства велат дека 5 проенти од заболените се на респираторна машина тоа значи дека на бројката од 1000 пациенти претпоставка е дека ќе има 50 пациенти кои што ќе се на респираторна машина. Има прашање во врска со набавката и нашата најава, таа е во тек. Проблемот е што машините во овој момент се запрени во Бразил со одлука на нивната Влада. Со интензивна комуникација со министертството за надворешни работи и нашиот амбасадор во Бразил се обидуваме таа бројка на машини да ја ослободиме. Многу земји во светот го запреа извозот на респираторни машини чувјаќи ги за своите пациенти. Искрено се надевам дека тоа ќе успееме да го направиме. Тоа беше и е единствениот кој што може да ја достави бараната бројка на респираторни машини за многу краток период, но во истовреме од денеска веќе имаме и друга добра информација, а тоа е дека и Кина веќе резервира 200 респираторни машини. Тоа го потврдија во текот на денешниот ден, треба да се формализираат актите, правните механизми како тие да стигнат до нашата земја сакам да кажам дека и во овој момент располагаме со доволен број на респираторни машини, – кажува Филипче на денешниот прес.

Внимавајте, во помалку од 24 часа, Венко тврди дека набавката е во тек и се уште не е направена аукција и дека веќе е одлучено од Бразил да стигнат респиратори!

Пет минути подоцна, на новинарско прашање на колегите од АлфаТВ, Венко повторно ја менува изјавата, па вели:

Да спомнав и во излагањето дека станува збор за таа набавка која досега веќе требаше да биде финализирана, но тоа што бразилските власти ги запреа машините и сега има некој обид за дипломатска разрешница на проблемот тоа малце се пролонгираше. Ќе повторам и ќе потенцирам има сосема доволен број на респираторни машини за овие пациенти за проекцијата во неколкуте следни недели. Но ние ги спремаме и најлошите сценарија затоа се мобилизираше и кадарот и дополнителните капцитети, болницата 8-ми септември е веќе спремна да прими пациенти на кои им е потребна дополнителна здравствена услуга не директно во врска со болеста коронавирусот, а се сомнителни или потврдено заболени, одговори Филипче денес (20.03.2020) на новинарско прашање.

Сега се отвара дилемата:

– Набавката завршена е или не?
– Ако машините веќе се набавени, како се тврди дека се уште не е финализирана набавката?
– Вчера одговоривте дека се уште не е избрана фирма понудувач, а набавката веќе е направена?
– Ако не бил во тој момент избран понудувач, од каде сте знаеле дека треба да се ургира во Бразил?
– Зошто министерството, кризниот штаб и МНР Димитров (а го споменувале и Пендаровски) ургирале цела недела наназад кај нашиот амбасадор во Бразил да се обезбеди количина од 50 апарати?
– Зошто овие државни функционери ургирале токму во Бразил да се обезбеди оваа количина, иако уште не бил избран понудувач, не била испратена понуда од понудувачи до Министерството за здравство и воопшто не била започната постапка за набавка?
– Зошто е избрана токму фирмата „Соникс“ за добавувач на овие респиратори ако нема респиратори на лагер?
– Зошто не е избрана друга фирма која нудела поефтини, поквалитетни респиратори и ги имала на лагер?
– Дали е платена царина, поштарина и фактурата, иако се уште не е завршена набавката?
– Зошто се набавуваат по цена од 25.000 евра, кога на интернет истите може да се нарачаат за 6.000 долари преку препродавачи?
– Сега, кој шири „лажни вести“ и паника и дали Филипче ќе се извини за изнесените навреди и обвинувања?
– Зошто вчера не ми одговори вака како денес, или требаше требаше координација за како да се „хендла“ тоа што протекле информациите?

И да се вратам на воведот, документите во врска со набавката вчера ги носев со мене за да ги презентирам како поткрепа на прашањето, имав и копии. Она што ме разочара е фактот што ниту еден новинар не побара копија за и сам да ги провери информациите.

Разбирам дека е вонредна состојба, но во ова матно време, никако не смееме да го опуштиме јаремот – особено не кога единствена контрола врз самоволието сме ние, новинарите!

 

А.Митовски

 

 

Претходно «