(Видео)ПРАТЕНИЧКАТА ГРУПА НЕ СЕ ВРАЌА ВО СОБРАНИЕТО: Заев го повика ВМРО-ДПМНЕ на разум во врска со двојазичноста

  • March 4, 2018

По средбата што се одржа на покана на Заев, Мицкоски во изјава за медумите потврди дека разговарале за повеќе политички теми, меѓу кои и за името, за Законот за јазиците, за составот на ДИК, како и за враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во работата на Парламентот.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе се врати кога ќе биде комплетна, односно кога пратениците осомничени за тероризам во врска со нападот на Собранието на 27 април ќе бидат ослободени.

Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со премиерот Зоран Заев.

Во однос на враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, истакна дека се уште не се создадени услови за тоа. Очекува да се вклучат во работата на законодавниот дом само како комплетна пратеничка група, и како што наведе тоа би можело да се случи за една до две недели.

Преговорите за името со Грција, Законот за јазиците и враќањето на опозицијата во Собранието, биле главните теми за кои вечерва во Владата повеќе од два часа разговараа премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

По средбата Мицкоски во изјава за медумите потврди дека разговарале за повеќе политички теми, меѓу кои и за името, за Законот за јазиците, за составот на ДИК, како и за враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во работата на Парламентот.

Во однос на името, Мицкоски рече дека остануваат на познатите позиции, како и за Законот за употреба на јазиците, додека за ДИК, како што посочи, договорено е да се формира по стариот модел односно претседателот да биде на предлог на опозицијата, а мнозинството членови по предлог на Владата.

 

Ако почне расправата за илјадниците амандмани на ВМРО-ДПМНЕ за законот за јазиците ќе бидат потребни најмалку 6 месеци за да се завршат сите. Овие амандмани се поднесени за неуставноста и ако се има малку разум ќе се даде можност за законот да се усвои, изјави премиерот Зоран Заев по двочасовната средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во Владата.

Тој рече дека нема разумни решенија помеѓу власта и опозицијата за законот. Како што рече тој, Собранието не е толкувач дали е уставен или не некој закон. Според Заев, Уставниот суд е тој што треба да се произнесе за законот.

Премиерот повтори дека ако законот се пушти во процедура, осдносно ако почне амандманска расправа која би траелa шест месеци, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе биде виновно за блокирање на процесите во државата.

„Не смееме да дозволиме Македонија да биде блокирана во следните 6 месеци кои се важни за евроинтеграциите. Тоа значи дека процесите ќе останат блокирани и по самитот на НАТО во јуни. Апелирам на разумност“, рече Заев.

Репортер
Борислав Стоилковиќ
Инфомакс.мк

Претходно «
Следно »