(ВИДЕО) ГЕРМАНКАТА ЈОАНА КУС Е ЗАПИШАНА ВО ГЕНИСОВАТА КНИГА НА РЕКОРДИ:На 93 години растура во гимнастика!

  • February 4, 2019

Германката Јоана Кус е аматерска гимнастичарка која и на 93 години демонстрира воодушевувачка виталност и сила, а пред седум години се запиша во Гинисовата книга на рекорди како најстара гимнастичарка во историјата.

Нејзината љубов кон оваа спортска дисциплина датира уште од најмала возраст. Првпат се натпреварувала во 1934 година, а по завршувањето на војната гимнастиката била забранета во нејзината земја, бидејќи предност имале тимските спортови. Така Јоана почнала да тренира ракомет во кој исто така била успешна – со нејзината екипа го освоиле првенството на Источна Германија во 1954 година.

Во тој период се омажила и родила три ќерки, но семејните обврски не ја одалечиле од нејзината прва љубов. Одлучила да стане тренер, обучувала млади гимнастичари сѐ до 1982 година кога на 57-годишна возраст сретнала две стари пријателки (помлади од неа 4-5 години) кои ја убедиле со нив повторно да почне да вежба и да се натпреварува. Таа година Кус освоила повеќе регионални признанија. Оттогаш, дури 11 пати дома се враќала со медали од спортските првенства во Германија кои се одржуваат на секои пет години.

„Каде што е движењето, таму е и животот“ е нејзиното животно мото. Водејќи се по оваа девиза, до денес не престана да тренира. Секој ден посветено вежба по еден час, а освен гимнастика практикува и танц, пливање и пеење. Вели дека не се плаши од повреди, а благодарение на редовната физичка активност никогаш не била болна и не консумирала лекови. Нејзиниот рецепт за здрав живот е многу едноставен – вежбајте, спијте најмалку 6 часа и јадете многу овошје и зеленчук.

Претходно «
Следно »