ВЛАДАТА ВО ГРЦИЈА КОНТРА ЗАЕВ: Промена на уставното име и промена на Уставот на соседната земја

  • February 10, 2018
  • Коментари

За сите отворени прашања во рамките на преговорите ќе разговараат Димитров и Коѕијас, изјави портпаролот на грчката Влада во однос на тоа што ќе се најде на масата разговори на двајцата министри за надворешни работи на нивната следна средба, јавува дописникот на МИА од Атина.


Одговарајќи на новинарско прашање, на вчерашниот брифинг, во врска со ставот на грчкиот претседател и други политичари во Грција дека се неопходни и измени во македонскиот Устав, Димитрис Ѕанакопулос, потенцира дека е потребна промена на уставното име, но и ревизија на евентуални одредби во Уставот кои алудираат на иредентизам.

– Сакаме сложено име кое што ќе важи за сите и ќе биде за севкупна употреба. За да важи за сите, предуслов е промена на уставното име на соседот. Без промена на уставното име на соседот, не може да биде исполнет предусловот да важи за сите. Промена на уставното име за да биде правно исправно, бара и промени на Уставот на соседната земја, вели Димитрис Ѕанакопулос, а на прашањето дали тоа се однесува само на името, одговара дека тоа е нешто за кое ќе се разговара во рамките на преговорите, но и дека „ако постојат одредби во Уставот на соседната земја, кои би можеле да упатуваат на иредентизам, ќе треба и тие да се ревидираат“.

Заев не гледа потреба за промена на Уставот

Не гледам потреба за промена на Уставот, изјави пред три дена премиерот Зоран Заев одговорајќи на новинарско прашање дали во процесот на решавање на прашањето за името се разговара и за уставни измени. Тој рече дека барањето за промената на Уставот во разговорите за името е грчки став, што се разликува од нашиот.

„Во моментот сè што правиме е да докажеме дека Македонија нема никакви аспирации, територијални или какви било, дека Македонија нема иредентистички побуди. Македонија сака да гради пријателство и од тој аспект не гледам потреба за тоа“, рече Заев.

Заев повтори дека за Владата е прифатливо име со географска одредница. Заев е дециден дека Македонија може со консензус за ова прашање да изнајде решение во интерес на иднината на перспективите за НАТО и ЕУ-интеграцијата.

Претходно «
Следно »