ВЛАДАТА ГИ ОСТАВИ ОВОШТАРИТЕ НА РАБ НА ЕГЗИСТЕНЦИЈА: Цената на сливите два до осум денари, предложени субвенции за откуп

  • August 14, 2018
  • Коментари

– Од два до осум денари за килограм, толку според земјоделците е годинашната откупна цена на модрите сливи за разлика од лани кога беше 20 денари. Овоштарите од Радовиш бараат дел од сливите да одат за откуп, а дел за индустриска преработка, додека производителите од Пијанец за денеска во 10 часот најавија мирен протест пред општинската зграда на Делчево.

Протестот го поддржува и здружението на фармери, сточари, лозари, тутунопроизводители и пчелари „Земјоделци – Македонија“ кое на својот фејсбук профил вчера објави фото-статус со порака: „Цена под 12 денари за килограм е нерентабилна“.

Според Јован Стојменовски од Пијанец, сината слива не може да достигне повеќе од два денара за килограм. – Ги повикувам сите производители на сливи од регионот да дојдат на протестот, да донесат гајби сливи и да им поделат на парламентарците. Сите 1.000 производители не можат да земат толку пари колку што еден пратеник зема плата, изјави вчера Стојменовски.

Благојчо Георгиевски од селото Град кој има над 300 тони сливи и е производител 18 години, вели дека годинава има проблеми со извозот. – Рудине откупува мала количина, но сега ги нема и откупувачите од Струмица и Радовиш со кои претходно соработувавме, истакнува Георгиевски.

Незадоволни од ниските откупни цени, производителите на сливи од Радовиш пред три дена го блокираа патот Радовиш – Струмица, истакнувајќи дека целосно е запрен откупот на пунктовите во селата.

Претходно «
Следно »