ВЛАДАТА И СЕ ИЗВИНИ НА ГРЦИЈА: Владата повторно мораше да се извини поради изјавата на Заев

  • December 5, 2018

Владата повторно мораше да се извини поради Заев. По неговата изјава дека со Преспанскиот Договор се отвора можноста за изучување македонски и во Грција и жестоката реакција таму, од Илинденска број 2 испратија дообјаснување до грчката јавност.

Премиерот е целосно посветен на политиките кои ги носат европските вредност во Балканскиот регион и е посветен на градењето добрососедски односи. Жалиме што неговите коментари биле поинаку сфатени. Ова е образложението кое го објавија грчките медиуми.

Портпаролот Бошњаковски денеска се објасни и пред македонската јавност – немале намера да се мешаат во внатрешните политики на Грција.

– Владата го нагласува член 4 став 3 од Преспанскиот договор, со кој се обврзуваме да не се мешаме во внатрешните работи на Грција, вклучувајки ја заштитата на правата на лицата кои не се наши државјани. Владата изразува целосно разбирање и почитување дека ова прашање, за тоа кои јазици се изучуваат во Грција е прашање на внатрешни политики и прашање на внатрешни работи на Грција. Изразуваме жалење доколку некој коментари биле разбрани и протолкувани на погрешен начин, кажа Бошњаковски.

Лавината реакции дојде откако Заев во Собранието во саботата како дел од дебатата за уставните измени рече…

– Да бидеме искрени. Што направивме за нив до сега? Со пријателски однос го решаваме овој проблем стар 27 години и симнуваме тежок товар од нашите раменици. Сега имаме подобри можности, сега има можност децата во Грција да учат македонски јазик“. Учењето на мајчин јазик до сега било забрането и на него се гледало како на табу–тема во Грција. – кажа Премиерот.

Прв реагираше грчкиот претседател Павлопулос  кој кажа дека Грција нема да прифати своеволни толкувања на Договорот од Преспа. Опозиционерот Мицотакис кој во моментот води на анкетите за рејтинг пред Ципрас  кажа дека изјавата е неприфатлива. Коментари имаше Скуридис од Независни Грци дека Заев се меша во внатрешната политика на Грција. Дури и во соопштението од владиниот кабинет на Ципрас стои – ПЈРМ и Заев внимателно и прецизно да се држат до договорот за да се интегрираат во НАТО и ЕУ.

Ова не е прво извинување од страна на македонската Владата. Пред неколку месеци веднаш по Илинден – откако Борисов го искара, Заев побрза да се извини. Тогаш бугарскиот премиер остро го нападна македонскиот колега дека треба два пати да мисли пред да изјавува дека илинденско  востание е македонско, на што премиерот Заев не почека ни еден ден, па експресно на Фејсбук се обрати на пријателите во Бугарија.

Претходно «
Следно »