ВМРО-ДПМНЕ промовираше Манифест за единствена Република Македонија (ВИДЕО)

  • April 2, 2017

Поттикнати од силна желба да живееме во успешна земја со пазарна економија, заснована врз знаење, умеење, претприемништво, креативност и праведност, предлагаме национално обединување околу Манифестот за единствена Република Македонија, соопшти денеска на прес-конференција Антонио Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Прв принцип е обединување околу националниот интерес, втор принцип е интеграција во едно општество, трет принцип владеење на правото за успех на државата и четврт принцип е пазарна економија за подобар стандард на секој граѓанин.

-За да не води кон визијата за нашата држава која претставува Единствена матична земја на Македонците, каде обединети живеат со сите граѓани кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите народи. Им припаѓа подеднакво на сите свои граѓани без разлика на потекло, религија, мајчин јазик, а преку неа тие ќе се здружат со сите балкански народи во рамки на Обединета Европа. Ја одржува историската врска со македонската дијаспората како нераскинлив дел од нашата нација. Ја истакнува македонска традиција на соживот и сплотеност во различностите, што не е слабост, туку богатство кое вреди да се негува и кое не води напред. Помагањето и солидарноста за сите кои имаат потреба, било да се Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци или други, е наша заедничка одлика. Тоа не прави луѓе, пред се. Дава исти права и бара исти обврски од сите, а успехот и среќата во животот зависат од способноста на секој човек поединечно, рече Милошоски.

Владеењето на Правото го смета за основен предуслов за успех на државата и поединецот во неа.

-Има отворена пазарна економија, каде се поттикнува секој – не да учи само за диплома, туку да стекне знаење, да развива способности, како и да иновира и превзема ризик, а со тоа и да успева да го реализира сопствениот сон. Колку повеќе граѓани со таков капацитет, толку поуспешна држава. Негува добрососедство и непроменливост на граници со сите околу нас, бидејќи истото е предуслов за мир и просперитет. Нагласува дека стабилноста на Република Македонија е предуслов за стабилноста на цел регион. Памети кому сме му помагале во тешки моменти. Гради иднина базирана на почитување на човековите права, вклучително и право на самоидентификација. Тие што го кршат ова право, не можат да ни го земат, рече Милошоски.

Тој нагласи дека тргнувајќи од оваа обединувачка замисла за државата, нивната мисија е да обезбедат  „иднина на нашиот народ во демократска, унитарна, политички стабилна, праведна, напредна и пазарно ориентирана држава – Република Македонија, каде претприемништвото е движечка сила, а ние сме сплотени како дел од нашето пошироко Европско семејство“.

За реализација на нивната мисија, нагласи Никола Попоски, ќе се водат од следните долгорочни принципи.

Обединување околу национален интерес

Национален дијалог

-Воспоставување на редовен дијалог меѓу секоја власт и опозиција за прашања од национален интерес. Дијалогот да се одвива и решенијата да се изнаоѓаат секогаш во рамки на институциите на Републиката, од страна на претставници кои се избрани од граѓаните. Истото е најефикасна заштита од надворешни влијанија или реализација на агенди кои не потекнуваат од заедничкиот интерес на македонските граѓани, рече Попоски.

Идентитет

-Зачувување и промоција на националниот, културниот и јазичниот идентитет на Македонците во земјата и надвор, како и обединет настап против недемократските притисоци со цел негирање на истиот, секаде каде што тоа е случај. Зачувување и промоција на идентитетот и посебностите подеднакво на сите наши граѓани Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и други. Разновидноста на сите овие култури е нашето најголемо богатство, кое сите треба да го негуваме.  Негување на изворното и на она што припаѓа на сите – нашиот јазик, обичаи, песни, историја, милениумската традиција на писменост и традициите на нашата книжевност и уметност, изјави Попоски.

ЕУ и НАТО

-Членството во ЕУ и НАТО е наш интерес и обединувачка цел, каде природно припаѓаме. Република Македонија ја гледаме духовно и културно сплотена во заедницата на Европски народи, како институционално, така и економски интегрирана во Европската Унија. Со цел да обезбеди поефикасна прекугранична соработка во соседството, корисно е формирање на европски регион помеѓу Република Македонија и соседните земји за подобро користење на ЕУ фондови, особено во делот на зачувување на природата, водите и транспортните коридори, рече Попоски.

Право наспроти сила

-Признавање на македонската национална самосвест и јазична посебност од европските и меѓународните институции, врз база на гаранциите од Европската конвенција за човекови права и Универзалната декларација за човекови права кои мора неселективно да важат за сите. Истото е предуслов за надминување на наметнатата разлика околу името. Разликата се наведува како причина за блокада на патот кон членство во ЕУ и НАТО. Оттука, може да се надмине единствено  како дел од пристапниот процес, врз база на стекнатото право на Унијата и меѓународното право, вклучително и пресудата на Меѓународниот Суд на Правда во 2011 година, изјави Попоски.

За името

-Нема да се прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име Република Македонија. Нема да прифатиме идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик. Нема да дозволиме кое било решение да биде прифатено од страна на политичари и поединци, Влада или Собрание, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а притоа мнозинството граѓани кои ќе излезат на рефендумот да се согласат со можното решение, изјави Попоски.

Заедно против заканите

-Обединување против секоја политичка структура или поединци кои поттикнуваат раздор или радикализам од верска или национална природа, но и против тие кои охрабруваат на било кој начин екстремна идеологија или пак регрутираат борци во терористички организации, било да се од домашно потекло или да се странци на териотријата на Македонија, рече Попоски.

Интеграција во едно општество

-Република Македонија им припаѓа на сите свои граѓани, без разлика на етничко потекло, религија или мајчин јазик. Граѓаните се срцето на нашиот Устав. Индивидуалните права и слободи на граѓанинот согласно  Уставот се нашата обединувачка сила. Обединувањето преку нација, вера и култура е формула за Европска интеграција, каде секој може лично да развива сопствени чувства. Тоа е и формулата која остава простор за јакнење на поврзувачкиот фактор во општеството, изјави Попоски.

Јазици

-Македонскиот јазик е тој што овозможува интеграција на сите граѓани во едно општество без разлика на нивното потекло.   Наша должност и богатство е негување и промоција на албанскиот, турскиот, ромскиот, српскиот, влашкиот, бошњачкиот јазик согласно Уставот и европските стандарди, а во духот на мултикултурната традиција на нашата земја. Почитувањето на правата и обврските за сите културни заедници подеднакво е најдобра гаранција за спречување на дискриминација и негување на посебностите. Иницирање на дијалог со соседите со цел воспоставување на соодветни стандарди за јазични права во рамки на регионот, а во согласност со европските стандарди. Со таков пристап би се одбегнале двојни стандарди и мешање во внатрешните работи на соседи, за сметка на добрососедството. Политиката за користење на немнозинските јазици треба да биде отворена кон сите, а секогаш во функција на развивање на едно општество каде способноста на поединецот е клуч за успех, без разлика на потеклото, рече Попоски.

Самоидентификување

-Македонскиот народ не може да биде надгласуван во однос на македонскиот идентитет. Ниедна заедница не треба да биде надгласувана за теми кои го засегаат нејзиното право на самоидентификување, изјави Попоски.

Образование

-Заштита на правото на образование на децата на мајчин јазик, без разлика на етничката самоидентификација на родителите е клучна за развојот на Единствена Македонија. Училиштето или богослужењето не смее да бидат алатка за наметнување на култура, јазик или доминација, туку уште едно средство за  сплотување и интегрирање, рече Попоски.

Религија

-Верската толеранција е суштествена за животот во мултикултурна Македонија. Нашите цркви, нашите џамии и нашите синагоги се нашите духовни храмови. Верските заедници во Макeдонија се неотуѓив дел од македонскиот менталитет и македонското општество. Солидарноста и подготвеноста да му се помогне на сиромавиот се во духот и на христијанството и на исламот и на јудаизмот, рече Попоски.

Традиција

-Историското помнење овозможува ренесанса на традицијата. Потребно е да се оживеат старите традиционални вредности. Семејството и солидарноста ги сметаме за темел на културата што ги слави животот и вистинските вредности. Тоа подразбира и култура на напорна работа,  деловна чесност, претприемништво и мултикултурен соживот како вредности кои не обединуваат. Секој граѓанин има лична одговорност кон Единството во Република Македонија. Носителите на јавни функции имаат посебна одговорност за поврзување помеѓу сите граѓани со различно потекло и градење на мостови во општеството, заклучи Попоски.

наскоро поопширно

 

 

Претходно «
Следно »