ВМРО-ДПМНЕ:18 години од смртта на Драган Богдановски, идеологот на ВМРО-ДПМНЕ

  • May 31, 2016

На денешен ден се навршуваат 18 години од смртта на Драган Богдановски, идеолог и еден од основачите на најбројната политичка партија на македонската политичка сцена ВМРО-ДПМНЕ.

dragan bogdanovski infomaks

Богдановски е роден е во с.Клечовце, Куманово 1929 г. во семејство  со патриотски корени, неговиот дедо бил илинденец во четата на Атанас Бабата. Уште како студент на факултетот по земјоделие во Белград покренува иницијатива за формирање на ” Македонски студентски клуб”, поради што е осуден и издржува казна затвор во времетраење од четири месеци проследено со исклучување од факултетот и без право на упис на било кој друг факултет во поранешна Југославија.

Ваквата мерка на тогашните комунистички власти кај младиот интелигентен и национално определен Македонец само ја зацврстнало определбата да својот живот и дејност ги посвети на борбата за афирмација и реализација на македонските национални идеали за самостојна независна држава така и на борбата за демократизација и политичко демократска трансформација на македонското општество со воведување на повеќе партиски систем. За разлика од многу други македонски интелектуалци кои во комунистичкиот систем се задоволуваа со конформизмот на власта Богдановски го одбива компромисот со системот за чија вистинска природа станува свесен уште од млад.

Заедно со уште неколку студенти ја напушта земјата во 1950 г. и заминал за јужна Америка. Водејќи се од желбата за наука во Париз на Сорбона се запишува на факултетот за политички науки каде продолжува со политичкото дејствување издавајќи  го весникот “Македонска искра” кој по интервенции на југословенската и грчката амбасада е спречено неговото издавање.

Од 1958 г. покренува издавање на повеќе весници и изданија поврзани со вистината за Македонија како “Македонска лоза”, “Слободна Македонија”,” Македонска нација” и др. Од 1967 г. Драган Богдановски е на чело на ДООМ-Движењето за ослободување и обединување на Македонија.

Во 1971 г. во списанието “Македонска нација” во статијата “Македонската нација и нејзината државност” Богдановски запишал дека “Ограничената сувереност  на македонската национална државност го држи националното прашање на целата македонска нација во стагнација, во таа околност борбата за македонско национално ослободување е заледена на една така да се рече неподвижна точка. Борбата прво ќе биде водена за што поголема сувереност на македонската република во рамките на југословенската федерација а потоа кога за тоа ќе созреат услови и за отцепување на Македонија од Југославија. Последново е потребно не од некоја суета за задоволување на некаков македонски шовинизам и национализам или на некој задоцнет сепаратизам туку од специфичната положба што ја има нашата македонска нација како во Југославија така и во рамките на сегашните балкански граници”.

Како раководител на ДООМ во 1977 г. Богдановски од органите на тогашната СДБ е киднапиран  во Париз и доведен е во Македонија. Во судскиот процес зад затворени врати осуден е на 13 г. затвор од кои 11 издржува во затворот Идризово во Скопје како единствен затвореник кој цело време бил под специјален режим и по излегувањето од затворот извесно време живее во Скопје. После добивањето на патна исправа заминува во Шведска каде ја подготвува програмата за формирање на национална политичка партија во Македонија која по Богдановски треба да се вика “Демократска партија на македонско национално единство”. На состанокот во Минхен 1990г. заедно со Гојко Јаковлевски, Владо Транталовски, Борис Змејковски и Љупчо Георгиевски донесена е одлуката за формирање на партијата со предзнак ВМРО.

На првиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ одржан во Прилеп 6-ти и 7-ми април 1991 г. Драган Богдановски е избран за почесен претседател на ВМРО ДПМНЕ а од 1991 до 1993 е претседател на Задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Европа.

Драган Богдановски умира на 31.05.1998 г. на пат од Шведска во Германија а бил погребан е во Куманово два месеци подоцна.

Сите политички списи и дејствија на Драган Богдановски беа посветени кон остварување на целта за независна македонска држава, желба водилка на сите национално настроени македонски дејци.

Борејќи се  против комунистичкиот систем во време на морален релативизам и политичка коректност, систем особено во македонски услови препознатлив со идеолошко мракобесие, политичка инквизиција и национален нихилизам кои стоеја во директна спротиставеност со принципот на вистината, Богдановски секогаш остана верен на вредностите олицетворени во вечниот идеал на љубов кон татковината. Неговата судбина е судбина на човек кој не напуштајќи го својот идеал и против сите надежи го живееше својот живот за слободна Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ го продолжува патот на својот идеолог за демократска и сплотена Македонија!

Претходно «
Следно »