ВНИМАВАЈТЕ И ВО ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ: Грипот напаѓа, како да се заштитите од него

  • October 30, 2016

Освен вакцинацијата, која е најефективна мерка, има и низа други препораки што треба да ги применувате за да се заштите себеси и вашите блиски од ова сезонско заболување

Фото: Шатерсток

Вакцината против грипот е најефективната превентивна мерка за заштита од ова заболување, посочуваат лекарите откако почна сезона на грипот. Според Институтот за јавно здравје, досега се заболени 128 лица, најмногу од Тетово, Гостивар и од Куманово.

Вакцината против сезонски грип чини 400 денари.

Д-р Лилјана Лазаревска од Центарот за јавно здравје – Скопје препорача да се вакцинираат лицата повозрасни од 65 години и оние што имаат хронични заболувања, независно од возраста.

– Треба да се имунизираат и лицата што секојдневно имаат контакти со други лица, здравствени работници, лица што даваат нега на деца во предучилишна возраст. Пред да се пушти во промет, контрола на вакцината направи Агенцијата за лекови – рече Лазаревска.

Грипот е заразно заболување, кое се шири директно од човек на човек, главно преку ситните капки што ги исфрла заразениот човек при кашлање и кивање, или индиректно преку контакт со респираторни секрети (течности) од заболен човек со кои се загадени неговите раце или околните површини што ги допирал или предмети со кои се служел.

Докторите велат дека  периодот на инкубација, кога човекот е заразен и може да го пренесе заболувањето, но уште нема симптоми, може да биде од еден до 5 дена, најчесто 2 дена. Во најголем број случаи вирусот е присутен во носот и во грлото еден еден ден пред појава до 4-5 дена после појава на симптомите.

Заболувањето има ненадеен почеток со висока температура, главоболка, општа малаксаност, истоштеност, болки во мускулите и во зглобовите, црвено и болно грло, гребење во грлото, солзење во очите и секреција од носот, кашлица која најчесто е сува. Секој заболен не мора да ги има сите наброени симптоми, а кај дел од заразените лица болеста може да помине и без симптоми или, пак, со благи симптоми на настинка.

Најголем број од заболените оздравуваат за една недела од почетокот на болеста. Кај ризичните групи – доенчињата и помалите деца, граѓаните над 65 години, лицата што боледуваат од белодробни, срцеви, малигни болести, дијабет и други хронични заболувања, грипот може да има сериозни последици. Кај овие луѓе инфекцијата со вирусот на грип може да доведе до влошување на постоечката болест и појава на многубројни компликации од кои најчесто е воспалението на белите дробови.

Како се лекува? Се спроведува хигиено-диететски режим (мирување, земање повеќе течности – топли напивки, лесна исхрана, витамини и минерали), а по препорака на доктор и во зависност од тежината на болеста, може да се дадат и одредени антивирусни лекови.

Се препорачуваат општи мерки за заштита од грип кои се насочени кон сите акутни респираторни заболувања и може да се од голема корист, особено ако се применуваат во текот на целиот зимски период: да се избегнува собирање и престој во простории каде што престојуваат повеќе луѓе,  особено да се избегнува близок контакт со луѓе што се болни или сомнителни – кашлаат, киваат, имаат покачена телесна температура, често да се мијат рацете со вода и сапун или дезинфекциско средство, да се загреваат просториите за престој и често да се проветруваат.

Понатаму, да се пијат топли напивки (чаеви и супи), овошни цедени сокови, вода со лимон, да се јадат свежи продукти богати со витамини и минерали, најдобро овошје и зеленчук кои му се неопходни на организмот. Особено се пожелни продукти богати со витамин Ц (цитрони, лимони, портокали, пиперка). Треба и да се  практикуваат здрав начин на живот и здрави навики,вклучително и добар сон и одмор, здрава храна, одржувајте ја физичката и психичката активност.

Ако и покрај сé се разболите од грип или некоја друга вирусна инфекција слична на грип, тогаш придржувајте се кон следните препораки: останете дома и не одете на работа, во училиште или на места каде има премногу луѓе, одмарајте се и земајте многу течности и лесна храна, не примајте посети додека сте болни.

Треба да ставате маска на устата и носот кога кашлате и кивате, користете влажни марамчиња кои содржат алкохол или средство за дезинфекција на рацете, проветрувате ја често просторијата каде што престојувате додека сте болни.

Претходно «
Следно »