ВО ПОТРАГА ПО ДАТУМОТ: Димитров се сретна со наследникот на Могерини и со советникот на Макрон

  • November 8, 2019

Министерот за надворешни работи Никола Димитров на маргините на „Стратешкиот дијалог за Западен Балкан“ организиран од Светскиот економски форум во Женева, се сретна со шефот на шпанската дипломатија Жозеп Борел, кој е номиниран за функцијата Висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и птседател на Европската комисија, како и со Клеман Бон, советник за Европа од Кабинетот на претседателот на Франција, Емануел Макрон.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, на средбата со шпанскиот министер и иден висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Борел, биле разменети мислења за неколку теми, со акцент на очекувањата за временската рамка за ратификација на Пристапниот протокол на Северна Македонија кон НАТО, со оглед на претстојните избори во Шпанија, како и за европската перспектива за регионот, ЕУ аспирациите на Северна Македонија и следните чекори по октомврискиот Европски совет.

– Министерот Димитров, посакувајќи му на Борел успех во извршувањето на претстојната значајна функција, изрази надеж дека за време на неговиот мандат ќе дојде до суштинско и мериторно придвижување на земјите од регионот кон ЕУ, истакнувајќи дека европски Западен Балкан е заеднички стратешки интерес и на ЕУ и на нашиот регион – стои во соопштението.
Со советникот на претседателот Макрон, Клеман Бон, министерот Димитров, како што се посочува во соопштението, имал отворен разговор за тоа како да се овозможи заедничка победа и успех преку адресирање на грижите на Франција, на Европската Унија, Македонија и на регионот.

Претходно «