ГРАЃАНИТЕ ПОРАЧУВААТ: Престанете со изговорите и фатете се за работа или одете си

  • December 1, 2018
  • Коментари

Загаден воздух, ѓубре и преполни контејнери, диви депонии и огнови што горат секоја вечер се рак-рана и проблеми на граѓаните на Скопје, а градот никако да се справи со сето ова.
Под изговор дека има само четворица инспектори за животна средина и дека поради малиот број вработени не може да се покријат сите точки на градот проблемите тапкаат во место, а најавите дека допрва ќе се вработуваат комунални инспектори и редари навистина не ги засегаат граѓаните. Обврска на градот е да им излезе во пресрет и да ги решава проблемите, а на граѓаните веќе одамна им е прекуглава од неажурност и неодговорно однесување и несериозен третман на акутните проблеми, кои секојдневно ги измачуваат.
Скопјани се револтирани и не трпат веќе никакви изговори, туку бараат резултати, надлежните да се фатат за работа и да почнат да им ги решаваат проблемите еден по еден. Акутен проблем им е, секако, загадувањето на воздухот, за кој одложување нема бидејќи во прашање е здравјето.

Не стивнуваат ниту реакциите на социјалните мрежи, каде што исто така се упатуваат директни барања за решавање на проблемите. Многумина од граѓаните почнаа да ги мапираат и да ги фотографираат местата на загадување, оџаците што чадат во одредени делови, и со тоа на тацна да им ги сервираат на градските власти. Ним им останува само да си ја завршат работата. Не станува збор само за граѓански асоцијации, туку и за граѓани поединци, кои посочуваат загадувачи илустрирајќи го тоа и со фотографии снимени било од непосредна близина на своите домови било од подалеку за да ги размрдаат одговорните и да им помогнат ним, а најмногу на самите себеси да се спасат од загадувањето, кое го мачи веќе подолг период овој речиси милионски град.

Наместо градот да им ги соопшти на граѓаните и да ги елиминира загадувачите, тие самите се организираат за да детектираат и да пријавуваат. Неодамна од „Мој воздух“ изработија архива на загадувачи и на новата страница овозможија опција за пријавување или за фотографии од загадувачи, кои ќе бидат визуализирани на мапа. Белите дробови на Скопје се загрозени и од прекумерните градежни активности, а градските власти ниту ова не го гледаат, велат скопјани.

– Во строгиот центар на градот зад ТЦ „Рамстор“ се изведуваат градежни активности, не одете подалеку. И уште колку други градилишта има од кои камиони и градежни машини излегуваат со валкани гуми, се крева прав сега кога најмалку е тоа потребно. Покрај ѓубрето само уште градилиштата ни фалат. А таму каде што градот не си ја завршил работата, како на пример тротоарите на Теодосиј Гологанов, ќе речат дека временските услови не дозволуваат градежни активности, па затоа тапкаат во место. Нека се фатат за работа и нека не бараат изговори – вели скопјанката Марија.
Секоја зима па и оваа жителите на овој град се задушуваат од загадувањето, а за целиот град има само четири надлежни инспектори.

– Градот располага со 4 овластени инспектори за животна средина, 10 комунални инспектори и 16 комунални редари. Бројот на казните изречени од страна на комуналните инспектори, комуналните редари и инспекторите за животна средина, во врска со загадувањето на животната средина по години, изнесува: 2015 – 1.079, 2016 – 875, 2017 – 926, 2018 досега – 712. Потребно е зголемување на бројот на инспекторите и веќе се работи во таа насока. Со почетокот на следната година бројот на овластени инспектори ќе биде зголемен и со самото тоа контролата ќе биде на едно повисоко ниво – велат од инспекторатот на градот Скопје.

Оттаму се оправдуваат дека четворица инспектори се малку за да се надгледува целиот град, па затоа го вклучиле и дронот, кој треба да открива загадувачи.
На скопјани ова не им значи ништо, бараат резултати, почист воздух и почист град.
– Потребен е 24-часовен надзор од инспекциските служби. Исто така опремување на инспекторите со соодветни уреди за мерење на загадувањето на воздухот. Ги повикуваме и граѓаните да се приклучат да бидат активни чинители и да пријавуваат доколку видат причинител на загадување на воздухот. Но исто така надлежните инспектори да не одат на опоменување туку на затворање на објектите што предизвикуваат загадување на воздухот – вели Гордана Несторовска претседателка на здружението „Радар“.

Проблемот со загадувањето на воздухот е децениски проблем, граѓаните се гневни затоа што главната цел на сегашниот градоначалник беше токму справувањето и решавањето на проблемот со загадувањето на воздухот.

Превземео од Нова Македонија

Претходно «
Следно »