ГРУЕВСКИ ПО СТАПКИТЕ НА РЕВОЛУЦИОНЕРИТЕ: По Чакаларов, Карев, Александров и Богдановски – Никола Груевски уште еден во низата дисиденти на ВМРО!

  • November 21, 2018

Сојузништвата со Австрија, Унгарија(Австро-унгарија), Германија, Италија и Бугарија дел од историјата на ВМРО

 

Постапката на Никола Груевски да ја напушти земјата со цел да избегне неправеден затвор, чија заднина беше казна затоа што 12 години остана стабилен и цврст во одбрана на уставното име, по многу нешта наликува на методите со кои ги заштитувале животите, секогаш кога можеле, речиси сите познати војводи, комити и водачи од делот на македонската историја во периодот на активното делување на ВМРО.

Имено секогаш кога ќе се нашле под посериозна кампања, посериозна акција на османлиските или подоцна српските и грчките воени и полициски сили, а во некои период и бугарските власти, со цел да бидат уапсени или ликвидирани, повеќето македонски револуционери прибегнувале кон времено дислоцирање на територија каде имале заштита и засолниште, за потоа кога ќе се смирела ситуацијата повторно да се вратат во борбените редови во борбата за каузата за слобода и независност.

Некои од нив знаеле да заминат и заради премор, болест, воени повреди или едноставно да бидат малку со семејствата, па по неколку месеци или години се враќале во четите или ги обновувале доколку во меѓувреме биле распуштени. Во тоа време главна дестинација за времено заштитување била Софија и други градови во Бугарија. Нивната Будимпешта била главно Софија.

Сепак некои од нив на подолго или пократко знаеле да заминат и во други земји, како на пример Италија и Австрија односно Австро-унгарија, а во подоцнежна фаза револуционери од левицата заминувале и во Советскиот Сојуз.

Австрија и Унгарија биле обединети како две држави во една, на принцип сличен на денешната ЕУ. Заеднички биле војската, надворешната политика, валутата и уште неколку државни функции, додека другите работи биле под власт на Виена и Будимпешта одделно.

Главниот задграничен комитет на ВМРО се наоѓал во Софија. Таму на пократко или подолго прибежиште, засолниште и времено смесетување, па дури и вработување во тешки моменти за да избегнат ликвидација или затвор, наоѓале повеќето македонски револуционери.

Васил Христов Чакаларов

На пример, легендарниот македонски војводата Васил Чакаларов од костурско, заминувал за Бугарија и во Софија неколку пати на подолг период. Во 1901 година се засолнил во Софија каде се оженил и ја добил својота ќерка, и каде и работел за да заработи за да преживее, а потоа повторно се враќа да ги предводи битките во Егејска Македонија.

Охридскиот војвода и член на ЦК на ВМРО Петар Чаулев, знаел во кризни моменти, некогаш и заради внатрешните пресметки во организацијата да се засолни во Милано, Италија, а по неуспехот на охридско-дебарското востание во 1913, извесен период бил пребеган и засолнет во Албанија.

Петар Чаулев

Ресенчанецот и прв претседател и основач на Организацијата д-р Христо Татарчев особено по амнестијата во 1902 година кога заедно со Пере Тошев од Прилеп, стружанецот Христо Матов, секретарот Даме Груев родум од Смилево, и други револуционери постепено излегуваат од затворот во Бодрум, се префрла во Софија каде станува и член на задганичниот комитет на ВМРО и каде се среќава и со премиерот на Бугарија, а подоцна во 1924 година под налетот на внатрепартиските пресметки се засолнува во Торино, Италија, каде престојувал и работел како лекар подолг период. По ослободувањето се враќа во Македонија, но под закана дека ќе биде уапсен за само неколку дена повторно пребегува во Торино, а неговиот внук и семејство се малтретирани, а имотот им е конфискуван од куминистичките власти.

Даме Груев и Никола Карев често се засолнувале во Софија, особено по неуспехот на Илинденското востание. По падот на востанието Бугарија и Османлиската империја договориле и се донесе закон за амнестија на учесниците во Илинденското востание во 1904 година. Востаниците требало да поднесат барање да бидат амнестирани.

Никола Карев

Но, и покрај согласно законот поднесеното барање и дури и ургенции преку разни конекции, никогаш османлиската империја, која иако го примила барањето, не одговорила на него. Подоцна Карев е убиен од османлиските власти кога дошол на територијата на Вардарска Македонија, слично како и Даме Груев кога при доаѓање од Софија, кај селото Русиново, беровско е ликвидиран.

Во 1946 година комунистичката власт политички ги апси браќата на Никола Карев, Ѓорги и Петар, кои умираат во затворот Идризово во 1950 година И 1951 година, а по интервенција на Лазар Колишевски, се трга името на Карев од првата верзија на македонската химна „Денес над Македонија се раѓа“.

Тодор Паница, Бугарин по националност, но член на Санданистичката македонска револуционерна група, кој по наредба на Јане Сандански го врши убиството на Борис Сарафов и Гарванов во 1907 година, по илегалниот престој во Бугарија, а подоцна и во Југославија каде издејствувал добивање пасош, во 1922 година се засолнува во Виена од намерите на десницата на ВМРО, каде дејствувал заедно со Димитар Влахов.

Главно засолниште на Тодор Александров, родум од штипската населба Ново Село е Софија, иако во еден период, кога земјоделската влада е на власт во Бугарија, тој и таму станува непожелен и под висок ризик.

Тодор Александров

Тодор Александров

По првата светска војна Тодор Александров се стационира во Софија со семејството, каде во тој период му се раѓаат и децата и од каде работи на возобновување на ВМРО после тешката депресија и растуреност на организацијата излезена од поразот во Првата светска војна.

Подоцна Александров лично со четите влегува и напаѓа на територијата на Вардарска и Егејска Македонија, под српска и грчка власт, но по одредени престои таму повторно се засолнува во Софија, за подоцна повторно да отиде во нови акции за ослободување на Македонија. Престојот во Софија е неминовен, бидејки и Србија и Грција распишале потерница и дури и парична награда за информација која би помогнала за негово апсење или елиминирање.

Ванчо Михајлов

Ванчо Михајлов, контроверзниот водач на ВМРО, кој практично организацијата ја управувал од Софија, исто така е родум од штипската населба Ново Село, во 1934 година по забраната и растурањето на ВМРО од страна на бугарските власти, а под притисок на Југославија поради атентатот врз кралот Александар во Марсеј, добива најпрво политички азил во Турција и официјално емигрира во Турција.

Од Турција во 1938 година заминува во Полска. Потоа емигрира краток период во Унгарија и се стационира во Будимпешта.

По почетокот на Втората светска војна тој добива прибежиште и престојува во Хрватска под власт на Анте Павелиќ, а по нејзиното завршување заминува во Австрија и подоцна во Италија, каде во Рим останува да живее до крајот на својот живот доживувајќи длабока старост.

Инаку владата на Кемал Ататурк (1923-1938) и веднаш по своето доаѓање за прв претседател на Турција во 1923 година, како нејзин основач по распадот на Османлиското царство, во континуитет била отворена за политички азил, прибежиште и емигрирање во случај на потреба на водството на ВМРО.

Иако до пред 10-тина години ВМРО се бори против Османлиското царство, подоцна кога веќе македонската територија е загубена, а царството распаднато, Ататурк гледа интерес од постоењето и активноста на водачите и другите челници на ВМРО, бидејки на Турција не ѝ одговара ниту силна и голема Грција, ниту силна и голема Србија.

Борис Сарафов родум од Пиринска Македонија, главно прибежиште и престојувалиште има во Софија, но во согласност со своите обврски во организацијата, често има пократки или подолги престои во Виена, Будимпешта, Женева, Париз, Русија, Белград, Италија и други држави и градови, каде меѓудругото обавува и дипломатски активности за организацијата, набавка на оружје и обезбедување донации за организацијата.

Слични се приказните во однос на повремените емигрирања на поголем дел македонски дејци во тој период, како Павел Шатев, Димитар Влахов, Христо Матов, Димо Хаџи Димов и многу други, како од десницата, така и од левите сили на ВМРО.

Драган Богдановски

Првиот почесен претседател на современто ВМРО- ДПМНЕ Драган Богдановски, поголем дел од својот живот е политички емигрант во повеќе држави, при што откако е уапсен како студент во Белград во 1948 година, заминува во Бразил и Аргентина, а подоцна живее во Париз и во Осло. Во тој период е водач на организацијата ДООМ која се залага за обединета и независна Македонија. Тој подоцна од страна на тајните служби (УДБА) е спектакуларно киднапиран во стан каде што бил поканет на гости кај Македонец во Париз, онесвестен со удар на тап предмет и врзан во дипломатско возило. УДБА тајно го донела во Љубљана, а оттаму во Македонија каде одлежува 11 години затвор и од каде излегува со трајни здравствени последици, болен и изнемоштен во 1988 по што, по исвесен период откако му се враќа пасошот заминува за Берлин и потоа во Шведска. По излегувањето од Идризово од него се бара еднаш неделно да пријавува присуство пред државните органи. Секретарот на ДООМ Благоја Шамбески е ликвидиран во Минхен од агент на УДБА во хотел во кој работел.

Првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски, по падот од власт во 2002 година, зема бугарско државјанство и пасош, според многумина со главна цел да се засолни од евентуален политички прогон на владата на СДСМ, кој со многу компромиси со националните прашања успеа да го избегне, па дури во подоцнежна фаза стана и нивни сојузник.

Денес вториот претседател на ВМРО-ДПМНЕ по три години видлив политички прогон и хајка, доби политички азил заради политички прогон од Република Унгарија каде што пребегна под закана да биде затворен од власта на СДСМ, откако претходно одлучи да не ги прифати понудите за скршнување од патот на заштита на националните интереси на Македонија, овој пат поврзани со промена на името на државата, името на нацијата и Уставот на Република Македонија, и генерално со договорот со Грција и претходно со Бугарија, и двата на штета на македонските национални интереси.

Во првата светска војна ВМРО на Тодор Александров како најмоќна револуционерна организација во Европа во тоа време, склучило сојуз со Германија, Австро-Унгарија и Италија, и оттаму добивале голема воена, финансиска, политичка и дипломатска помош. Пред да се определи на чија страна ќе застанат, ВМРО на Тодор Александров испратил пет интелектуалци, универзитетски професори, декани и ректори на Софискиот универзитет, а родум од Штип и од други градови во Вардарска Македонија. Тој ги испратил како политички преставници на организацијата, да разговараат со двете штотуку завојувани страни, и да се обидат да издејствуваат сојузништо со онаа страна која ќе им вети независност или автономија на целата географска Македонија по завршување на војната. Англија, Франција, и царска Русија одбиле да им дадат ветување, бидејќи нивни сојузници веќе биле Србија и Грција, а ВМРО претендирале освен на Пиринска и на Вардарска и на Егејска Македонија под српска односно грчка власт. Германија, Австро-Унгарија и Италија им ветиле, и затоа и покрај препораката на политичките преставници да се остане неутрален, Тодор Александров одлучува да не ја пропушти таа историска шанса како што ја гледал тој за автономија или независност на обединета Македонија. Откако ВМРО самостојно склучува пакт со овие земји, потоа врши влијание и врз Владата на Бугарија да се приклучи кон оваа тројка и тоа заради истите причини како и ВМРО: Автономија на географска Македонија и истата како федерална единка во федерација со Бугарија. По распуштањето на ВМРО во 1934 година, остатоци од организацијата (Ѓузелов, браќата Шкатрови, Кирил Дрангов, Китанчев и други) во Втората светска војна стануваат активни сојузници на Германија и на Италија, во чие сојузништво се и помалите – Бугарија, Унгарија и Хрватска (НДХ) на територијата на Македонија, на тој начин гледајќи шанса за создавање независна македонска држава.

Се на се, покрај многубројните жртви, атентати, предавства и херојски потфати, две работи провејуваат во историјата на ВМРО. Првата, постојаните потреби од политички азили, политички емигрирање или неформални времени засолнувања во други држави од потешки ситуации, и втората сојузништвата со Германија, Австрија и Унгарија (Австро-Унгарија), како и Бугарија и Италија.

Колку и да сакале да се во сојузништво со Франција, Англија и Русија, секогаш пречка била нивната идеја и фанатична заложба, особено на десницата во организацијата, да се ослободи цела географска Македонија, вклучувајќи ги Егејска под грчка власт и Вардарска под српска власт. Овие две држави се традиционални сојузници на победниците во двете светска војни – Франција, Англија и Русија.

Царска Русија секогаш им давала јасно на знаење на преставниците на ВМРО, како Сарафов на пример, кои оделе во Русија, да бараат поддршка барем за автономија на Македонија. Ставот на Русија бил дека тие стојат зад Бугарија, на која треба да и припадне цела Македонија. Ова од причина што Бугарија е држава создадена од Русија, и долго време нејзин сателит по победата на Русија врз Османслиската држава во 1878 година, и склучувањето на Санстефанскиот договор, а подоцна и Берлинскиот мировен договор.

Англија и Франција како традиционални сојузници на Грција и Србија исто така никогаш не можеле да си дозволат преголемо кокетирање со ВМРО и нивниот безкомпромисен став за обединета независна или автономна Македонија.

Сепак, независно на се, борбата и жртвата на ВМРО дала и дава огромен и пресуден придонес во остварувањето на македонската кауза.

Претходно «
Следно »