ГРЦИТЕ ИМААТ ПОГОЛЕМ ПРОБЛЕМ ОД ИМЕТО: „Сме се фатиле за името, а вистински проблем ни е Анкара“ – смета колумнистот Том Елис

  • February 9, 2018
  • Коментари

Новинарот Том Елис во својата колумна објавена во денешниот број на грчкиот весник „Катимерини“ посочува дека вистинска закана и иредентизам Грција треба да бара во Турција, а не во Македонија, кон која ги концентрира своите обвинувања и енергија.

„Долго време во Грција разговараме, расправаме и бараме вина за името на Поранешна Југословенска Република Македонија (ПЈРМ), иако повеќето држави ја признаа земјата како ‘Република Македонија’ пред многу години. Продолжувањето на овој дипломатски ќорсокак ни штети на два фронта.

Првиот се однесува на нашиот однос со северниот балкански сосед, кој можеше да се развие во најблизок сојузник на Грција и најприроден партнер со попаметен и пофлексибилен пристап. Вториот има врска со улогата и влијанието од друг сосед, оној кој навистина ги прикрива иредентистичките претензии кон Грција и со својата реторика и однесување претставува закана за нашата земја“, констатира Елис во коментарот насловен „Односите со ПЈРМ и влијанието на Турција“.

„Сигурно дека секое прашање е важно и прашањето со името на ПЈРМ секако заслужува внимание и вешто справување. Но, секоја земја, а посебно таква со големина на Грција, треба да ги приоретизира своите предизвици и соодветно да реагира.

Колку подолго односите меѓу Атина и Скопје остануваат непријатни, толку повеќе Турција е во состојба да го зголеми своето влијание на Балканот, како дел од политиката што има јасни геостратешки цели, како и религиозна димензија. Ердоган ретко ја пропушта можноста да ја изрази својата поддршка за пристапот на Македонија во НАТО и постојано ја обвинува Грција дека делува неправедно со спречувањето на тоа да се случи сè додека не се реши спорот за името.

Во повеќе јавни говори турскиот претседател изјави дека Турција и ‘Македонија’ ги поврзува ‘братство’, дека Анкара и Скопје немаат ‘никакви разлики’, дека Турците никогаш нема ‘да се откажат своите македонски браќа’ и дека ‘Турција е секогаш на страна на Македонија’. Тој дури тврдеше дека Анкара нема да дозволи промена на името на БЈРМ“, додава коментаторот на „Катимерини“ пред да поентира.

„Турција веќе има големо влијание на Балканот и сега оди на тоа во голема мера да го зголеми. Единствениот одговор што Грција може да го има на ова е понатамошно зајакнување на односите со балканските држави на мултилатерално ниво – Атина навистина ги спроведува иницијативите и ја користи својата улога како членка на Европска унија и на НАТО – но и на билатерален. Во овој контекст, подобрувањето на врските со ПЈРМ ќе се покаже од витално значење за интересите на Грција“, заклучува тој.

Претходно «
Следно »