ГРЧКИТЕ МЕДИУМИ СО СКАНДАЛОЗНО ОБВИНЕНИЕ: Дали амбасадорот на САД во Грција ги дал средствата за поткуп на македонски пратеници?

  • October 22, 2018

Во Грција, министерот за одбрана Панос Каменос, прв проговори за поткуп на пратениците во Поранешната Југословенска Република Македонија, со цел да се изгласа иницијативата за пристапување кон измени на Уставот, согласно Договорот од Преспа, пишува весникот „То Вима“.

 

Во новата анализа новинарите од „То Вима“ посочуваат дека амбасадорите на САД се должни да одговорат на обвинувањата дека од САД потекнуваат два милиони долари кои биле дадени за да се осигура гласањето во парламентот и со тоа да се поддржи Договорот од Преспа. Каменос, пишува весникот, индиректно но јасно упатува дека САД и американските дипломати инјектирале голема сума на пари за да се обезбеди двотретинското мнозинство во македонскиот парламент и на тој начин да се спаси Договорот.

„Се подразбира дека премиерот, Зоран Заев, не би можел да ги потплати пратениците, бидејќи нема доволно средства. Играч од страна би морал да ги снабди финансиите. Ваквите обвинувања, кои беа на повеќе начини изнесени во ФИРОМ, се мошне веродостојни, бидејќи и Грција има исто така горчливо искуство од минатото со такви интервенции“, пишува „То Вима“ и додава дека амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат, мора да одговори на обвинувањата.

Во написот стои дека ваквите политички игри можат да предизвикаат негативен ефект бидејќи станува збор за мешање во распределбата на политичката моќ, дисхармонија во политичките центри на моќ, што може да доведе до политичка криза. Таквата криза може да одекне и во другите земји од регионот, предупредува „То вима“.

„Пајат треба јасно да каже што се случува и да ја објасни неговата улога. Тој треба да понуди гаранција дека не е тука за да управува со дестабилизација, со цел да го спречи влијанието на конкуретната моќ. Постојат одредени обвинувања кои не можат да поминат неодговорени, бидејќи не само што фрлаат сенка на одлуките и изборите, туку се закануваат да ги пореметат балансите што биле постигнати. Со други зборови, мораме да имаме појасна слика за игрите што се играат зад нашиот грб“, пишува весникот.

Претходно «
Следно »