ДАРКО ЈАНЕВСКИ „В ЛИЦЕ“: Да сте живи здрави, среќни и радосни

  • December 31, 2016

Darko-JanevskiОткако сега стана јасно што се случувало со емисијата на Миленко Неделковски на „Kанал 5“, се чини дека британскиот амбасадор Чарлс Гарет, како еден од одговорните за слободата на медиумите во Македонија и нејзина заштита од цензурата, ќе треба да го повика американскиот амбасадор Џес Бејли на превоспитување. Се разбира, подолу не треба да останат ниту шведскиот амбасадор Матс Стефансон, кој велеше дека во Македонија имало поголема слобода на медиумите пред 20 години (од каде пак тој кутриот, долетан во Македонија од вселената, знае како било овде во 1996 година), холандскиот амбасадор, чија земја истури едночудо пари овде, исто така за слободата на медиумите, го чекаме и јавувањето на Самуел Жбогар, чија ЕУ му даде 200.000 евра на ЗНМ на Насер Селмани, претпоставуваме за борба против цензурата, а секако треба да го чуеме и гласот на Германката Алтхаузер. Зашто сите тие не можат да го смислат Миленко, ама нели, како луѓе од принцип, ќе го бранат неговото право да не биде цензуриран, па посебно не од странски амбасадори кои слободата на медиумите не ја извадија од уста. Ех, да, да не ја заборавиме и мисијата на ОБСЕ во Скопје (не во Република Македонија), која би требало да гукне нешто откако во последно време нападно исчезна фронтменот „жута“ Дуња Мијатовиќ.

Ова, не поради друго, туку колку да не помислиме дека не се принципиелни и колку да не помислиме дека цензурата е лоша работа ако би ја наложувале Руси и Kинези, а на домашен терен Груевски, ама е добра кога ја практикуваат Американците и нивните домашни потрчковци со Бранко Црвенковски во срцето. И една молба до сите тие амбасадори: кога ќе имаат официјални средби со вмровците, да ги замолат да му купат уште некоја, јахта ли беше, авион ли беше, на Емил Стојменов. Да не остане детето со една. А кога ќе има гужва, пак нека ги викаат по митинзи оние што живеат со 20.000 денари месечно и со прокиснати покриви на куќите.

Барак Обама се чини излезе од контрола. Дечкото збудале. Ај што протерал 35 Руси, негова работа, ете сите чекаа Русите да му протераат 35 Американци, па тој да одигра нов чекор, па Путин пак да му врати и малку по малку за 20 дена, колку што му остануваат до седнувањето на Трамп во Белата куќа, ако може да се стигне и до притискање на црвените копчиња. Е, сега, проблемот го направи Путин, кој рече дека нема да протеруваат американски дипломати и ги покани нивните деца на новогодишната прослава во Kремљ, што не значи дека сега Обама нема да смисли нешто ново. Но, како што рековме, негова работа. Тоа што за нас би било интересно е прашањето зошто Обама ги протера руските дипломати? Му се мешале во изборите? Па, тогаш, другар Обама, ние што да правиме со овие твоите цијаши овде што ни одложуваат избори, ни организираат револуции, ни носат Албанци од Kосово да гласаат за Заев, а пред тоа ни пишуваат изборни закони со стотици дебилности внатре, кои потоа стануваат наши. Што да правиме со нив? Може ли Никола Поповски (патем, каде исчезна момчево по поразот од Стево Пендаровски?) да праша за ова кај Џон Kери, или ако не стигнуваме до него, кај Нуланд, кај оној Хојт Ли, кај Рикер или, на крајот на краиштата, кај самиот Бејли? Значи, ако американската демократија ни е во срце, во душа, во ум и плус тетовирана, кај некого погоре, кај некого подолу, зависно од афинитетите, тогаш како да ја примениме оваа лекција од Обама? Оти ова не безначајна работа, а народ како народ, си сака поука од поумните. Нели? Да не зборуваме за тоа дека ние се определивме во политиката да ги следиме сериозните држави како САД. Затоа, другари и другарки, прашајте. За да знаеме.

Инаку, настаните некако го прегазија оној текст на Британецот Тимоти Ли за федерализација на Македонија како прв чекор, па потоа нејзина поделба. Типот бил некаков политички комесар во британската амбасада во Скопје, а таквите типови обично властите ги користат за да го кажат тоа што тие самите не сакаат во тој момент да го отворено да го соопштат. Амбасадата потоа реагира со соопштение дека неговиот став не бил и став на Велика Британија, на владата во Лондон и на самата амбасада. Ама не кажа кој е британскиот став? Што поддржуваат Британците? Унитарна Македонија во сегашните граници? Или не поддржуваат ништо, туку оставаат тоа граѓаните на РМ да го решат во согласност со својата волја, која се изразува на референдуми (ненаместени) или на избори (чесни, а не како тие што ни ги организираат странски амбасадори). Или, сепак, Гарет можеби ја турка идејата за кантонизација? Значи, Британците кажаа дека ставот на Тимоти Ли не е нивен. Добро. А кој е тогаш нивниот став?

Во овој контекст да не го одминеме и жешкото прашање за двојазичноста што го наметна Зоран Заев во изборната трка. Тој ја фрли топката, овозможи сега албанските партии да излегуваат со цел пакет барања, кои не на долг, туку на краток рок значат дезинтеграција на Македонија и на тој начин во периодот што следува ќе овозможи политичката криза предизвикана од СДСМ (наводно поради некредибилните избори и фантомите во 2014 година) да се претвори во непомирлива меѓуетничка криза. Налогодавците на Заев, вклучувајќи ги оние што си нарачувале предмети во СЈО, многу добро знаат што направиле, ама дали тој има барем малку претстава дека сето ова може да заврши многу, многу лошо, не ни е јасно. Иако чисто се сомневаме дека тој разбира барем малку од сето ова.

За крај, што друго, освен среќна ви Нова 2017 година! Да имате здравје, среќа и радост. Се разбира, сите, вклучително и оние што не ни посакуваат здравје, среќа и радост.

Дарко Јаневски
Дневник

Претходно «
Следно »