Двојно зголемен бројот на зaболeни во светот во последните два месеци

Бројот на нови случаи на коронавирус во светот на неделно ниво е речиси двојно зголемен во последните два месеца и се приближува до највисоката стапка на инфекција од почетокот на пандемијата, изјави шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрејсус.

„Случаите (инфекции) и смртните случаи се зголемуваат со загрижувачки стапки“, рече тој на брифинг фокусиран на Папуа Нова Гвинеја (ПНГ) и регионот на западениот Пацифик.

Шефот на СЗО рече дека е многу загрижен за ПНГ и дека е од клучно значење за земјата да добие што повеќе вакцини против Ковид-19.

ПНГ потврди повеќе од 9.300 инфекции и 82 смртни случаја.

„Иако овие бројки и натаму се пониски отколку во други земји, порастот е голем и СЗО е загрижена за можна многу поголема епидемија“, рече Тедрос.

Министерката за здравство на земјата, Јелта Вонг, рече дека е предизвик да се убедат луѓето да носат маски и да се отстрани неверувањето во самата болест, што може да го компилицира воведувањето вакцини.

Официјални лица на СЗО соопштија дека три екипи за итна медицинска помош пристигнале во ПНГ оваа недела од Австралија, САД и од Германија.

„Ситуацијата е крајно предизвикувачка во моментот“, вели Такеши Касаи, регионален директор на СЗО за западниот Пацифик.