ДЕТАЛИ ОД ТЕЛЕФОНСКИТЕ РАЗГОВОРИ НА ТЕРОРИСТИТЕ: Артан Груби преговарал со терористите, ОБСЕ знаеле за терористичкиот напад!

  • July 20, 2017

Голем број на докази, меѓу кои и транскрипти од разговори помеѓу терористите од терористичката група која изврши напад во кумановско Диво Насеље обезбедени со ПИ-мерки, ДНК анализи, вештачење на користеното вооружување, парафински ракавици, наоди од обдукциската истрага, фото и видео документација и голем број на материјални докази денес беа дел од завршните зборови во судењето на терористичката група од Куманово, за која обвинителите побараа доживотен затвор поради тероризам

 

На повеќе од 40 страници, обвинителите од Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска и Наум Паноски ги презентираа доказите и анализите на организацијата на терористите во својот завршен збор, кој во детали беше образложен пред судот.

Обвинителите објаснија дека терористичката група во државава влегла со голем арсенал на вооружување кое го чувале во шума, а нивната цел била загрозување на животот и телтото на граѓаните и предизвикување на општа опасност. Обвинителите доказите ги образложуваа неколку часа.
Обвинителот Пановски во завршниот збор, објави и дека постои телефонски разговор кој е дел од папката со докази, на кој се слуша како обвинетиот Мухамед Красниќи алијас. Командант Малишева зборува со непознато лице во затвор.

„Се е спремно. Ние сме спремни на сите страни, само уште вас да ве извадиме од таму“, ветувал Малишева на лицето со кое контактирал во затворот.

Според Пановски, во телефонските разговори јасно и недвосмислено се утврдува дека обвинетите остварувале контакт меѓусебно, со водачите на групата и лица од надвор, но и со претставници на ОБСЕ, а во дел од завршниот збор беше посочен и телефонски разговор со пратеникот на ДУИ Артан Груби кој претходно беше повикан да сведочи, од страна на обвинетите.

Во телефонските разговори, терористите правеле договори за тоа како да се групираат, каде да се сместат. Го следеле движењето на полицијата, но и го договарале нападот на полициската станица во Гошинце, како и терористичкиот напад во Куманово. Се координирале за време на целото движење и разменувале информации за присуството на полицијата, но и за степенот на вооружување на полицајците. Освен ова, тие организирале и пречек на нова терористичка група.

 

Координатите што им биле давани од лицата со кои зборувале обвинетите и кои обвинителството ги има со кодни имиња, се да се здружат, да бидат во што поголем број и кон терористичката група да се вклучат и други – пренесува МКД.мк

Обвинителот Паноски, посочува и дел од разговорите обезбедени со посебни истражни мерки, во кои обвинетите меѓусебно се договарале, а во еден од разговорите се слуша дека терористите дознале дека полицијата ги открила.
„Слушна ли дека пукна работава, полицијата не откри“ – стои во разговорот, по што терористите побарале и засилување. Освен ова тие телефонски разговарале и преговарале предавање. Преговорите за предавање на групата ги водел Артан Груби, но услов на терористите бил ОБСЕ да биде присутен ако се предаваат.

 

На 9 мај, денот кога терористите се судрија со полицијата, обвинителството како доказ обезбедило разговор во кој командант Малишева зборува со непознато лице, кое му вели: „Снајперистите се качени над амбулантата, ги гледам“, рече обвинителот Паноски во завршните зборови – пренесува МКД.мк

Доказите што ги има против обвинетите во овој случај Обвинителството ги поделило во неколку групи. Во првата група се доказите за полициската станица во Гошинце, а во останатите класери се за терористичкиот напад во Диво Насеље.

„Обвинителството располага со цврсти докази дека обвинетите ги сториле кривичните дела тероризам и терористичка организација. Во полициската станица во Гошинце се најдени траги кои потврдуваат дека се сторени кривичните дела и дека дел од обвинетите биле на местото. Членовите на групата меѓусебно се познавале од конфликтот во Косово во 1999 и од конфликтот во Македонија во 2001-та година. На местото на терористичкиот напад се најдени десет лешеви на членови на групата. Обвинетите се регрутирани еден дел врз основа на материјална корист, а останатите врз основа на политичка идеологија. Обвинетите биле на местото на настанот,а тоа го потврдивме и со ДНК-анализа“, рече во завршниот збор обвинителот Наум Паноски – пренесува МКД.мк

Паноски објаснува дека неколку дена пред терористичкиот напад во Куманово, терористите се поделиле во две групи кои илегално влегле во Македонија и со ТМВ биле префрлени во Диво Насеље, Куманово. Оружјето го криеле во шума, се координрале телефонски за движењето на полицијата.

Судењето продолжува на 28 јули.

Претходно «
Следно »